Почна летното сметање на времето

 Со поместување на стрелките на часовникот за еден час напред ноќеска во два часот по полноќ почна летното сметање на времето.

Летното сметање на времето почнува секој последен викенд во март и трае до последниот викенд во октомври, кога повторно настапува зимоското сметање на времето. Годинава летното сметање на времето ќе трае до 30 октомври во 3 часот по полноќ.

Освен кај нас, летното сметање на времето ќе го применат и поголем дел од европските земји, освен Исланд, Русија и Белорусија.

Сезонското менување на времето, освен во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот.

Европскиот парламент на 4 март 2019 година изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година. Но, Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука, па не е сосема сигурно кога ќе биде последното поместување на часовниците во ЕУ.

Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.

Психофизичките последици се неминовни при секое поместување на стрелките на часовникот, велат стручните лица. Тоа значи дека скоро секој од нас денеска, при започнувањето на денот има почувствувано поспаност, а можеби и главоболкa, и промена во расположението.

Изминатата вечер со поместување на стрелките на часовникот за еден час понапред почна летното сметање на времето. Иако, Европската комисија пред неколку години испрати предлог до Советот на Унијата за да се укине поместувањето на стрелките на часовникот со што ќе остане во сила зимското сметање на времето, земјите-членки на ЕУ не се договорија за предложеното укинување на часовникот, со што овој режим продолжува да се применува.

Меѓутоа, ваквите промени според доктор Бојан Трајковски имаат директно влијание врз хормонскиот систем, имуниот систем и работата на срцето. Тој појаснува дека промените се бројни.

-Традиционално двапати годишно се случува познатата промена во стрелките на часовникот, но многу ретко се посветува внимание што може да направи и како тоа ќе делува на човечкото здравје. Науката вели дека главните промени кои настануваат се во циклусот на спиење кое пак е директно врзано со хормонскиот систем, имуниот систем и работата на срцето. Согласно тоа последиците т.е. промените се бројни од промена во апетитот, промени во расположението, појава на хипертензија, односно покачен крвен притисок, пропратена со тахикардичен синус ритам забрзан пулс, раздрасливост, несоница, главоболни, мачнини, омалаксаност, промени во концентрацијата и меморијата, вели доктор Трајковски за МИА.

Почетокот на летното сметање на времето претставува и почеток на проблемите особено за лицата со хронични заболувања. И како што вели доктор Трајковски, кај овие лица е потребно особено подолг период, а некогаш и промена во терапијата со цел успешна стабилизација.

-Најголемите промени ги гледаме кај луѓето кои боледуваат од хипертензија и кај жени со чести мигренозни атаки. Делуваме согласно симтоматологијата и со терапија која би ги олеснила постоечките симптоми и би им помогнала полесно да ја пребродат промената, појаснува Трајковски.

За стресот и заморот како една од последиците од оваа промена, психологот Атанас Иваноски објаснува дека овие појави честопати доведуваат до состојба во која се намалува продуктивноста кај човекот.

-Со оглед на тоа што може да предизвика стресот, како и искусувањето на психофизичкиот замор како состојба, тогаш за очекување е истите да влијаат негативно врз продуктивноста кај поединецот и намалување на неговата мотивација за извршување на одредени активности. Многу често, ова е тема на голем број истражувачи кои во своите истражувања ги имаат вклучено стресот и состојбата на психички и физички замор како релевантни независни варијабли со цел да утврдат како истите влијаат врз степенот на продуктивност и во кој степен е изразена нивната поврзаност. Несомнен е фактот дека поголем дел од спроведените истражувања потврдуваат дека стресот и заморот имаат влијание врз продуктивноста и дека постои одредена поврзаност, вели психологот Иваноски.

Доктор Трјковски подвлекува дека онаа група на луѓе која е навикната на фиксно работно време речиси секогаш се соочува со потешкотии при прилагодувањето.

-Кај секој се одразува различно. Одредена група на луѓе лесно ги поднесува ваквите промени особено ако работното место е со сменско работење, па промените во биоритамот не се необични за ваквите луѓе, додека онаа другата група која е научена на фиксно работно време и стабилен биоритам речиси секогаш се соочува со потешкотии во регулирањето на промените кои кај нив ги носи ваквото поместување на часовникот, изјави тој.

Од друга страна пак, од Организацијата на работодавачи за МИА изразија загриженост, велат дека ја поддржуваат идејата да се прекине праксата на промена на сметањето на времето во зима и лето.

