Потпишана спогодба за повисоки плати во здравството

Самостојниот здравствен синдикат и министерот за здравство во владата го потпишаа зголемувањето на септемвриските плати за 5 проценти на медицинскиот персонал.

Спогодба за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност потпишаа денеска во Владата министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.

На потпишувањето на Спогодбата присуствуваше и претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев кој истакна дека од следниот месец средномедицинскиот кадар ќе добива дополнително по 1.500 денари, докторите специјалисти на универзитетските интерни клиники ќе добиваат плус 3.756 денари, лекарите специјалисти во општите болници по 4.060 денари, а на докторите специјалисти на универзитетските клиники за хируршки болести платата ќе им биде повисока за 4.548 денари.

- Кога на оваа сума ќе се додаде зголемувањето на надоместокот за прекувремена работа, дежурства и ноќен труд сигурен сум дека тоа во значителна мера ќе ја подобри положбата на сите работници во здравствениот систем. Со ова Владата и Министерството го исполнуваат даденото ветување за подобрување на стандардот на здравствените работници, но во исто време го зголемуваат мотивот за работа на лекарите, посочи Заев.

Потенцира дека мора да се обезбедат услови лекарите да бидат задоволни бидејќи само така ќе го дадат најдоброто од себе и целосно ќе се посветат на грижата на своите пациенти.

- За нас од Владата сега е само почеток и се надеваме дека со перформансите на Буџетот голема реалокација на средства ќе дојдат за подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал, лекарите и сите кои работат во здравството, секако и за севкупно подобрување на условите во здравствениот систем, рече Заев.

Тој им порача на лекарите, но пред се на граѓаните дека продолжуваат неуморно да работат за да создадат уште пофункционално и поефикасно здравство.

- Ќе создаваме здравствен систем по највисоки стандарди и ќе се доближиме до стандардите на развиените европски земји. Тоа е целта на оваа Влада. На овој пат не сме сами, Македонија добива поддршка, помош и подадена рака од сите земји партнери, секако најмногу од Европската унија. Грантовите и финансиската поддршка кои и сега ги добива Македонија од фондовите на Унијата за развој ќе се зголемат неколкукратно по зачленување на земјата во ЕУ, вклучително грантовите и фондовите наменети во здравството, рече Заев.

Додаде дека сето тоа ќе значи нови поголеми болници, повеќе средства во буџетите на болниците, повеќе пари за современи лекови, подобри здравствени услуги, а со тоа и многу позадоволни пациенти.

Министерот Филипче рече дека со потпишувањето на денешната Спогодба се отвора формалниот пат за зголемување на платите на сите вработени во здравството за пет проценти, односно зголемување на основицата за пресметување на плата за вработените во ЈЗУ од 12.654 денари на 13.286 денари.

Посочи дека зголемувањето ќе почне да се применува со исплатата на септемвриската плата и дека тоа ќе значи реализација на уште една точка од Програмата за работа на Владата.

Каранфиловски рече дека потпишувањето на Спогодбата претставува потврда за добар и успешен социјален дијалог меѓу социјалните партнери, а за нив како Синдикат уште поголема придобивка по основ на платите на вработените.

- Најголемата придобивка е исполнувањето на ветувањето на Владата за ова зголемување на платите, а најбитното за нас како Синдикат е што ова покачување се однесува за сите вработени во здравството, рече Каранфиловски и потенцира дека ја поздравуваат ваквата активност на Владата.

Истакна дека на преговарачката маса со Министерството за здравство се ставени веќе и корекциите на коефициентите на сестрите со средно образование и корекциите на коефициентите на лекарите специјалисти.

- Сметам дека со овој пристап со одредена динамика на реализирање ќе направиме едно комплетно задоволство во здравството и сите одредени пропусти и она што не се случуваше досега ќе биде предмет на наши договори, рече Каранфиловски и ја поздрави, како што рече, оваа втора фаза за комплетно зголемување на платите за сите вработени во здравството.

Потсети дека во првата фаза имало зголемување по основ на процентите на дежурствата на лекарите специјалисти, за ноќен труд, како и корекција на коефициенти на специјалисти од санитарна./МИА.

Орбан со чудна порака по повод 20 години во ЕУ: Ние сме на граница меѓу војна и мир

По повод 20-годишнината од влезот на неговата земја во Европската унија, унгарскиот премиер Виктор Орбан даде интервју во кое донекаде ги нападна креаторите на актуелната политика во Брисел.

Како што пренесува порталот „Унгарија денес“, Орбан дал интервју за Радио Кошут и емисијата „Добро утро, Унгарија“.

„Кога Унгарија стана членка на Европската унија пред 20 години, не очекуваше дека ќе има некои радикални промени во овој блок“, започна премиерот и продолжи:

„Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност тврди дека војната од големи размери не е фантазија, додека Полска веќе наведува дека војната нема дипломатско решение. Европа си игра со оган, ние сме на граница меѓу мирот и војната“.

Унгарија со големо мнозинство го поддржа пристапувањето во ЕУ во 2003 година, а пристапните преговори беа финализирани на 1 мај следната година. Во тоа време Орбан беше голем противник за влез на Унгарија во Унијата. Сега премиерот тврди дека повеќе не е во национален интерес на земјата да биде дел од Европската унија.

„Кога се приклучивме, не очекувавме дека ќе бидеме принудени да примаме мигранти од други делови на светот или дека ќе ни вршат притисок затоа што ги заштитивме семејните вредности и дека бракот е дефиниран како врска меѓу маж и жена. Не очекувавме дека европските лидери ќе го водат континентот кон војна наместо кон мир“, рече Орбан.

Тој ги повика Европејците да гласаат на претстојните избори за Европскиот парламент за партиите кои поддржуваат мирно решение на војната во Украина, вклучувајќи ја и владејачката партија Фидес.

„Ако значителен број членови на Европскиот парламент се за мир, тогаш можеме да ја вратиме Европа од работ на бездната“, смета тој.

Пред да влезе во ЕУ, Унгарија стана членка на НАТО во 1999 година. Во март оваа година, американскиот амбасадор во Будимпешта го обвини Орбан дека ја поткопува поддршката на Алијансата за Украина и дека е на страната на Русија.

Сите се воодушевени од новиот имиџ на Ријана: Како некој може да биде толку убав? (ВИДЕО)

Новите фотографии од Ријана го обиколија светот.

Пејачката блесна на промоцијата на новите производи на нејзиниот бренд Fenty Beauty во Лос Анџелес. Таа носеше фустан во кремова боја, а најмногу внимание привлече нејзината коса која сега е во боја на мед. Фановите се во транс.

„Таа е најубавата жена“, „Со такво лице може да владее со светот“, „Не старее“, „Оваа Ријана да се прогласи за најубава жена што живеела на планетата“, „Дива“, Таа е нереална“, „Како може некој да биде толку убав?“, „Оваа боја одлично ѝ стои“, се само дел од коментарите на Твитер.

Бугарија доцни со инфраструктура за воените Ф16 - пристигнуваат во 2025, а нема ниту база

Бугарските воздухопловни сили наскоро ќе добијат нови авиони Ф-16 на Локхид Мартин.

Иако авионите во моментов се склопуваат во фабриката, останува под знак прашалник дали ќе можат да бидат испорачани во Бугарија поради немањето клучна инфраструктура.

Министерството за одбрана на Бугарија е под голем притисок навремено да ги заврши работите околу изградбата на инфраструктурата за прием на авионите Ф-16. Примопредавањето на првите осум, од вкупно 16 нарачани авиони, е планирано за 2025 година, но Бугарија се уште не е подготвена да ги прими.

Минатата недела на 3. воздухопловна база Граф Ингатиев присуствуваа американски експерти кои се задолжени да ја проценат состојбата на работите. Доколку не заврши изградбата и уредувањето на просторот, Американците нема да ја сертифицираат базата и бугарската авијација нема да може да ги преземе авионите, пишува Балканската безбедносна мрежа.

Бугарските авиони моментално се склопуваат во објектот на Локхид Мартин во Гринвил, Јужна Каролина, а првиот F-16C/D Block 70 треба да полета до крајот на 2024 година. Пристигнувањето на Ф-16 во Бугарија се очекува следната година, иако во моментов не е сигурно дали воздухопловните сили ќе можат да ја подготват базата за прием на авионите.

Изградбата на хангари и други објекти беше предмет на расправа и на бугарскиот парламент на почетокот на април. Поранешниот министер за одбрана Тодор Тагарев изјави дека процесот на инвестирање е започнат во време кога недостигале целосни информации за посебните барања за инфраструктурата, пренесува Балканската безбедносна мрежа.

Градежните планови се сменети, а инфлацијата наводно им била проблем на изведувачите. Тодор Тагарев се уште се надева дека Граф Ингатиев до крајот на 2024 година ќе биде сертифициран од партнери.

Бидејќи работата во 3-та воздухопловна база засега не е ниту на повидок, се осмислуваат други (привремени) решенија во случај Бугарија да не го добие сертификатот навреме. Како потенцијална локација за привремено сместување на Ф-16 се споменува Словачка, која исто така е во процес на модернизација на флотата на воздухопловните сили со F-16 Block 70.

Бугарското небо, моментално го чуваат борбени авиони МиГ-29 од советско/руско потекло. Бугарските воздухопловни сили ќе ги заменат своите авиони со 16 помодерни и пософистицирани Lockheed Martin F-16 Block 70, за кои е потребна значително подобра инфраструктура.

притисни ентер