БалканПо масакрот во Цетиње, Црна Гора најави нов закон за оружје Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, вчера вечерта најави дека за два месеци ќе има нов Закон за оружје, кој предвидува ригорозни контроли на сите постоечки дозволи, како и поинтензивна борба против нелегалното поседување, јавува Анадолу.По повод трагедијата во Цетиње, кога на 1 јануари во крвавиот напад на 45-годишен напаѓач загинаа 12 лица, премиерот на Црна Гора свика вонредна седница на Советот за национална безбедност. Според соопштението, советот се фокусирал на клучните предизвици во откривањето и одземањето на нелегалното оружје и предложил низа мерки насочени кон борба против криминалот и заштита на граѓаните. „Ова беше најтешкиот Совет за национална безбедност поради темата и проблемите што нè снајдоа. Мислам дека е првенствено важно да се обединиме како народ во вакви ситуации“, рече Спајиќ. Посочувајќи дека злосторството во Цетиње го извршил „медицински феномен, човек со психијатриски проблеми“, Спајиќ рече дека овој случај нема врска со верски или национални елементи. Тој ги пофали црногорските медиуми, здравствените институции и полицијата за нивниот професионален одговор. „По анализата на ситуацијата имавме неколку заклучоци што треба да се направи во наредниот период“, рече Спајиќ и додаде дека тоа пред сѐ се однесува на поседувањето оружје во Црна Гора. „Секој кој поседува пиштол ќе мора да помине низ најригорозните проверки во Европа за да го задржи својот пиштол. Тоа важи и за сите ловечки друштва, кои мора да ги обноват лиценците“. Тој додаде дека смета дека треба да се затворат сите приватни стрелачки спортски клубови. „Што се однесува до нелегалното оружје, веќе имаме кампања „Почитувај го животот – врати го оружјето“. Но, доколку не го предадат нелегалното оружје во рок од два месеца, најстрого ќе бидат казнети“, истакна Спајиќ. Тој рече дека по тој рок треба да стапи во сила нов Закон за оружје, според кој секое недозволено носење или поседување оружје ќе се казнува со највисоки казни. „Нема да има милост за тие луѓе“, рече Спајиќ. Тој рече дека за една и пол година повеќе од илјада лица од полициските сили се пензионирани и додаде дека по итна постапка ќе примат 200 полицајци, а потоа ќе продолжат да работат на решавање на проблемот со недостатокот на полициски службеници. Тој нагласи дека црногорската полиција има недостиг од работна сила, односно недоволен број на оперативни полицајци на терен и дека тоа мора да се промени. Најави и измени на законот за да се овозможи враќање на веќе пензионираните полицајци. „Секогаш треба да имаме еден вод специјалци, кој се планира преку систематизација, а кој постојано би бил достапен и со хеликоптер ќе пристигнува на местото на настанот низ цела Црна Гора“, рече Спајиќ. Да потсетиме, Ацо Мартиновиќ на 1 јануари попладнето во Цетиње застрела и уби 12 лица, меѓу кои две деца, при што тешко рани четири лица. По неколкучасовното бегство, Мартиновиќ се самоуби. По повод трагедијата во Цетиње, Владата на Црна Гора прогласи денови на жалост на 2, 3 и 4 јануари.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
ЖивотЗошто имаме потреба на другите да им покажеме дека имаме совршен живот?Фасадата на совршенството како параван за проблемитеИдеализираните слики кои прикажуваат убавина и успех некогаш ги гледавме во списанијата и рекламите, а денес таквите прикази често ги гледаме на профилите на социјалните мрежи кај пријателите и врсниците, наведува Child Mind Institute. Најчесто, тинејџерите на профилите ги споделуваат најубавите моменти, додека обичните денови остануваат надвор од кадарот, па „совршениот“ туѓ живот честопати нè поттикнува да ја преиспитаме сопствената вредност. Фасадата на совршенството како параван за проблемите Според клиничкиот психолог Џил Емануеле, прикажувањето на животот погламурозен одошто е, само по себе не е проблем... но кога лицата се кријат зад социјалните мрежи глумејќи совршенство, тоа може да создаде фрустрација и потиштеност поради јазот помеѓу она што го претставуваат и она што навистина се. Порталот YourTango наведува 11 работи кои најчесто се кријат зад таквата фасада. Ниска самопочит Лицата со ниска самопочит понекогаш се обидуваат да ја скријат сопствената несигурност прикажувајќи пред другите речиси совршен живот. Искреноста за сопствените тешкотии би значела тргање на параванот. Перфекционизмот, како и претераната потреба за постигнување, може да произлегува од чувството дека личноста не е доволно вредна, па се труди околу секоја ситница за да се чувствува прифатено. Зависност од туѓото одобрување Ниската самопочит може да се појави како силна потреба за туѓо одобрување. Таквите личности сакаат да остават впечаток дека животот им изгледа подобро одошто се чувствуваат. Комплиментите, пофалбите и туѓите коментари се важен извор на потврда. Проблемот е што самодовербата почнува да зависи од тоа како другите ги доживуваат. Потребата за потврда Социјалните мрежи нудат лесен начин за добивање потврда од другите. Со објавување внимателно избрани фотографии и моменти, луѓето можат да создадат слика за животот што сакаат другите да го видат. Коментарите и реакциите дополнително ја зацврстуваат таа претстава, дури и ако поединецот не сака да открие колку мислењето на другите всушност му значи. Стравот од неуспех Зад потребата сè да изгледа совршено понекогаш се крие страв од неуспех. Поединецот може да стравува дека не е доволно успешен, способен или интелигентен, па затоа се обидува да прикаже спротивна слика. Таквиот страв може да влијае и врз подготвеноста на личноста да проба нешто ново или да преземе ризик. Емоционална затапеност Некои луѓе ги кријат своите вистински чувства зад сликата „безгрижен живот“. Иако внатрешно може да се чувствуваат празно, осамено или емоционално исцрпено, пред другите тие прикажуваат слика дека сè е во најдобар ред. Таквата фасада може краткорочно да помогне во прикривање на проблемите, но истовремено може да го засили чувството на изолација. Занемарување на сопствените потреби Совршениот живот на социјалните мрежи не секогаш ја одразува реалноста зад сцената. Некој може да објавува фотографии од дружења, патувања или миленици, а истовремено да ги занемарува одморот и сопствените потреби поради огромен притисок. Социјалните мрежи главно прикажуваат внимателно одбрани моменти, додека она што се случува надвор од камерата често останува скриено. Проблеми во врската Некои врски може да изгледаат идеално на социјалните мрежи, дури и ако реалноста зад објавите не е таква. Паровите може често да објавуваат заеднички фотографии и да споделуваат романтични пораки за да ја истакнат својата среќа. Сепак, социјалните мрежи сами по себе не можат да ја откријат вистинската природа на врската кога камерата е исклучена. Желба за внимание За некои луѓе, прикажувањето на совршен живот може да биде начин да привлечат внимание. Пофалбите за нивниот изглед, постигнувања, кариера или начин на живот можат да им пружат чувство на важност и задоволство. Сепак, во основа на таквото однесување понекогаш може да лежи осаменост, несигурност или потреба за подлабока поврзаност со другите. Психолошки предизвици Луѓето кои се соочуваат со емоционални тешкотии не секогаш сакаат другите да забележат низ што минуваат. Наместо да ја покажат својата ранливост, тие може да се трудат да остават впечаток дека сè е во ред. Сепак, криењето на проблемите и избегнувањето барање помош можат дополнително да го отежнат справувањето со она што ги мачи. Синдром на измама Дури и успешните луѓе понекогаш имаат чувство дека не го заслужуваат она што го постигнале или оти другите ќе откријат дека всушност не се толку способни колку што изгледаат. Ова чувство се поврзува со таканаречениот „синдром на измама“. На социјалните мрежи, таквите поединци може дополнително да ги истакнуваат своите успеси за да ја прикријат сопствената несигурност. „Прегорување“ Некои луѓе однадвор изгледаат како да немаат проблеми и без напор ги усогласуваат работата, семејството, хобито и социјалниот живот. Сепак, одржувањето на таква слика може да бара огромен напор. Постојаната потреба да се остави впечаток на совршенство може да донесе стрес, исцрпеност и, на крајот, прегорување. Споредување со туѓото „совршенство“ Д-р Емануеле укажува на уште еден чест проблем: за тинејџерите, социјалните мрежи можат да поттикнат негативни чувства кон самите себе. Децата кои се сомневаат во сопствената вредност, во објавите на другите луѓе го гледаат токму она што сметаат дека им недостасува. Ако веќе се борат со недостиг на самодоверба, сликите од врсниците кои се забавуваат можат да делуваат како потврда за нивниот сопствен неуспех. „Знаеш дека тоа не те прави среќен, но сепак гледаш“ Саша и нејзиниот пријател Џејкоб (15) се согласуваат дека изложувањето на социјалните мрежи влијае на тоа како се доживуваат себеси и другите. „Знаеш дека тоа не те прави среќен, но сепак гледаш“, вели Џејкоб. Дури и сознанието дека зад тие внимателно одбрани фотографии се кријат проблеми од реалниот живот, не го намалува притисокот што го чувствуваат. Саша се сеќава на едно девојче кое страдало од нарушување во исхраната. „Сите знаевме, состојбата беше толку сериозна што таа заврши во болница, а сепак, секогаш кога ќе објавеше фотографија од плажа на која изгледаше преслабо, сите стискавме „лајк“. Иако знаела дека девојчето е болно, Саша признава дека чувствувала љубомора и посакувала да изгледа така – а потоа се згрозила од сопствената помисла. Како социјалните мрежи влијаат врз менталното здравје на тинејџерите? Постојаното споредување со другите може да ја намали самодовербата. Покрај тоа, сопствениот „совршен“ профил може да стане маска за вистинските проблеми како анксиозноста или депресијата, што го отежнува барањето и добивањето помош. Што можат да направат родителите? Клучно е да не се потценува важноста на онлајн светот за тинејџерите. Разговарајте отворено со вашето дете за тоа како се чувствува додека користи социјални мрежи и охрабрете го да престане да следи профили поради кои се чувствува лошо. Пред сè, понудете му поддршка и разбирање. Како можат да помогнат родителите? Разговарајте со вашите деца за социјалните мрежи, поттикнувајте критичко размислување и потсетувајте ги дека она што го гледаат онлајн не секогаш е верен одраз на реалниот живот. Научете ги дека е нормално да прават грешки, поттикнувајте рамнотежа помеѓу времето поминато пред екранот и активностите во реалниот живот, и обрнете внимание на промените во нивното расположение. Најважно од сè, погрижете се да знаат дека се прифатени и ценети, без оглед на тоа како изгледаат или што објавуваат онлајн. Извор: index.hrКрадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
Шоу бизКим Кардашијан има пет дадилки за своите четири деца: „Една е секогаш на должност“Ким Кардашијан, 45-годишната основачка на брендот „SKIMS“, во ново интервју откри детали за тоа како го организира животот со четирите деца што ги има со поранешниот сопруг, Канје Вест. Заедно ги имаат ќерките Норт (13) и Чикаго (8) и синовите Сејнт (10) и Псалм (7), при што Кардашијан е нивниот примарен старател. Кардашијан за „Тајмс“ откри дека има помош околу грижата за децата, ангажирајќи пет дадилки кои се менуваат. Таа објасни дека „една е секогаш на должност“, додека „останатите четири се менуваат во смени“. Таа секој ден ги вози на училиште И покрај тоа што има помош, Кардашијан вели дека е активно вклучена во секојдневниот живот на своите деца. Таа лично ги вози на училиште и ги зема оттаму секој ден, а секоја вечер заедно вечераат. „Мислам дека сум умерено строга мајка. Многу сум трпелива и им давам многу љубов. Децата сè уште можат да спијат во мојот кревет кога и да посакаат, а јас им читам секоја вечер пред спиење“, рече таа. View this post on Instagram A post shared by Kim Kardashian (@kimkardashian) Таа се грижи за јавното експонирање на децата Во интервјуто, таа се осврна и на прашањето за јавното експонирање на нејзините деца – особено на најстарата ќерка, Норт, која е популарна на „TikTok“ и сè повеќе се занимава со музика. Кардашијан призна дека се грижи за учеството на децата во семејното реално шоу „The Kardashians“. „Секое дете учествува онолку колку што се чувствува пријатно. Помалите деца се појавуваат додека снимам, но немаат некои големи улоги во серијата. Норт ужива во тоа малку повеќе од другите, па морам малку да ја ограничувам“, објасни таа. Таа додаде дека Норт е најмногу заинтересирана за проекти кои нудат јавно експонирање, поради што нејзините родители се обидуваат внимателно да ги избираат можностите што таа ги прифаќа, наместо да се согласуваат на сè што ѝ се нуди. View this post on Instagram A post shared by Kim Kardashian (@kimkardashian) Кога станува збор за музиката, Кардашијан вели дека подобро комуницира со Канје Вест на таа тема. Тие се погрижуваат да бидат усогласени и се осигуруваат дека Норт учествува само во проекти што и двајцата ги одобриле. Извор: Индекс.хрТагови: Ким Кардашијан Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
ЕвропаХаос во Франција: Се затвораат до 500 средни училишта, 24 се запалени или вандализираниУчилиштата се затвораат кога не се исполнети безбедносните услови – било поради оштетување на имотот или поради тоа што вработените биле директно загрозени.Францускиот министер за образование, Жан-Мишел Бланке, денес соопшти дека утре целосно или делумно ќе бидат затворени меѓу 400 и 500 средни училишта во Франција поради последиците од насилните студентски протести, додека најмалку 24 училишни објекти биле запалени или вандализирани. „Наставата беше прекината во меѓу 400 и 500 образовни установи во петокот, а веројатно сличен број ќе бидат затворени и во понеделник, иако со делумно и постепено продолжување на наставата“, изјави Бланке, пренесува весникот „Ле Фигаро“. Францускиот министер наведе дека 78 вработени во образовниот систем се повредени откако започнаа протестите. Според него, училиштата се затвораат кога не се исполнети безбедносните услови – било поради оштетување на имотот или поради тоа што вработените биле директно загрозени. Бланке рече дека одредени припадници на крајната левица се приклучиле на протестите, обвинувајќи ги дека го злоупотребиле студентското движење и прибегнале кон насилство. „Ова претставува ризик и за нашиот персонал и за учениците. Повредени се 78 вработени во образованието – нешто што досега не сме го виделе. Тие беа намерно нападнати бидејќи работат во образованието“, изјави министерот. Протести низ Франција Протестите и блокадите на средните училишта започнаа на 17 септември во регионот на Париз, а потоа се проширија низ целата земја. Ситуацијата, како што забележува францускиот весник, ескалираше во четвртокот во неколку француски градови. Петокот беше одбележан со тензии и повеќе од 1.700 приведени лица, со што вкупниот број на приведени од почетокот на неделата достигна околу 5.000. Организаторите повикаа протестите да продолжат и во вторник, наведувајќи дека не добиле „конкретни мерки“ од властите. Учениците што учествуваат во протестите, меѓу другото, бараат повеќе персонал и зголемени средства за образованието, а истовремено се жалат на притисокот од системот за упис на универзитетите, недостигот на наставници-заменици, лошата состојба на училишните згради и преоптоварените распореди на часовите. Извор: Б92Тагови: Франција Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook