Пописот успешен, резултатите за шест месеци

Вкупно 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови се евидентирани со Пописот што официјално заврши вчера, а траеше 26 дена, почнувајќи од 5 септември.

Во дијаспората се самопопишале 204.805 македонски државјани, најмногу од западноевропските, а многу помалку од прекуокеанските земји.

Резултатите се очекува да бидат објавени до крајот на март 2022 година, за шест месеци од денот на завршувањето на Пописот.

Како што соопшти синоќа директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, занемарувачка е бројката на оние граѓани кои одбиле да се попишат, но деновиве ќе биде собрана и точно ќе се знае колку се. Против нив ќе бидат покренати соодветни постапки. Бројката е занемарувачка, рече Симовски, и може да се изрази во промили, не во проценти.

-Пописот е целосно успешно спроведен. Земјава покажа дека има капацитет да спроведе ваква тешка статистичка операција. Сите домови беа посетени, сите граѓани беа дел од пописот, а оние кои не беа опфатени, а се дел од базите на податоци, ќе бидат дел од пописот, истакна Симовски.

Тој информира дека со комбинираниот метод се овозможи ефикасно следење на попишувањето.

-Со помош на технички алатки се овозможи ефикасно следење на попишувањето и опфатот на единиците на пописот на терен. Изразено во бројки, тоа значи дека од опфатените објекти за живеење 91 процент беа предмет на попис, а девет проценти се објекти кои не се предмет на попис. Сите објекти кои беа предмет на попис беа посетени по неколку пати. Онаму каде што по неколкукратните обиди не се оствари контакт со граѓаните, тие беа повикани да се попишат во седиштата на општините. Оние кои тоа не успеаја да го направат, сепак ќе бидат дел од пописот, бидејќи се очекува да ги има во некоја од базите што ќе се користат при обработката на податоци, така што со сигурност знаеме дека целосно и успешно го опфативме населението кое во овој момент живее во државата, рече директорот на ДЗС и најави дека во наредниот период ќе продолжат следните фази од пописот.

Тој објасни дека прво, комисиите на пописните реони треба да ги финализираат завршните активности – прибирање на лап-топите, останатите пописни материјали и нивно враќање во Заводот, а потоа ќе почне процесот на обработка на податоците според утврдена програма и Акцискиот план.

И премиерот Зоран Заев синоќа, од изборниот караван во Гевгелија, соопшти дека земјава по 20 години, спроведе успешен попис.

-Попишани се преку 99 отсто од граѓаните. Покажавме кој има капацитет, а кој нема. Сега, во една рака ни е НАТО, а во другата успешниот попис. Ова се гигантски проекти, направени на дело, подвлече Заев.

Според министерот за правда, Бојан Маричиќ, пописот е успешен, а бројките покажаа дека бојкотирањето не наиде на голема поддршка.

-Задоволен сум што успеавме да ја реализираме оваа операција и покрај сите проблеми со кои се соочивме. Податоците за граѓаните се земаат од седум бази кои претставуваат појдовна основа за теренскиот попис. Честитки до Заводот за статистика, бидејќи направи максимални напори повеќе пати да отиде на некои места и да ги убеди граѓаните да се попишат. Навистина е мал бројот на граѓаните кои не се опфатени или одбиле да се попишат. Тие кои не се опфатени, ако ги има, се на граница на статистичка грешка и тоа се случува во речиси сите држави, рече Маричиќ во телевизиско гостување.

Тој додаде дека со оваа бројка на попишани граѓани нема потреба Законот повторно да се врати во Собрание и да се расправа за него, во екот на предизборната кампања.

Апликациите за попишување во земјата и за самопопишување на дијаспората беа затворени синоќа во 20 часот. Со тоа завршија пописните активности во рамки на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021.

Државниот завод за статистика во следните неколку дена треба да ги направи последните проверки и да ги сумира податоците, како и техничките активности на раздолжување на попишувачите.

Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на КОВИД-пандемија, соглано нова методологија на ЕВРОСТАТ и првпат со комбиниран модел – освен прибирање податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Француски пекари го направија најдолгиот багет и влегоа во Гинисовата книга (ВИДЕО)

Лебот е токму она по што е позната Франција, покрај секако виното, страста и сирењето.

Тогаш не треба да нѐ чуди информацијата дека пекарите од оваа земја го направиле најдолгиот багет на светот и со тоа влегле во Гинисовата книга на рекорди.

Должината на багетот е 140,53 метри, со што го надминаа претходниот рекорд од 132,62 метри, кој беше актуелен речиси пет години. Го подготвувале дури 18 пекари, а самата подготовка започнала во три часот наутро по локално време. Багетот го ставиле да се пече во пет часот наутро, а за таа прилика била дизајнирана специјална мобилна рерна.

Кога ќе се испече, дел од багетот се сече, се премачкува со чоколаден крем и се дели на толпата. Другиот дел бил даден на локалното младинско здружение за да го подели на бездомниците таа вечер.

Овој леб го виде светлото на денот минатиот викенд на набљудувачката палуба на тераса во западната комуна во близина на Париз, пишува „Си-Ен-Ен“.

Според официјалните спецификации на француската влада, традиционалниот француски багет се состои од бело брашно, вода, квасец и сол и се сече со пет сечила долги околу 60 сантиметри.

Израел го започна нападот на Рафа, пропадна мировниот план (ВИДЕО)

Израел започна голема воена офанзива против силите на Хамас во Рафа, најјужниот град во Газа.

Израелските сили ја презедоа контролата на граничниот премин Рафа, прекинувајќи ја клучната рута за помош за веќе изгладнетиот Појас Газа.

На снимката објавена од израелските одбранбени сили (ИДФ) се гледаат тенкови кои носат големи израелски знамиња и го кршат бетонскиот знак „Ја сакам Газа“.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рече дека офанзивата ќе продолжи се додека силите на Хамас во Рафа „и целиот Појас Газа“ не бидат „елиминирани“ или додека милитантната исламистичка организација не почне да ослободува заложници.

„Ова е почеток на нашата мисија да ги уништиме последните четири бригади на Хамас во Рафа. Во тоа не треба да се сомневате“, изјави владиниот портпарол.

Израелската операција беше започната неколку часа откако лидерите на Хамас објавија дека ќе го прифатат неодамнешниот предлог за прекин на огнот, изнесен од катарските и египетските посредници.

Примирјето ќе го означеше првиот прекин во борбите од ноемврискиот прекин на огнот за време на кој Хамас ослободи околу половина од 250-те израелски и заложници од други националности заробени во ненадејниот напад врз Израел во октомври. За време на таа размена, Израел ослободи 240 Палестинци од своите затвори.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека не е задоволен од новиот предлог на Хамас за прекин на огнот, а Хамас предупреди дека нема да има договор доколку продолжи израелската агресија врз Појасот Газа.

Нетанјаху рече дека новиот предлог на Хамас за прекин на огнот е далеку од основните барања на Израел, додавајќи дека сè уште е неопходен воен притисок за ослободување на заложниците што Хамас ги држи во Појасот Газа.

Израелските сили ја зазедоа палестинската страна на граничниот премин Рафа, што Нетанјаху го опиша како „многу значаен чекор кон уништување на преостанатите воени капацитети на Хамас“.

Официјалниот претставник на Хамас, Осама Хамдан денеска предупреди дека нема да има прекин на огнот доколку продолжи израелската агресија врз Појасот Газа.

Хамдан ова го изјави на прес-конференција во Бејрут, а делегацијата на Хамас во меѓувреме пристигна од Доха во Каиро за да ги продолжи преговорите за прекин на огнот, соопшти Хамас.

„Тврдиме дека воената операција во Рафа, доколку ја изврши Израел, нема да биде пикник за израелската армија“, рече Хамдан. „Топката е на теренот на Нетанјаху“, додаде тој.

Тој истакна дека новиот предлог за прекин на огнот со кој се согласил Хамас е „минимумот што ги исполнува барањата на нивниот народ и нивниот отпор“.

„Преминот Рафа беше и ќе остане исклучиво египетско-палестински премин“, рече Хамдан.

Млад Американец за малку ќе убиел свештеник среде служба- му откажал пиштолот (ВИДЕО)

Млад човек е осомничен дека се обидел да убие свештеник за време на служба во Пенсилванија паднал на подот кога пиштолот не испукал, соопшти полицијата.

Бернард Јуниор Полит (26) бил сослушан во полиција.

"Господ ми рече да го направам тоа. Планирав да чекам полицијата да ме уапси", рекол Бернард.

Инцидентот се случил во црквата на Исус Христос во Норт Бредок, нешто по 13 часот.

Осомничениот Бернард Јуниор Полит (26) влегол во црквата и се обидел да го убие свештеникот Глен додека тој служел, пишува Sky news.

Сè е забележано од камерите, додека свештеникот во живо ја пренесувал богослужбата.

За среќа, пиштолот не можел да испука, па свештеникот и еден верник успеале да го разоружаат напаѓачот.

„Благодарен сум на Бога што се уште сум тука, бидејќи тој го повлече чкрапалото“, изјавил свештеникот за американските медиуми.

Отец Глен рече дека напаѓачот се насмеал пред да го повлече пиштолот.

„Почнав да проповедам и наеднаш од левата страна го видов како се движи од задната страна кон предната страна на црквата. Застана и ми се насмевна“, рекол свештеникот.

Следниот момент видел дека младиот човек држи пиштол.

„Во тој момент единствено што можев да направам е да трчам и да барам заштита“, рекол свештеникот.

Тој му се заблагодари на верникот кој скокнал да го задржи напаѓачот.

„Можеше да умре, но тој човек се жртвуваше, тој е херој“, додал свештеникот.

Осомничениот за нападот е уапсен. Мотивот се уште не е познат.

притисни ентер