Претседателот на судот дарко костадиновски соопшти дека одлуката била доенсена поради воочена повреда на владеењето на правото, ретроактивното дејство на Законот, погрешна примена на Европската директива и селективната солидарност...
„Субјектите во правото мораат да знаат што ги чека, не може во сред игра да им ги менуваш правилата на игра, тоа е правната предвидливост. Тие носат проекции и во тоа се состои суштината на владеењето на правото, кога правото владее ти знаеш што те очекува, дека оваа година на толку остварен профит толку данок ќе платам. Во услови на немилосрдна борба за привлекување на странски инвестиции каква порака се праќа до економските субјекти, дека државата може по потреба кога ќе и текне да воведе данок.“
Костадиновски појасни дека компаниите кои сметаат дека им биле повредени правата можат во рок од 5 години да побараат да им бидат вратени парите.
„Секој што смета дека со тој закон му биле повредени правата има право да бара од надлежниот орган да се поништат решенијата со кои му се повредиле правата, во рок од 5 години од објавувањето на нашата одлука во Службен весник. Ако не седнат и не се договорат, во тој случај секоја од странките може да поведе спор, да поведе судска постапка што претпоставувам ќе носи дополнителни трошоци.“
Уставниот суд одлучи да ја оценува уставноста и законитоста на Законот за данок на солидарност во ноември минатата година, откако беше прифатена иницијативата поднесена од неколку компании. Со Законот беа опфатени компаниите кои во 2022 година оствариле промет над 10 милиони евра.. Претходно и министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска и премиерот Христијан Мицкоски изјавија дека нема да ја коментираат одлуката на Уставниот суд, а нивна должност е да постапат по неа.