Почнуваат изборите за членови на Европскиот парламент - Канал 5

Почнуваат изборите за членови на Европскиот парламент

Од денеска, па до недела во ЕУ ќе се одржат избори за новиот состав на Европскиот парламент. Согласно последните измени во структурата на ЕП, бројот на европратеници се зголемува од досегашните 705 на 720. 

Почнуваат изборите за членови на Европскиот парламент

Изборите започнуваат денеска со гласање во Холандија, утре во Ирска, утре и задутре ќе гласаат граѓаните на Чешка, в сабота евроизборите ќе се одржат во Летонија, Малта, Словачка и во француските прекуморски департмани и територии, а во сабота и недела во Италија. Во останатите 20 членки на ЕУ, вклучително и во европскиот дел на Франција, изборите за европратеници ќе се одржат в недела на 9 јуни.

Најголем број европратеници или 96 се избираат во Германија, по што следува Франција со 81, Италија со 76, Шпанија со 61, Полска со 53, Романија со 33, Холандија со 31, Белгија со 22, Грција, Португалија, Унгарија, Чешка и Шведска со по 21, Австрија со 20, Бугарија со 17, Данска, Словачка и Финска со по 15, Ирска со 14, Хрватска со 12, Литванија со 11, Летонија и Словенија со по девет, Естонија со седум и Кипар, Луксембург и Малта со по шест членови во Европскиот парламент.

Согласно правилата на ЕУ, изборните системи по кои се бираат европратениците мора да обезбедат пропорционална застапеност, изборните модели се разликуваат од земја до земја. Во најголемиот дел членки целата територија на државата е една изборна единица, а во четири има по неколку изборни единици (Белгија и Ирска по три, Италија – пет и Полска – 13). Во некои членки на ЕУ, пред се во поголемите, изборите се спроведуваат со затворени листи (Германија, Португалија, Романија, Унгарија, Франција и Шпанија), а во останатите со отворени или полуотворени листи.

Во десетина земји има утврден изборен праг за учество во распределбата на пратеничките места, додека во најголемиот број останати членки има природен праг, врз основа на бројноста на мандатите. Во 16 земји мандатите се распределуваат по Д’Онтовиот модел, во шест според моделот на најголем остаток, во три според Сен Лаговиот модел и во две (Ирска и Малта) со моделот на единствен пренослив глас.

Во 23 земји членки на ЕУ право на глас имаат сите граѓани со навршени 18 години, на Малта со 17, а во Австрија, Белгија и Малта со 16 години. Во 15 држави право да се кандидираат на изборите имаат граѓаните со наполнети 18 години, во девет со 21 година, во Романија со 23, а во Грција и Италија со 25 години.

Последните анкети на јавното мислење во пресрет на Европските избори покажуваа дека најмногу европратеници, односно меѓу 176 и 180, би освоила десноцентристичката група на демохристијански и умерени конзервативни партии, Европска народна партија (ЕПП), пред Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), која ја сочинуваат социјалдемократската Партија на европските социјалисти (ПЕС) и неколку лево центристички, прогресивни и левичарски партии кои не се членки на ниту една европска партиска групација, која според истражувањата би освоила меѓу 138 и 143 мандати.

Трета би била групата „Да ја обновиме Европа“ што ја сочинуваат либералната Алијанса на либералите и демократите во Европа (АЛДЕ), центристичката Европска демократска партија (ЕДП) и независни либерални и центристички партии, меѓу кои најзначајна е Ренесанса (РЕ) на францускиот претседател Емануел Макрон, која се предвидува да освои меѓу 84 и 86 мандати.

Натаму следува групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) предводена од италијанската премиерка Џорџа Мелони, која ја сочинуваат членки на национал-конзервативната и десничарска Партија на европските конзервативци и реформисти (ЕЦРП), конзервативното Европско христијанско политичко движење (ЕЦПМ) и неколку националистички, десно популистички, конзервативни и евроскептични партии без европска партиска афилијација и која се предвидува да освои од 75 до 81 мандати, пред групата на националистички, десно популистички, екстремно десничарски и евроскептични партии Идентитет и демократија (ИД), предводена од францускиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен и Лигата на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, со 68 пратеници. Но, по исклучувањето од ИД на Алтернативата за Германија (АФД), на која и се предвидуваат 14 до 16 европратеници, веќе има најави за прегрупирање меѓу партиите на десницата, со што не исклучено поголемиот број од членките на ЕЦР и ИД да завршат во една група, која би била трета по бројност, а АФД да формира нова екстремно десничарска групација.

Групата Зелени – Европска слободна алијанса (Зелени/ЕФА), што ја сочинуваат еколошката Европска зелена партија (ЕГП), Европска слободна алијанса (ЕФА), која обединува регионални и малцински партии, како и Европската пиратска партија (ППЕУ), социјал-либералната Волт Европа (Волт) и партијата Политика на животните ЕУ (АПЕУ), би требало да освои 56 или 57 европратеници, а на групацијата „Левица во Европскиот парламент“, во која членуваат социјалистичката, комунистичка и лево популистичка Партија на европската левица (ПЕЛ), социјалистичката и еколошка Нордиска зелено лева алијанса (НГЛА), лево популистичкото движење Сега народот! (МЛП) и неколку комунистички, социјалистички и троцкистички партии без европска партиска припадност, може да очекува меѓу 39 и 43 мандати.

Останатите од 67 до 78 места би им припаднале на партии кои не се членки на ниту една група, меѓу кои позначајни се веќе споменатата АФД, италијанското популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С), национал-конзервативната и десно популистичка Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, двете словачки партии исклучени од СД/ПЕС – лево популистичката и националистичка Насока-Социјална демократија (Смер-СД) на премиерот Роберт Фицо и социјалдемократската Глас-Социјална демократија (Хлас) на претседателот на Словачка, Петер Пелегрини, како и новоформираната германска Алијанса на Зара Вагенкнехт (БСВ). Италијанското М5С преговараше со Зелените за пристапување кон оваа група, но преговорите не вродија со плод, додека Фидес најави дека по изборите би сакала да се приклучи кон ЕЦР, што не наиде на поддршка на сите членки на групацијата. Зара Вагенкнехт, пак, најави амбиција нејзината БСВ да формира нова левичарска група во Европскиот парламент.

Инаку, пратеничка група во Европскиот парламент може да формираат најмалку 23 пратеници, кои при тоа мора да доаѓаат од најмалку една четвртина од земјите членки на ЕУ или во сегашниот случај од најмалку седум.

Паралелно со евроизборите, во неколку членки на ЕУ ќе се одржат и национални парламентарни, регионални или локални избори. Така, во Бугарија ќе се одржат и парламентарни избори, во Белгија и избори за членови на Федералниот парламент и за регионалните парламенти на Брисел, Валонија и Фландрија, а во Италија ќе се гласа и на локални, како и на избори за членови на Регионалниот совет на Пијемонт. Локални избори заедно со европските се предвидени и во Ирска, Кипар, Малта, Романија, Унгарија и во германската покраина Хамбург. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ЈО: Предложен притвор за загрозување на сигурноста во Куманово

Основното јавно обвинителство Куманово, постапувајќи по кривична пријава од СВР Куманово, поведе постапка против едно лице за кривично дело – Загрозување на сигурноста .

ЈО: Предложен притвор за загрозување на сигурноста во Куманово

Основното јавно обвинителство Куманово, постапувајќи по кривична пријава од СВР Куманово, поведе постапка против едно лице за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик и предложи на осомничениот да му биде определена мерка притвор.

Согласно зајакнатиот механизам за итна меѓуинституционална координација и постапување во предметите поврзани со семејно насилство, во конкретниот случај веќе се преземаат дејствија за обезбедување на доказите, особено имајќи предвид дека насилничкото однесување на осомничениот 54-годишник се повторува.

Против него веќе е поднесено едно обвинение за телесна повреда на неговата ќерка при вршење семејно насилство под дејство на алкохол, кое е во фаза на судење.

Дејствијата на загрозување на сигурноста што сега ги презел вклучуваат не само вербални закани дека ќе ги запали ќерката и внуката, туку и конкретни дејствија со кои тој истурил две шишиња бензин во домот.

По пријавата на настанот итно е изготвена проценка на ризик која укажува на сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство и на ризик од повторување на насилството. Овие проценки упатуваат на оправдан страв дека осомничениот би можел не само да ги повтори до сега сторените дела, туку дека би можел да стори и потешко дело, односно да го стори делото со кое се заканува.

Поради ваквите околности јавниот обвинител оцени дека во конкретниот случај целта на притворот не би можела да се оствари со некоја друга поблага мерка и предложи најстрога мерка за обезбедување присуство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Обвинителен предлог за 24-годишникот кој избега од полициска станица во Битола,обвинетиот ја удирал девојката по лицето со тупаници и шамари

Основното јавно обвинителство Битола поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, односно повреда нанесена при вршење семејно насилство.

Обвинителен предлог за 24-годишникот кој избега од полициска станица во Битола,обвинетиот ја удирал девојката по лицето со тупаници и шамари

Обвинетиот, на 10 ноември, во неговиот дом во Битола, телесно ја повредил неговата девојка. По вербална расправија меѓу нив, ја удирал по лицето со тупаници и шамари, па ја стегал за вратот и устата, со што и нанел површинска телесна повреда и неколку нагмечувања и крвни подливи.

Обвинетиот во текот на постапката за прибирање докази беше обезбеден со мерка притвор, имајќи ги предвид ризиците тој да се обиде да го избегне кривичниот прогон и да го повтори насилното однесување. Притоа обвинителството ги ценеше информациите дека тој непосредно по настанот избегал од полициска станица и неколку дена не бил достапен. Сметајќи дека овие ризици и натаму постојат, јавниот обвинител со поднесеното обвинение му предложи на судот да ја продолжи притворската мерка.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Комо без првата ѕвезда,Кен ги пропушта дуелите со ПСЖ и Барселона?!

Фудбалерот на Комо, Моиз Кен, ќе отсуствува од терените најмалку два месеца поради повреда, потврди тренерот на најпријатното изненадување во европскиот фудбал , Сеск Фабрегас.

Комо без првата ѕвезда,Кен ги пропушта дуелите со ПСЖ и Барселона?!

26-годишниот италијански репрезентативец ја повредил десната нога за време на натпреварот против Белгија во Лигата на нации, но најновиот проблем се појавил на левата нога, објасни Фабрегас.

Од Комо претходно соопштија дека по враќањето од репрезентативните обврски, Кен морал да побара медицинска помош поради повреда заработена на тренинг.

Поради оваа принудна пауза, напаѓачот би можел да ги пропушти и важните натпревари во Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен и Барселона, кои се на програмата во јануари.

Италијанскиот клуб моментално се наоѓа на четвртото место на табелата во Лигата на шампионите, во која учествуваат 36 екипи, а во вторник ќе биде домаќин на АЕК. До крајот на лигашката фаза, тимот го очекуваат уште дуели со Реал Бетис, како и два големи предизвици против ПСЖ и Барселона.

Кен пристигна во Комо на почетокот на сезоната од Фиорентина, како позајмен играч на една година, а неговото отсуство претставува голем проблем за Фабрегас, кој до јануарскиот преоден рок на располагање го има само Тасос Дувикас како класичен напаѓач. Комо моментално е на петтото место во Серија А, а во сабота на домашен терен ќе го пречека Каљари.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер