По прифатените предлози, УГД со поддршка на реформите во високото образование

На предлог на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Владата и МОН прифатија студентите да полагаат една половина од предметите во третата студиска година, независно дали го положиле или не првиот дел од државниот испит на крајот од втората студиска година.

- Ова е во релација со нашите одлуки и заклучоци на Наставно-научниот совет на факултетите, на Ректорската управа и на Сенатот - да не се прекинува наставниот процес со државниот испит. Државата од своја страна, ако така оцени, има право да организира проверка на стекнатото знаење на универзитетите преку државни испити или други форми на проверка на знаењето, смета ректорот на Штипскиот универзитет Саша Митрев.

Во врска со предлогот кој се однесува на зголемувањето на бројот на објавени публикации од професорите во реномирани научни списанија, односно списанија кои се опфатени со научната база Web of Science и нивното вреднување при изборот на професорите во наставно-научни звања, за УГД-Штип е темелна определба уште од неговото основање.

Според Митрев, овој став за УГД е во целост прифатлив и е многу прецизно уреден во постоечките правилници на Штипскиот универзитет за избор во наставно-научно звање.

- Врз основа на ова, УГД нема никакви пречки да ги поддржи измените во Законот за високо образование, смета Митрев, кој во обраќањето до деканите и до другите членови на академската заедница посочува дека имаат право на сопствен личен став и мислење и немаат никакви задршки или институционални пречки од ректорот, Ректорската управа или Сенатот. /МИА

Се помалку украински бегалци сакаат да се вратат во земјата

 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа.

Повеќе од половина од украинските бегалци во странство и натаму планираат да се вратат во Украина, иако нивниот удел е намален за повеќе од 20 отсто во споредба со минатата година, покажа истражувањето на агенцијата за истражување на јавното мислење „Инфо Сапиенс“.

Така, 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа, објави Униан. Меѓу нив, 61 отсто планираат да се преселат во Украина по завршувањето на војната.

За споредба, во ноември 2022 година, истражувањето покажа дека 49,7 отсто од украинските бегалци дефинитивно планираат да се вратат дома. Од нив 24,3 отсто се изјасниле дека планираат да го сторат тоа. Уделот на возрасните кои планираат да се вратат дома е поголем.

Кај децата овој процент е помал, 22 отсто од нив дефинитивно сакаат да се вратат, а 25 отсто веројатно сакаат. Повеќето од оние кои сакаат да се вратат се деца на возраст од 6 до 14 години и оние кои учат во украински училишта. Во исто време, расте бројот на Украинци кои претпочитаат да живеат во странство отколку во Украина.

Очекувано, подолгиот престој во странство е проследен со високо ниво на адаптација кон новиот живот. /MИА

Работно време на паркиралиштата на ЈП ПОЦ за Велигденските празници

Паркирањето во Општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. 

Утре, во недела и понеделник, граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ појаснуваат дека согласно програмата за неработни денови за 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, сабота е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ќе работат со вообичаено работно време.

Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.

Посочуваат дека редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи во вторник со вообичаено работно време. /МИА

Србија доби нова Влада, премиер Милош Вучевић, 31 министер и 26 министерства

Собранието на Србија вечерва ја избра новата Влада на Србија на чело со претседателот Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

За новата влада од 250 пратеници колку што има српското собрание, за владата гласаа 152 од 213 присутни пратеници, а 61 беа против. Воздржани немаше, а отсутни беа 37 пратеници.

Новата Влада на Србија ќе брои 31 член, од кои пет се министри без ресор. Новата влада има третина од новите имиња во однос на претходната Влада на Србија предводена од Ана Брнабиќ.

Премиерот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница вчера најави дека владата ќе биде континуитет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Северна Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа.

Во новата влада Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ-министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар-министер за здравство, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Јелена Беговиќ-наука и иновации и Хусеин Мемиќ министер за туризам.

Милан Кркобабиќ е министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ е министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /МИА

притисни ентер