Иако за многумина денеска е неработен ден, занаетчијата Руфат Илијаз кој веќе 20 години чисти чевли на Скопскиот плоштад, денот ќе го мине работно. Вели занаетот е во изумирање, па стравува дека скулптурата на чистачот на чевли непосредно до неговиот штанд, ќе остане да ги потсетува луѓето на она што тој со години го прави. Илијаз вели дека и покрај денешните работни обврски, ќе го оствари своето право на глас.
„Моментално ја нема таа гужва, нема толку луѓе дека е неработен ден, луѓето коишто имаат обврски некои одат прво на гласање, па си ги завршуваат обврските, меѓутоа раздвиженост нема којзнае колку странци, туристи нешто има. Кога ќе одам дома ќе гласам со жената.“
Занаетот на Илијаз, како што самиот вели, најмногу ги привлекува странските туристи. Токму тие и беа најприсутни денеска на Скопски плоштад. Дел од нив пред камерата на Канал 5 кажаа дека прв пат ја посетуваат државата и се пријатно изненадени.
„Навистина ми се допаѓа, не е како што замислував. Ќе бидеме само во Скопје, но добро е, ми се допаѓа, се чувстутваме безбедно овде и е многу убаво.
„Прв пат сум во Македонија и ми се допаѓа. Ќе го шетаме градот, Кањонот и можеби ќе одиме во Охрид. Убаво, е топло, многу потопло од Шведска.
Најголемиот дел од граѓаните кои ги анкетиравме, велат дека веќе го искористиле своето право на глас, а остатокот од неработниот ден ќе го минат на кафе и на прошетка со пријателите.
За непречено одвивање на изборниот процес, Владата донесе одлука двата изборни денови да бидат неработни. Учениците овие денови ќе ги обработуваат во текот на работната недела преку подолг престој во училиштата.