Понтификална света миса за Светицата Мајка Тереза

На плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска во рамки на татковинската прослава „Денови на Света Мајка Тереза“ ќе се одржи понтификална света миса по повод нејзиното прогласување за Светица.

Најавено е дека светата миса ќе ја предводи специјалниот папски кардинал, сараевскиот надбискуп, кардиналот Винко Пулиќ.

На централниот настан се очекува да се обрати и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој е покровител на прославата. Обраќање е најавено и на Скопскиот бискуп и апостолски егзарх Киро Стојанов.

Светата миса ќе ја следат голем број верници, претставници на Католичката црква и на другите верски заедници, домашни и странски делегации.

По повод прогласувањето на Мајка Тереза за Светица од страна на Ватикан, во текот на изминатите седум дена во Македонија се одржаа низа настани во рамки на татковинската прослава.

Во спомен куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје беа врачени статуетки со ликот на Светата Мајка Тереза и благодарници на хумани личности и организации кои во изминатиот период се докажале во областа на хуманизамот, помагањето и намалувањето на човековите страдања.

Македонската академија на науките и уметностите организираше свечена академија за ликот и делото на Светицата Мајка Тереза, а вчера беше отворена и изложбата „Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија за Света Мајка Тереза“.

Агнеза Гонџа Бојаџиу позната како Мајка Тереза на 4 септември на плоштадот „Св. Петар“ во Ватикан беше прогласена за Светица од страна на поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск.

Нејзиниот чудотворен карактер беше признат од Римокатоличката црква, а церемонијата на беатификација која беше чекор кон нејзино прогласување за Светица се одржа на плоштадот „Св. Петар“ во 2003 година. Со свечената служба раководеше тогашниот поглавар на Римокатоличката црква, Папата Јован Павле Втори, а присуствуваа над 300 илјади верници.

Мајка Тереза почина во 1997 година во Калкута, Индија. Родена е во Скопје на 26 август 1910 година како Агнес Гонџа Бојаџиу. Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. /МИА

Во Атина уапсени двајца членови на меѓународната криминална група „Пинк Пантери“

Двајца странски државјани, членови на меѓународната криминална група „Пинк Пантери“, во средата биле уапсени во Атина, а се товарат за две кражби на златарници во центарот на градот, јави дописничката на МИА од Атина.

Неофицијално станува збор за српски државјани, а за кражбите го користеле методот „рифифи“, односно во златарниците и продавниците за накит влегувале по направени дупки од соседни напуштени или празни згради или простори.

Од грчката полиција соопштија дека уапсените биле активни најмалку од декември минатата година, користеле фалсификувани документи, а се движеле со возила со странски регистарски таблички или во сопственост на лица со чисто криминално досие, за да не бидат откриени.

Во однос на начинот на дејствување откако ги таргетирале продавниците, ги набљудувале, по што подготвувале соодветен план и се движеле пеш за да не бидат сомнителни.

Откако успевале да добијат пристап до напуштените или празни згради-лепенки до златарниците, отворале дупка на ѕидот што води до продавницата.

Еден од уапсените влегувал преку дупката со лазење за да не се активираат детекторите за движење и со украдениот накит се враќал во соседниот простор.

Од досегашната истрага на полицијата, расчистени се две случаи на кражби во златарници во центарот на Атина, а продолжува истрагата за утврдување на целосниот обем на нивната криминална активност.

По извршениот претрес на уапсените меѓу другото, биле пронајдени и одземени алатки за кражби, три часовници, накит, 190 евра, фалсификувана возачка дозвола, три мобилни телефони.

Шпанија ќе испрати мал број ракети „Патриот“ во Украина

 Шпанија ќе испрати мал број ракети „Патриот“ во Украина, објави денеска весникот „Ел Паис“, повикувајќи се на неименувани добро информирани извори.

Весникот наведува дека Шпанија ја отфрлила можноста за испорака на противвоздушни лансери на Украина, но ќе испрати проектили во Киев.

Шпанија има три системи „патриот“ кои ги купи од Германија во 2004 и 2014 година, потсетува весникот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им кажа на членките на НАТО претходно овој месец дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да ги одврати руските воздушни напади, барајќи од нив да ја засилат воената помош за Киев.

Министрите на ЕУ пред неколку дена изјавија дека разгледуваат како да обезбедат повеќе оружје за противвоздушната одбрана на Украина.

Сончево и потопло, утре попладне дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи, особено во планинските подрачја. 

Потоа следува период на стабилно и топло време, а дневните температури ќе бидат повисоки за три до пет степени.

Како што соопшти УХМР, во следните три дена ќе биде сончево и потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.

Минималните темпеартури ќе бидат во интервал од два до 12 степени, а максималните од 20 до 28 степени.

притисни ентер