Посетата на Помпео е враќање на голема врата на САД во регионот, оценка на Пендаровски и Ѓукановиќ

Посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео на регионот во која се вклучени и Македонија и Црна Гора претставува враќање на голема врата на САД во регионот.

Тоа на денешната прес-конференција во Скопје го оценија претседателите на двете држави Стево Пендаровски и Мило Ѓукановиќ.

Ѓукановиќ нагласува дека посетата е на линија на зголеменото присуство на САД во нашиот регион нешто што го посакуваме, вели, и потсетува на помошта на Вашингтон во надминувањето на војните во поранешна Југославија, на склучувањето на Дејтонскиот договор, како и на поддршката од американска страна за земјите од регионот на патот кон усвојувањето на европските и евроатлантските вредности.

Во меѓувреме, нагласи, тоа внимание и попушташе, се случуваа и други надворешно политички приоритети и тоа во значителна мерка придонесе дел од проблемите кои се пренесени од времето на распаѓањето на екс Југославија да останат нерешени до денешен ден, пред се односите меѓу Белград и Приштина и нефункционалноста на Босна и Херцеговина.

-Очигледно ни е потребна помош и поддршка од американска и од европска адреса успешно да ги совладаме проблемите кои уште траат, да ја зајакнеме стабилноста, да ги реализираме реформите кои ќе помогнат да го усовоиме европскиот и евроаталнтскиот систем на вредности и да го достигнеме европскиот квалитет на живот. Во тој контекст многу е охрабрувачко засиленото внимание на американската администрација кон нашиот регион и ќе помогне во блиско време да ги надминеме проблемите пренесени од претходниот период и уште поодлучно да тргнеме на патот кон економскиот и демократскиот напредок, рече Ѓукановиќ.

Според претседателот Пендаровски, посетата е добра од повеќе аспекти имајќи предвид дека последна посета на вака високо политичко ниво се случи во 2001 година од страна на тогашниот државен секретар Колин Пауел.

Нагласува дека по 18 години имаме посета на вакво политичко ниво и тоа е се само не куртоазна посета, а заклучокот за значењето на посетата го извлекува и од, како што вели, структурата на неговата регионална посета.

-Прво оди во Италија која е една од клучните држави во целокупниот медитерански басен, потоа оди во Црна Гора – најновата членка на НАТО, доаѓа кај нас држава која за неколку месеци треба да стане 30 земја членка на Алијансата и ја завршува својата регионална посета со Грција која е една од клучните држави на јужното крило на НАТО. Значи не доаѓа во регионот заради тоа што е преостанато како проблем или предизвик да се решава, туку со оглед на земјите кои ги посетува значи дека доаѓа да им оддаде признание на оние кои и досега беа со години на евроатлантскиот курс посочувајќи ги тие вредности и принципи и кои со својот пример покажуваа и на својата околина во поширокиот регион дека тоа е најкусиот и најефикасниот пат кон изградба на демократско и просперитетно општество, рече Пендаровски.

За него симболика има и тоа што посетата на Македонија се организира во Охрид.

– Се надевам дека тоа значи враќање на голема врата на САД во регионот затоа што е неспорно дека сите клучни предизвици од нашата независност до денес за нашата земја беа решени со голема поддршка од САД. И убеден сум дека преостанатите прашања во регионот кои се многу битни и можат да значат и регионална дестабилизација ако не бидат решение на задоволство на сите нас во регионот не можат да бидат решени ако САД директно не се вклучени во сите тие процеси, рече Пендаровски. /МИА

Министерство за одбрана на Русија: Неутрализирани повеќе од 100 украински дронови

Министерство за одбрана на Русија: Неутрализирани повеќе од 100 украински беспилотни летала при ноќни напади.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека повеќе од 100 украински беспилотни летала се уништени или пресретнати ноќеска во напади на југозапад на руската територија и на полуостровот Крим.

Министерството соопшти дека армијата неутрализирала 51 дрон над Крим, 44 над регионот Краснодар, шест над регионот Белгород и еден над регионот Курск.

Во текот на ноќта, поморската противвоздушна одбрана и патролни бродови на Црноморската флота уништија шест поморски беспилотни летала во водите на Црното Море.

Руската армија редовно објавува дека одбила ноќни напади на украински беспилотни летала, но ретко се наведува толкава бројка, јавија западни медиуми.

Гувернерот на Белгородската област, која граничи со Украина, претходно денеска објави дека мајка и четиригодишно дете загинале при напад со беспилотно летало врз селото Октјабарски.

Во САД марихуаната ќе биде класифицирана како помалку опасна дрога

Американската Влада одлучи да ја категоризира марихуаната како помалку опасна дрога, што значи дека луѓето кои користат или ја поседуваат веројатно нема да одат во затвор во иднина.

- Премногу животи се превртени наопаку од нашиот неуспешен пристап кон марихуаната. Министерството за правда го прави следниот чекор за прекласификација на марихуаната од категорија еден во категорија три според федералниот закон, напиша американскиот претседател Џо Бајден на социјалната мрежа Икс.

Во САД наркотиците се класифицирани во пет различни категории. Досега марихуаната или канабисот беа во првата, а со тоа и најстрогата категорија, која вклучува хероин и ЛСД. Американската Влада сега побара марихуаната да биде вклучена во третата категорија. Како резултат на тоа, марихуаната ќе биде на исто ниво со стероиди или парацетамол.

Американските медиуми ја означија таа прекласификација како историска. Со прекласификацијата се признава медицинската употреба на канабисот, но целосна легализација низ државата за приватна употреба не е планирана. Марихуаната е веќе легална за рекреативни и медицински цели во повеќе од 20 американски држави, а само за медицински цели во повеќе од десетина други држави.

Од денеска пријавување за бесплатно подигнување кабаст отпад во сите населби во Кисел Вода

Од денеска почнува пријавувањето за бесплатно подигнување кабаст отпад во сите населби во Кисела Вода

Нова акција за собирање на кабаст отпад ќе се спроведе во општина Кисела Вода. Како дел од активностите за заштита на животната средина, во периодот од 27 мај до 07 јуни во сите месни и урбани заедници на територија на општината, ќе бидат ангажирани одговорни лица и сезонски работници кои бесплатно ќе го подигаат кабастиот отпад од пред домаќинствата или колективните згради, информираат од Општина Кисела Вода.

Пријавувањето почнува денеска и ќе трае до 23 мај. Секој жител на општина Кисела Вода кој поседува кабаст отпад и сака тој да биде подигнат и депониран на соодветна локација, ќе може да закаже термин на телефонскиот број 02/2785-427, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.

Од Општината појаснуваат дека кабастиот отпад треба да биде поставен пред објектот кој е претходно договорен, на безбедна локација со што не би се загрозила безбедноста на пешаците, велосипедистите и останатите учесници во сообраќајот, кои ќе се движат во тој период.

-Само со одговорно однесување на секој поединец заеднички ќе можеме да ја одржуваме Кисела Вода чиста и уредна. Зачувувањето на природата и животната средина е наша заедничка обврска и одговорност, велат од Општина Кисела Вода.

Оттаму апелираме до сите граѓани да се приклучат на оваа акција, бидејќи, како што велат поддршката и заедничката ангажираност се од суштинско значење за заедницата.

притисни ентер