Почнаа 53. Струшки вечери на поезијата - Канал 5

Почнаа 53. Струшки вечери на поезијата

Со традиционалното читање на Константиновата Т’га за југ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, вечерва почнаa 53-те Струшки вечери на поезијата.

Почнаа 53. Струшки вечери на поезијата
Годинашeн добитник на „Златниот венец“, e jужнокорејскиот поет Ко Ун.

Струшките вечери за отворени ги прогласи министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, според која, поезијата не е само песна на рајот, таа е песна и на земјата.

- Иако ова место толку ја сака поезијата и копнее по неа, тоа не е случајно. Името на Македонија е многу славно и распространето во историјата. Поезијата тука постоела, ќе постои и нема да исчезне, рече Канческа - Милевска.

Таа потенцира дека Струшките поетски вечери сведочат за културните вредности што се создаваат на македонските простори и на светските меридијани, и се динамична и жива антологија на светската поезија.

- Слободно можеме да забележиме дека оваа манифестација има глобално значење, таа е верификувана од целата светска културна јавност. Континуирано, веќе педесет и три години, поетите од целиот свет, од овде, од Струга ја пренесуваат убавината на пишаниот збор и во единствен, хармоничен глас, испраќаат јасна порака до светот дека не постојат мали и големи јазици, мали и големи култури. Над реката Дрим, Струшките вечери на поезијата ги сплотуваат стиховите на јазикот на цивилизациското разбирање, јазикот кој сите ние мораме да го зборуваме и почитуваме, рече министерката за култура.

Во изминатиот период, забележа таа, Струшките вечери на поезијата ги овенчаа најзначајните поети на 20. и 21. век како Неруда, Бродски, Ружевич, Гинзберг, Амихај, Дарвиш, Хјуз, а за некои автори токму Златниот венец, вели, беше вовед кон најголемото светско книжевно признание - Нобеловата награда за литература.

Изрази задоволство што престижното признание лауреат на „Струшките вечери на поезијата“ му припадна на големиот Ко Ун, за кој струшкиот венцоносец, Ален Гинзберг, запиша: „Ко Ун е грандиозен поет, комбинација од будистичка маестралност, страстен политички либерал и историчен натуралист“.

- Овој поет, кој преживеа многу лични и универзални битки, денеска е светски гласник на корејскиот дух и култура или како што вели Сер Ендрју Моушн, најелоквентен граѓанин на светот. За нас е голема чест што Ко Ун е вечерва со нас и што Република Македонија, како што забележа, ќе биде негов поттик да создаде уште многу нови стихови во кои ќе има многу слики и пејсажи од Македонија, рече Канческа - Милевска.

Веќе пет децении, нагласи таа, позната песна „Т га за југ“ на корифејот на македонската уметничка поезија Константин Миладинов е светска химна за топлината внатре, во духот на човекот и различните цивилизации.

- Затоа на крајот ќе посакам заеднички да доживееме уште многу успешни изданија на меѓународната манифестација Струшки вечери на поезијата. Министерството за култура како досега така и во иднина, со поддршка на Владата на Република Македонија, ќе продолжи да ги промовира универзалните цивилизациски и културни вредности, ќе останеме доследни на заложбите заеднички да ги прославуваме неодминливите успеси на овој фестивал со космополитски и универзален концепт, да градиме нераскинливи културни врски меѓу нас, да ја негуваме традицијата на обединување на светот низ поетскиот збор, подвлече Канческа – Милевска.

На прес-конференција, денска, поетот Ко Ун, ја окарактеризира Македонија како држава на поезијата. Поврзаноста на земјата со поезијата ја пронајде во страдањата на земјата уште од праисторискиот период.

Струга, како што нагласи тој, не е само родно место на браќата Константин и Димитар Миладинови, туку е утопијата за која човештвото се насочува и се надева. Заедно со поетите од целиот свет, кој присуствуваат на СВП, подвлече дека ќе ја празнуваат поезијата во Струга.

По свеченото отворање во предворјето на Домот на поезијата почна меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

Согласно традицијата, денеска лауреатот засади дрвце во Паркот на поезијата, кое како што нагласи директорот на фестивалот Мите Стефоски, долго ќе живее, а ќе продолжат да живеат и неговите цветови создадени меѓу кориците на книгата поезија преведена на македонски јазик, коишто уште долго ќе имаат влијание во македонската литература.

На фестивалската програма предвидени се музичко - поетски перформанс, традиционалните „Ноќи без интерпункција“, симпозиум на тема „Поезијата и политичкото“, а предвидено е и меѓународно поетско читање „Матине“ кое ќе се одржи во предворјето на манастирската црква „Св. Богородица“ во Калишта.

Според програмата ќе биде промовирано списанието „СУМ“, посветено на Струшките вечери на поезијата и проекцијата Поетски времеплов на МРТВ. На програмата е и Омаж на македонските поето Ацо Караманов, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски и починатите лауреати на СВП Шејмас Хини, Тадеуш Ружевич, Васко Граса Моура и Хосе Емилио Пачеко, како и вечер на македонската поезија односно поетски портрети на македонските поети Богомил Ѓузел, Радован Павловски и Влада Урошевиќ.

Ко Ун е 49-тиот добитник на признанието „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, кое ќе му биде врачено в недела на поетското читање „Мостови“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Новата снимка од Мараја Кери предизвика загриженост, фановите коментираат

Снимка од Мараја Кери во Бразил предизвика загриженост кај нејзините обожаватели.

Новата снимка од Мараја Кери предизвика загриженост, фановите коментираат

На социјалните мрежи, луѓето почнаа да се прашуваат дали сè е во ред со 57-годишната пејачка, откако видео од нејзино јавно појавување покажа дека таа се движи малку нестабилно додека излегува од автомобил.

За време на престојот во Бразил, пејачката делеше автограми и се фотографираше со фановите кои се собраа да ја поздрават, држејќи транспаренти. Иако изгледаше добро расположена, некои гледачи забележаа дека ѝ треперат рацете и дека чекори несигурно. Снимката беше објавена на „TikTok“.

Фановите се прашуваат дали сè е во ред

„Дали треба да се грижиме?“ – праша еден корисник на „TikTok“. „Изгледа како да чувствува болка“, напиша друг, додека трет ѝ посака добро здравје на пејачката: „Се молам за неа и ѝ испраќам убави желби на нашата Божиќна кралица“.

Сепак, не сите ја протолкуваа оваа ситуација како причина за загриженост. Некои укажаа на конкретните услови во кои се движеше пејачката: врнеше дожд, теренот беше закосен, а Кери носеше високи потпетици.

„Како прво, врне дожд. Второ, теренот е закосен. Трето, таа носи високи потпетици. Четврто, не сака да падне“, напиша еден корисник. На снимката се гледа и како нејзиниот асистент ја држи околу половината додека таа поминува покрај фановите. Засега нема информации кои укажуваат на тоа дека Мараја Кери има некакви здравствени проблеми, а самата снимка не е доволна за да се донесе таков заклучок.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Microsoft“ и големиот прекин – што навистина се случи?

Услугите на „Microsoft“ конечно работат правилно по повеќе од 24 часа –што навистина тргна наопаку?

„Microsoft“ и големиот прекин – што навистина се случи?

„Microsoft“ го реши големиот проблем што предизвика повеќе од 24 часа застој на „Microsoft 365“, тоа предизвика сериозни прекини во работењето на бизнисите и владините агенции низ целиот свет.

Проблемите започнаа на 12 ноември околу 17:17 часот по средноевропско време, кога услугата „Exchange Online“ падна. Малку повеќе од два часа подоцна, проблемите се проширија на остатокот од платформата „Microsoft 365“.

Што го предизвика тоа?

„Microsoft“ првично се сомневаше дека невообичаено големиот сообраќај е причина за проблемите. Сепак, последователната истрага покажа дека неколку серверски системи неочекувано престанаа да работат, оставајќи ги преостанатите сервери неспособни да се справат со зголеменото оптоварување.

Обидите за рестартирање на серверите беа неуспешни, бидејќи тие повторно престанаа да реагираат откако се врати сообраќајот. Компанијата на крајот утврди дека проблемот е поврзан со претходно надградување на капацитетот на мрежата, предизвикано од последователна промена во мрежната инфраструктура.

Потоа инженерите применија поправка на компонента одговорна за автентикација и насочување на сообраќајот. Обновувањето беше спроведено постепено, со обработка на заостанати е-пораки.

„Microsoft“ нагласи дека нема докази за злонамерна активност и дека вештачката интелигенција не е причина за проблемот.

Кој беше засегнат?

Покрај „Outlook“ и „Exchange Online“, прекините влијаеја на календарите на „Teams“, закажувањето состаноци, „Copilot“, „SharePoint“ и „Intune“. Некои функции продолжија да работат за време на прекинот.

Влијанието се почувствува надвор од технолошкиот сектор. Националната здравствена служба на Велика Британија (NHS) мораше да се потпре на алтернативни системи, додека индиските авиокомпании „Air India“, „IndiGo“ и „Akasa Air“ пријавија проблеми со поддршката за е-пошта.

Проблемите влијаеја и на финансиските институции. Една тајванска компанија дури мораше да користи факс за да ги потврди трансакциите со акции.

Според „Downdetector“, имало повеќе од 7,4 милиони пријави за проблеми низ целиот свет. Сепак, овој број не го претставува вкупниот број на индивидуални корисници погодени од прекинот.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Франција на нозе: 200.000 луѓе на улиците

Француската полиција уапси 121 лице за време на протестите одржани низ целата земја, објави француското Министерство за внатрешни работи.

Франција на нозе: 200.000 луѓе на улиците

Според Министерството, околу 106.000 луѓе учествувале во демонстрациите, додека синдикатите проценуваат дека околу 200.000 граѓани се собрале на улиците.

22 лица се приведени во Париз, вклучувајќи тројца малолетници. Апсењата се главно за носење оружје од категорија Д, навреди и кршење на забраните за посетување одредени места или учество во демонстрации, објавува „BFMTV“.

Според полициските податоци, околу 24.000 луѓе протестираа во француската престолнина, додека младинските синдикати проценуваат дека на улиците имало близу 100.000 демонстранти.

Низ цела Франција се одржаа повеќе од 60 протестни собири. Во Париз истовремено се одржаа три одделни демонстрации - против предлог-закон за претпоставка за легална употреба на оружје од страна на безбедносните сили, меѓународен марш против насилството врз децата и протест на движењето „Жолти елеци“ против зголемувањето на трошоците за живот.

Тензии беа пријавени во Париз, Бордо, Нант, Лион и Руан. На Плоштадот на нацијата во Париз, полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата, што предизвика први знаци на паника кај демонстрантите.

Во Нант, полицијата употреби водени топови, додека во Бордо беа пријавени судири за време на кои некои демонстранти фрлаа предмети кон полицијата.

Во Тулуз, според организаторите, протестираа 6.000 луѓе, додека полицијата соопшти дека имало 1.800. Собирот помина без инциденти.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер