Почина доајенот на македонската кинематографија Љубе Петковски - Канал 5

Почина доајенот на македонската кинематографија Љубе Петковски

Посмртните останки ќе бидат изложени утре (17.02.2015) на градските гробишта Бутел од 11.30 до 12.30 часот.

Почина доајенот на македонската кинематографија Љубе Петковски


Љубе Петковски (1924-2015)

Скопјанецот Љубе Петковски во далечната 1924-та го започна својот долг животен пат во родното Скопје и еве, по 9 децении и нешто, од своето Скопје заминува во вечноста како еден од бардовите на македонската повоена кинематографија. Тој заедно со ветеранската генерација, режисери, сценаристи, ектери, монтажери, камермани, продуценти, во еден од најзначајните уметнички профили на филмската креативност, како кинематографер, беше во првите редови на основоположниците на нашата кинематографија, оставајќи зад себе во својот богат опус, многу филмови од кои и добар дел антологиски дела во жанровите на документаристиката и играниот филм, кои ќе останат трајно сведоштво за неговата голема уметничка и творечка личност. Филмови со кои сите се гордееме и ќе го имаме во траен спомен, а бројните домашни и меѓународни награди остануваат како потврда за она што тој го оствари во своето уметничко-филмско творештво.

Роден на 4-ти декември 1924 година, Љубе Петковски го заврши средното училиште во родното Скопје, за по војната, својата кариера, како млад филмски работник, да ја започне, во тоа рано пионерско време на македонската кинематографија, како асистент на тогаш искусните ex-југословенски режисери: Жорж Скригин од Белград, Вјекослав Африќ од Загреб и Франце Штиглиц од Љубљана. Потоа тој професионално се усовршувал во Загреб и Париз. Петковски во “Вардар филм”, како еден од неговите основачи, започна како камерман на документаристот-режисерот Кочо Недков, во првите уметнички документарци: ”Техника на народот” и “Памук”, обата снимени во 1950-та. Овој тандем подоцна одново се здружи во документарецот “Средновековни фрески”, реализиран во 1957-ма година. Но, предходно, 1955-тата е многу плодна за Петковски кој беше снимател-кинематографер во двата етнографски документарци на режисерот Ацо Петровски: “Галичка свадба” и “Дервиши”, како и документарецот “Ритам и звук” на режисерот Трајче Попов. Во истовреме, во истата 1955-та година, зедно со колегата Бранко Михајловски, како кинематограферски тандем, го снимија партизaнскиот филм “Волчја ноќ” на словенечкиот гостин, режисерот Франце Штиглиц, што, по “Фросина”, беше вториот целовечерен игран филм во продукција на “Вардар филм”.

Првичната наклонетост кон документаристичкиот реализам kako кинематографер, Љубе Петковски на најкреативен начин ја демонстрираше во неговите два најдобри долгометражни документарни филмови во кариерата, лауреатските: “Скопје ‘63” на режисерот Вљко Булаиќ, посветен на катастрофалниот земјотрес во Скопје (освојувач на “Златниот лав” за најдобар документарен филм во Венеција во 1964-та) и “Тулгеш” на авторот Коле Манев, инспириран од голготата и масовниот егзодус на егејските Македонци во 1948-та, по граѓанската војна во Грција, од страна на грчките фашисти на режимот на Метакса (освојувач на “Големиот златен медал”-“гран при” на белградскиот мартовски фестивал во 1977 година). Покрај овие два расни долгометражни документарни филмови, Петковски соработува и со режисерот Мето Петровски во неговите два високорангирани лауреатски документарци: “Вранештица” во 1976-та и “Голгота” во 1979-та, за кој на фестивалот во Краков ја освои наградата “Бронзен змев” за неговата снимателска креација.

Како дел од високата кинематограферска креативност на Љубе Петковски се и група најуспешни македонски целовечерни играни филмови, какви што се: “Мирно лето” во 1961, првиот игран филм режиран од македонскиот режисер Димитрие Османли, потоа двете историско-епски драми на белградскиот режисер Жика Митровиќ: “Солунските атентатори” во 1961-ва и “До победата и по неа” во 1966-та, обата снимени во црно/бела фотографија и wide-screen техника. Тука се и двата играни филма на режисерот Бранко Гапо: “Време без војна” во 1969-та и “Време води” во 1980-та година, две социјално-психолошки драми со критички акцент, во кои Љубе Петковски ја внесува неговата вештина за документаристичка реалност. Своевиден кинематограферски врв во опусот на Петковски се и двата лауреатски филма на режисерот Кирил Ценевски: “Црно семе” во 1971-вата, филм сведоштво за голготата на затворените и убивани македонски партизани-егејци, по спомнатата граѓанска војна, од страна на грчкиот фашистички режим ( филм кој труимфираше на фестивалот во Пула и се врати со наградата “Жар птица” од московскиот фестивал) и историската епска фреска од 11-от век “Јад” (за кој во 1975 на фестивалот во Пула -Љубе Петковски беше награден со “Златната арена” за најдобра фотографија).

Како бард на македонската кинематографија од редовите на кинематограферите, во 1997-ма година на 18-от Фестивал на филмската камера во Битола, заедно со колегата Бранко Михајловски, станаа лауреати на “Златната камера 300” за животно дело, со што Љубе Петковски заслужено влезе во клубот на великаните на фестивалот “Браќа Манаки”.

- Нека му е вечна славата!!!

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шокантен пресврт по нападот во Краков: Полицаецот, кој беше прогласен за херој, сега е на распит во Обвинителството

Случајот со полициската интервенција во Краков доби нов пресврт откако еден од полицајците кои го совладаа вооружениот напаѓач дојде под истрага на обвинителството. 

Шокантен пресврт по нападот во Краков: Полицаецот, кој беше прогласен за херој, сега е на распит во Обвинителството

Имено, поднесена е официјална жалба против полицаецот Јакуб Кулик за начинот на кој го користел службеното оружје, објавува Fakt.pl.

Подносителот на жалбата бара истрага за тоа дали полицаецот законски го користел своето оружје против напаѓачот. Како што дознава полскиот портал Onet.pl, жалбата ја поднел Полјак кој живее во Лондон. Обвинителството потврди дека ќе ја разгледа жалбата, но тоа не значи автоматски дека ќе отвори истрага против полицајците.

Жалбата прво ја примило Окружното обвинителство во Краков, кое потоа ја препратило до надлежното одделение кое го истражува нападот. Раководителот на тоа одделение, Ерик Стасиелак, потврди дека жалбата е примена.

„Таква жалба навистина ни е поднесена и, како и во случај на секоја слична жалба, ќе покренеме соодветна постапка“, изјави тој за Onet.

Што вели обвинителството?

Стасјелак истакна дека обвинителството не покренало постапка по сопствена иницијатива во врска со постапувањето на полицајците, бидејќи не забележало никакво основано сомнение дека е сторено кривично дело во нивните постапувања.

„Не видовме никакво основано сомнение во постапувањето на полицијата дека е сторено кривично дело“, рече обвинителот.

Самото поднесување на пријава не значи дека автоматски ќе се отвори истрага. Обвинителството прво мора да ја разгледа нејзината содржина, а доколку заклучи дека полицаецот не го прекршил законот, може да одлучи да не презема понатамошни чекори.

Поранешниот полицаец и инструктор по стрелаштво, Дариуш Томишек, исто така, коментираше за постапувањето на полицајците. Според него, полицаецот дејствувал во рамките на своите законски овластувања, а полицајците кои го совладале напаѓачот заслужуваат да бидат наречени херои.

Друг испитаник на порталот Онет изрази сомнеж дека пријавата може да претставува провокација од страна на лице кое и самото има проблеми со судството.

Кој ја поднел пријавата?

Полскиот портал Онет, исто така, доби дополнителни информации за лицето кое ја поднело пријавата. Според нивните информации, нејзините лични податоци, датумот и местото на раѓање се совпаѓаат со оние на маж кого го бара полската полиција.

Мажот наводно е поврзан со неколку случаи, вклучувајќи измама, возење под дејство на алкохол или дрога и упатување кривични закани.

Сепак, самото совпаѓање на деталите не потврдува дека станува збор за истото лице. Оваа информација покрена дополнителни прашања за идентитетот на подносителот на жалбата и неговите мотиви.

Обвинителот ги брани полицајците

Обвинителот од Краков, Пјотр Космати, исто така, јавно зборуваше за случајот, поддржувајќи ги постапките на полицајците и објаснувајќи зошто верува дека употребата на оружје била оправдана, дури и откако напаѓачот паднал на земја.

„Со оглед на прашањата што се појавија во врска со постапките на полицајците кои совладаа вооружен терорист во Краков, верувам дека пукањето во напаѓачот кој лежел на земја било целосно ОПРАВДАНО И ВО СОГЛАСНОСТ со важечките законски прописи. Не е важно дали напаѓачот лежел на земја. Ако оружјето сè уште било во неговиот дофат, постоела реална можност да се употреби, што претставувало непосредна опасност за животите на другите луѓе, вклучително и полицајците“, напиша тој на социјалните мрежи. Извештајот сега ќе го разгледа обвинителството, кое ќе одлучи дали постојат основи за понатамошни дејствија. Сепак, засега останува на сила ставот на обвинителот Стасиелак дека нема основано сомнение за сторување кривично дело во дејствијата на полицајците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

На Исар–Марвинци е откриен монументален комплекс на римска бања со зачуван систем за загревање (ВИДЕО)

Археолошките истражувања на локалитетот Исар–Марвинци кај Валандово во 2026 година донесоа исклучителни откритија, кои отвораат нови сознанија за урбаниот развој и секојдневниот живот во античкиот град.

На Исар–Марвинци е откриен монументален комплекс на римска бања со зачуван систем за загревање (ВИДЕО)

Во рамките на истражувањата на комплексот на јавната римска бања, откриен е монументален базен со димензии поголеми од 4,5 × 2,5 метри и длабочина над 1,5 метри, обложен со повеќе од осум различни видови мермер.

Особено значајно е откривањето на исклучително добро зачуваниот систем за загревање под базенот, кој функционирал преку посебна печка и циркулација на топол воздух. Комплексот е поврзан и со градската цистерна, а се наоѓа на длабочина од околу седум метри под денешната површина.

Покрај монументалната архитектура, откриени се и значајни движни наоди: сребрена монета на Ихнајците (500–480 г. пр. н. е.), бронзени монети од хеленистичкиот и римскиот период, мермерна биста со претстава на воен командант, фрагменти од скулптури и епиграфски споменик од син мермер со посветен натпис.

Овие откритија сведочат за развиената јавна инфраструктура, економската моќ и значењето на античкиот град, а овозможуваат и нови сознанија за неговиот урбан и општествен живот.

Истражувањето на комплексот ќе продолжи во 2027 година, во рамките на Годишната програма на Министерството за култура и туризам.

Со истражувањата раководеше кустос-советник Јане Клековски, а во стручниот тим учествуваа Игор Ширтовски, Сања Битрак, Андриана Петковска, Стефан Трајковски, Васил Николовски, Елена Рафајловска и Славица Бабамова.

Националниот археолошки музеј изразува благодарност за поддршката и соработката на Министерството за култура и туризам, Управата за заштита на културното наследство, НУ Завод и музеј – Струмица и Општина Валандово, објавија на ФБ од Националниот археолошки музеј.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Во недела во Брисел почнува форум за проширување на ЕУ- „ Поширока Европа, посилна Европа“

Дводневниот форум за проширување на ЕУ „Поширока Европа - Посилна Европа“ ќе започне во недела, 15 ноември во Брисел.

Во недела во Брисел почнува форум за проширување на ЕУ- „ Поширока Европа, посилна Европа“

Дводневниот форум за проширување на ЕУ „Поширока Европа - Посилна Европа“ ќе започне во недела, 15 ноември во Брисел, и ќе ги собере политичките лидери, претставниците на граѓанското општество, експертите за јавни политики од ЕУ и земјите-кандидатки за да разговараат за самиот процес, како и за безбедноста на Европа.

Форумот е клучен собир за донесувачите на одлуки од ЕУ и земјите-партнери, како и за водечките општествени актери, а неговата цел е да се разговара за идниот пат на Унијата и нејзиното членство, според веб-страницата на ЕК.

На форумот ќе се дискутира и за перспективите за проширување на ЕУ во светлината на актуелните геополитички предизвици и тектонски промени, давајќи им поттик на сите вклучени страни да продолжат по курсот што го започнале и дополнително да го забрзаат овој процес.

Конференцијата се отвора во недела во 18 часот со концерт на Марко Хатлак, Капобанд и Младинскиот оркестар на Западен Балкан, а официјалниот дел од конференцијата ќе се одржи во понеделник, кога на неколку панели ќе се дискутира за проширувањето и безбедноста, ставовите на локалните самоуправи и граѓанските општества за проширувањето, новите пазари, реформите и други важни теми.

Домаќин на настанот, кој се одржува по втор пат, е европската комесарка за проширување Марта Кос, а меѓу најавените учесници се претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, европскиот комесар за одбрана и вселена Андриус ​​Кубилиус, европскиот комесар за економија и продуктивност Валдис Домбровскис и други.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер