Портокалова велосипедска тура, изложба на карикатури и холандски пазар на Деновите на Холандија

По повод националниот ден на Холандија – Денот на Кралот, Амбасадата заедно со своите партнери го отвори второто издание на „Денови на Холандија“ во Ист Гејт Мол во Скопје. 

Амбасадорот Дирк Јан Коп и извршниот директор на Ист Гејт Мол Игор Давков ги пречекаа посетителите со посебно искуство кое вклучуваше портокалова велосипедска тура, изложба на декорирани велосипеди, филмови во виртуелна реалност и холандски пазар.

Настанот започна со симболична портокалова велосипедска тура и изложба на велосипеди декорирани од средношколци од Скопје во организација на Гоу грин – Биди зелен. Покрај автентичните холандски производи во понудата на холандскиот пазар беа вклучени и локални продукти произведени со холандска технологија.

Во рамките на отворањето амбасадорот Коп ги објави и победниците на регионалниот натпревар за карикатури организиран од холандското Министерство за надворешни работи и организацијата Картун мувмент. Независно жири составено од претставници од сите шест држави од Западен Балкан ја додели првата награда на Душан Перишиќ од Србија а втората награда на Арменд Ајредини од Македонија.

Холандскиот пазар ќе биде отворен овој викенд (19-21 април) од 12:00 до 18:00 часот. Изложбата на карикатури може да се посети до крајот на април.

Ер Франс, КЛМ, Луфтханза и Брисел Ерлајнс се меѓу 20-те авиокомпании под истрага од ЕУ

Авиокомпаниите мора да разјаснат до кој степен тврдењата дека емисиите на јаглерод диоксид предизвикани од летовите може да се надоместат со „зелени“ проекти или употребата на одржливи горива се засновани на цврсти научни докази.

Европските авиокомпании „Ер Франс“, „КЛМ“, „Луфтханза“ и „Брисел ерлајнс“ се меѓу 20-те авиокомпании што се под истрага од страна на Европската унија за потенцијално погрешни практики дека нивната активност е ориентирана кон заштита на животната средина.

Ова го соопштија дел од компаниите, потврдувајќи ја информацијата на белгиската телевизија РТБФ.

Авиокомпаниите мора да разјаснат до кој степен тврдењата дека емисиите на јаглерод диоксид предизвикани од летовите може да се надоместат со „зелени“ проекти или употребата на одржливи горива се засновани на цврсти научни докази.

„Ер Франс“ потврди дека добиле писмо од Европската комисија. Компанијата во моментов ја прегледува нејзината содржина и ќе ги испита дејствијата што треба да се преземат, изјави портпаролот на француската авиокомпанија.

Луфтханза во соопштението наведе дека и таа внимателно го разгледува случајот.

Портпаролот на КЛМ рече дека холандската компанија, дел од групацијата Ер Франс, исто така добила писмо од ЕК. /МИА

Приведени 14 државјани на Србија кои измамиле германски државјани за милион евра

Четиринаесет лица во Србија се приведени поради меѓународна измама преку „кол-центри“ во кои се оштетени неколку германски државјани за сума од околу еден милион евра, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Србија.

Како што се наведува во соопштението на МВР, на барање на Германија, припадници на полицијата и на Службата за борба против високотехнолошки криминал при Техничката управа учествувале во меѓународна полициска акција, а се однесува на измама извршена од меѓународно организирана криминална група.

При претрес на станови и други простории на 22 локации, од кои две се на територијата на Ниш и девет на територијата на Нови Пазар, пронајдени се доказни предмети./МИА

Црн лебед во грчката река Еврос

 Единицата за управување со Националните паркови во областа Еврос во североисточниот дел на Грција, додека спроведувала научно набљудување на делтата на реката Еврос наишла на ретка и невообичаена појава – црн лебед, јави дописничката на МИА

Црниот лебед воопшто не е својствен за Грција и затоа е непознато како воопшто се нашол во реката.

Најзастапен е во Австралија и Нов Зеланд, а живее во реки, големи езера, лагуни, а понекогаш и по должината на бреговите.

-Вработените во единицата за управување ги пречка пријатно изненадување бидејќи при научно набљудување на делтата на Еврос забележаа црн лебед, напишаа на Фејсбук од надлежните за Националниот парк објавувајќи фотографии од ретката појава.

притисни ентер