-Многу истражувања во ЕУ потврдија дека промената на стрелките на часовникот негативно влијаат на работниците и дека предизвикува стрес кај организмот. Затоа ја подржуваме европската иницијатива да се прекрати со промената на времето во зима и во лето. Се разбира дека почетокот и завршетокот на работното време ќе треба да го утврди секоја компанија поединечно во зависност од дејноста, структурата на работната сила и други фактори, истакнуваат оттаму.

Потенцираат дека од оваа промена особено се засегнати работничките во текстилната индустрија.

-Некои работодавачи укажуваат на фактот дека на работниците во прва смена кои доаѓаат буквално уморни на работа им е потребно време од половина час да можат да отпочнат продуктивно да работат. Ова е особено присутно во текстилната индустрија каде работничката е потребно да го прекрати сонот еден до два часа пред почетокот на работното време за да може децата да ги подготви за градинка и да ги однесе до градинката. Затоа кај оние дејности каде се работи само во една смена работното време треба да им овозможи на работниците доволно време за сон и одмор, оценуваат од Организацијата.

Истражување спроведено од страна на Универзитетот во Колорадо Болдер, посочува на тоа дека фаталните сообраќајни несреќи во САД се зголемуваат за 6 проценти во текот на работната недела по „пролетта напред", што резултира со дополнителни смртни случаи секоја година. Студијата, објавена на 30 јануари проценува дека севкупно, во текот на дваесет и две годишните анализирани податоци, околу 627 луѓе загинале во сообраќајни несреќи со фатални последици поврзани со пролетното префрлање на летното сметање на времето.

Сепак, кога станува збор за летното сметање на времето постојат и одредени предности, па така со поместувањето на стрелките на часовникот денот ќе биде поголем, а ние ќе бидеме изложени повеќе на сонце, односно на витаминот Д. Во однос на предностите, доктор Трајковски наведе неколку препораки, истакнувајќи дека придржувањето кон нив ќе овозможи полесно справување со промената.

-Како и секогаш препораката е да се искористи што е можно повеќе од денот. Тоа подразбира чести прошетки во природа, да сме на сонце и околно зеленило, да се конзумира повеќе овошје и зеленчук, водата да ни биде вклучено со некој минимум од 2 до 3 литри дневно, а како ќе се зголемуваат температурите конзумацијата на алкохол и тоа како треба да ја намалиме се со цел, намалување на можноста за дехидратација, а со тоа и нови промени во здравствената состојба на луѓето. Физичката активност е нешто кое е секако препорачливо без разлика на возраста, особено кај пациенти со обезност и променети крвни параметри со цел нивно регулирање преку активност, без употреба на медикаментозна поддршка, порачува Трајковски.

На прашањето колку време ќе ни биде потребно за да се прилагодиме, тој посочува дека временскиот интервал секогаш е индивидуален и најчесто зависи од моментално здравје на човекот, начинот на живот, стресот со кој се соочува на дневно ниво, како и секојдневните работни обврски.

Во годината вообичаено е часовниците да се поместуваат еден час нанапред на пролет, а да се враќаат еден час наназад на есен. Овој систем е предложен во 1905 година од Вилијам Вилет, а првпат бил широко применет во 1916 година како военовременска мерка насочена кон заштеда на јаглен.

И покрај несогласувањата, многу земји го користат. Денеска во Европа е прифатено летното сметање на времето да започнува во последната недела од март, а да завршува во последната недела на октомври. Во САД летното сметање започнува во втората недела на март, а завршува во првата недела на ноември. На јужната полутопка почетокот на летното време е обратен од северната.

Финансии побара да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите

Осигурителните компании да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците, бара Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која денеска на седница го разгледа извештајот за зголемените цени...

До утре имаат рок осигурителните компании да ги вратат цените на осигурителните полиси по старо. Ова е епилогот од состанокот во министерството за финансии откако пред една недела осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето при регистрација на возилата за 15%.

„На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден.“

Состанокот во финансии кој доаѓа по реакциите на агенцијата за супервизија на осигурувањето која децидно се изјасни дека нема основа за ваквото зголемување на цените. Состанокот траеше неколку часа. Пред средбата осигурителните компании преку соопштение информираа дека треба да се земе во предвид реалната пазарна состојба и условите под кои работат осигурителните компании но по состанокот претставниците излегоа од влезот за архива и ги избегнаа камерите.

Од агенцијата за супервизија на осигурувањето е побарано да изготви извештај за тоа дали има економска оправданост барањето за поскапување од каде неофицијално за канал 5 велат дека за такво нешто воопшто нема простор и дека доколку не ги намалат сами цените тоа ќе се направи утре на владина седница со цел да се заштитат граѓаните од ова поскапување. Инаку со одлуката осигурителните компании ги зголемија цените од 840 дена за полиса до 1500 во зависност од јачината на моторното возило.

Гигантот „Форд“ губи огромни пари на секој продаден електричен автомобил

Форд соопшти дека има нето приход од 1,3 милијарди долари за првиот квартал од 2024 година.

Ова се должи првенствено на одделот за флота Ford Pro, кој на компанијата ѝ донесе три пати повеќе приходи од одделот Ford Blue, кој е специјализиран за патнички автомобили со мотори SUS.

Во истиот период, секторот за електрични автомобили и батерии забележал загуба од дури 1,3 милијарди долари, што е приближно двојно повеќе од она што го загубиле во истиот период во 2023 година. Компанијата го обвини „нискиот притисок на цените низ индустријата“.

Ford Pro заработил приближно 7.300 долари за секое од повеќе од 400.000 продадени возила, а Ford Blue заработил близу 1.400 долари за секое од повеќе од 600.000 продадени возила.

Електричниот оддел на Ford, кој се нарекува Model e, од друга страна, изгубил неверојатни 130.000 долари по возило на приближно 10.000 електрични возила што ги продале во првиот квартал од 2024 година, пишува Јутарњи.хр.

Форд за загубите ги обвинува намалувањето на цените на своите електрични возила, по што посегнаа како „одговор на променливите пазарни услови“. Додека пазарот на батерии и електрична енергија продолжува да расте, Форд би можел да се најде во позиција повторно да ги намали цените, нешто што производителот на автомобили буквално не може да си го дозволи.

Сепак, не е сѐ така црно. Големата инвестиција во одделот Model e треба да го стави електричниот оддел на Ford во подобра позиција во наредните години, бидејќи голем дел од тие пари се инвестираат во развојот на следната генерација на електрични возила. Ако сè оди според планот, новите автомобили на Ford на батерии би требало да ги зголемат приходите на одделот Model e во иднина.

Мицкоски: Коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ да освои мнозинство во Парламентот

„Помина првиот круг, малкумина од власта на СДСМ и ДУИ беа свесни за тоа што ќе се случува. Но, ние таа енергија која што ја чувствуваме во кампањата, таа емоција која што доаѓаше до нас беше исклучително силна. “

„Помина првиот круг, малкумина од власта на СДСМ и ДУИ беа свесни за тоа што ќе се случува. Но, ние таа енергија која што ја чувствуваме во кампањата, таа емоција која што доаѓаше до нас беше исклучително силна. И ни беше прилично јасно дека ќе се случи голема победа, и дека разликата ќе биде исклучително голема“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Јегуновце.

„Но, тоа што се случи на 24-ти април морам да признам и да бидам како и секогаш искрен со вас, ги надмина и нашите очекувања. Ние мислевме дека ќе биде до 150.000, а излезе 183.000 гласа разлика“, рече тој.

Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот изминативе години испишува историја и прави историски резултати.

„Да се навратиме кога ни предвидуваа дека нема да биде така како што ние очекуваме, дека власта ќе издвојува апсолутна победа и дека тоа е крајот за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и оваа генерација на политичари во ВМРО-ДПМНЕ. Ние заедно со вас, заедно со народот на Македонија успеавме да издвојуваме две убедливи победи на тие локални избори и во првиот и во вториот круг, и за првпат во независна Македонија, во демократска Македонија ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата заедно со народот успеа да победи во мнозинството општини во Македонија и да има мнозинство од градоначалниците во Македонија. Тоа беше првиот историски резултат“, потсети претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

„И тоа продолжи во првиот круг на претседателски избори каде резултатот во однос на идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова со актуелниот и претседател во заминување Стево Пендаровски е 2:1. И тоа е за првпат во Македонија се случува ваков резултат“, нагласи тој.

Тој посочи дека тука не треба да се застане, туку да се продолжи до крај, до 90-та минута и минута после 90-та.

„Сега следната наша цел повторно историска е за првпат некоја коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ од опозиција да освои мнозинство во македонскиот Парламент. Потребно е мнозинство во македонскиот Парламент и идниот претседател да биде Гордана Силјановска Давкова“, додаде Мицкоски.

„Јас сум убеден гледајќи го тоа што се случува овие пет дена од кога заврши првиот круг на претседателски избори дека и тоа ќе се случи. Ни остана помалку од една недела до денот на изборите и убеден сум од оваа енергија и емоција која што ја чувствувам од народот македонски дека и тоа ќе се случи“, укажа тој, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер