Последна шанса за пријавување на Виз Ер Скопски маратон 2023

Полека, но сигурно наближува најголемиот спортски настан за оваа година. Уште 12 дена нѐ делат од најпознатата трка во Македонија и на Балканот, Виз Ер Скопски маратон, кој ќе се оддржи по 19ти пат.

Маратонот е сертифициран од страна на АИМС и Светска атлетика и е дел од квалификациските трки за Светско првенство во старосни категории, под капата на ABBOTT WORLD MARATHON MAJORS, кое ќе се одржи во Чикаго на 8 октомври оваа година.

Сите заинтересирани тркачи, кои сè уште не се пријавиле на настанот, тоа можат да го направат заклучно со 20ти септември 2023 на официјалната страна на Виз Ер Скопски маратон http://skopskimaraton.com.mk/prijavuvanje/.

19то издание на Виз Ер Скопски маратон, ќе се оддржи во недела на 01.10.2023 година со традиционалните трки, кои се дел од оваа спортска манифестација. Стартот на маратонот ќе биде пред Собранието на Р. Македонија, додека целта ќе биде Плоштадот „Македонија“. Стартот на сите трки ќе биде во 08:00 часот.

Подигнување на стратните пакети сите учесници ќе имаат можност да го направат на 29ти и 30ти септември 2023, (петок и сабота), на Маратон и Спорт Експо 2023, во СЦ Јане Сандански, од 10:00 до 20:00 часот. При подигнување на пакетите, тркачите ќе треба да прикажат потврден меил од пријавата или документ за идентификација.

Секој учесник на Виз Ер Скопски маратон добива вредносен ваучер од 20 евра од насловниот спонзор на трката, Виз Ер, кој можат да го користат до наредното издание на маратонот.

Виз Ер Скопски маратон е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб „Работнички“ од Скопје, а под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт.

Подетални информации поврзани со маратонот може да се најдат на официјалната веб страна на трката: skopskimaraton.com.mk, како и на официјалните профили на Виз Ер Скопски маратон на социјалните мрежи Facebook и Instagram.

Ковачевски оптимист за уставните измени, без коментар за кавгата меѓу Мицкоски и Груевски

Премиерот Ковачевски не сака да ја коментира кавгата меѓу Мицкоски и Груевски и обвинувањата дека екс премиерот и помагал на власта за уставните измени, но вели дека останува оптимист за гласови во Собранието од опозиционери.

Премиерот Ковачевски не сака да ја коментира кавгата меѓу Мицкоски и Груевски и обвинувањата дека екс премиерот и помагал на власта за уставните измени, но вели дека останува оптимист за гласови во Собранието од опозиционери кои се залагаат за евроинтеграциите на Македонија.

Ковачевски верува и дека до февруари земјава може да го затвори првото поглавје од преговорите со ЕУ, доколку промената на уставот се случи до крајот на оваа година.

Наспроти оптимизмот на премиерот за двотретинско мнозинство, опозицискиот лидер Мицкоски и од партиски настан вчера повтори дека целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ се изјаснила против промена на уставот, а уверува дека партијата е сплотена.

-ВМРО-ДПМНЕ драги браќа и сестри е силно и без внатрешни поделби. Обединето и сплотено. Фокусирано кон пад на оваа власт. А, тоа го покажува и бројката на 44 пратеници кои се гаранцијата дека нема да попушти браната против уставните измени кои значат прифаќање на надворешен диктат, наспроти поделената СДСМ и помалиот број на пратеници за уставни измени. Тука не треба да се заборави и фактот за дестабилизрината и поделна ДУИ. - Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Додека Мицкоски го посочува Груевски како соработник на владејачките партии во обид да ја подели ВМРО-ДПМНЕ околу уставните измени, Груевски со контра напад – дека Мицкоски тајно соработувал со Заев. До пред година-две ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека Заев е нај корумпираниот политичар, предавник итн. Гледам сега се плашат името да му го спомнат. Со тој ли сега политички сојузници треба да бидеме? Уцена ли е во прашање? – пишува Груевски на фејсбук.

Трајанов: Ситуацијата е во критична фаза, ЕУ немоќна да ја разреши ситуацијата

Ситуацијата е во критична фаза, ЕУ немоќна да ја разреши ситуацијата, клучно е да не се рашири конфликтот.

Ситуацијата на Косово е во критична фаза по вина и на Белград и на Приштина, смета лидерот на Демократски сојуз и поранешен министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

Тој цени дека Брисел нема механизам да ги натера да го спроведат договорот но клучно е вели тој конфликтот да не се прошири.

Целиот разговор на Михаела Димовска со првиот човек на Демократскиот сојуз Павле Трајанов погледнете го во видеото.

Османи: Седумтемина наши државјани од Бањска, Косово се враќаат дома

Седумте македонски државјани, меѓу кои и дете, кои беа заглавени на Kосово утрово безбедно се вратени дома, информираше министерот Бујар Османи.

Како што претходно соопштија од МНР тие биле сместени во хотел, во непосредна близина на манастирот во селото Бањска, каде што се случи вооружениот судир... Според Османи, низ целиот процес, косовските служби ја гарантирале безбедноста на нашите државјани, а македонската амбасада во Приштина била во постојан контакт со нив.

- По извршените вообичаеното интервју и анализа од страна на полицијата на Република Косово, утрово нашите државјани безбедно се упатени кон дома, придружувани од косовската полиција. Околностите во кои тие се најдоа беа сложени, имајќи предвид дека беа сместени во хотел, во непосредна близина од каде се случи вооружениот напад врз полицијата. Во текот на вчерашниот ден косовската полиција беше веднаш соодветно известена за оваа ситуација по редовните канали, а јас лично разговарав и со мојата колешка Доника Гервала – Шварц, стои во објавата на шефот на дипломатијата.

Осуда за убиството на косовскиот полицаец и загриженост за состојбата на северот на Косово изразија и македонската Влада и премиерот Ковачевски.

Според министерката за одбрана Славјанка Петровска безбедносната состојба во Македонија е стабилна, а инцидентите во Косово немаат директно влијание кај нас, иако според неа не е едноставно кога во регионот има вооружени напади. Заедно со нејзиниот норвешки колега Бјорн Арилд Грам ги осудија инцидентите и повикаа Белград и Приштина интензивно да работат на дијалогот додека тоа не биде предоцна.

- Инцидентот и тоа што се случува таму нема директно влијание и од информациите со кои досега располагаме и кои ги разменуваме не влијае на загрозување на безбедноста на нашата држава. Тоа го гарантира и фактот дека сме земја членка на НАТО и тоа што изминатиов период вложуваме многу во одбраната. Меѓутоа, се разбира, секоја од институциите во Македонија има обврска да придонесе за нашата национална безбедност, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Нападот во Косово на социјалните мрежи го осуди и претседателот на ДУИ, Али Ахмети нарекувајќи го сериозна провокација со однапред смислена агенда која може да има регионални последици ако не се управува со ладнокрвност и мудрост.

Албанските опозициски партии Алтернатива, БЕСА и Демократско Движење, пак, како единствено решение за мир во регионот предлагаат Косово што поскоро да стане членка на НАТО за да не се случи, како што велат, втора Украина на Балканот.

притисни ентер