Планинарот Зоран Николов се искачи на планинскиот венец Памир на Западните Хималаи

Планинарот Зоран Николов, член на ПСК „Осогово“ од Кочани ја заврши експедицијата за искачување на планинскиот венец Памир, што се вбројува меѓу највисоките во светот и е дел од Западните Хималаи.

Во исклучително тешки временски услови со силен ветер и снег, како единствен македонски учесник на 12-дневната експедиција, Николов се искачи на неколку врвови над 5.000 и 6.000 метри. Иако најголем дел од Памир се наоѓа во Таџикистан, искачувањето било реализирано од соседната држава Киргистан.

-Во групата имав колеги од Австралија, Белорусија, САД, Чешка и од други држави, а нашата цел беше да се искачиме на еден од највисоките врвови на Памир, на над 7.000 метри. Сепак, наидовме на исклучително лоши временски услови, а на планинскиот венец има огромни и опасни процепи на ледниците. Потврда за опасноста е што починаа тројца членови од експедицијата, а јас направив почетничка грешка што во почетокот на пешачењето не носев заштитни очила и привремено добив снежно слепило. За среќа, навреме примив соодветни медикаменти и проблемот беше надминат. Во меѓувреме, водачите шерпаси нè предупредија дека е премногу ризично да продолжиме со искачувањето, поради што бевме приморани да се вратиме во базичниот камп. Иако не успеавме до крај да ја реализираме мисијата, тоа не значи дека ќе се откажам од намерата, истакна Николов.

Поради суровите и тешки услови за искачување, Памир е еден од најголемите предизвици за планинарите од целиот свет, а кочанскиот планинар е меѓу ретките во државата кои искачиле врвови над шест илјади метри.

Како подготовка за овогодишната експедиција, Николов минатата година го искачи врвот Арарат, кој со своите 5.137метри е највисок во Турција.

На Елвис Присли му било судено да умре млад!

Трагедијата веројатно е последица на инцест

На 18-ти август се навршуваат 45 г. од смртта на кралот на рокенролот Елвис Присли

(1935-1977). Официјално, тој умрел како последица на срцев удар, а на истиот ден 19 г. претходно умрела неговата мајка Гледис.

Сели Ходел, биограф на познатиот пејач, проучувајќи го неговото семејно стебло, дошла до заклучок дека нему му било судено да умре млад бидејќи неговите баба и дедо од мајчина страна биле блиски роднини. Наводно, неговата баба страдала од туберколоза, а Сели верува дека таа наводно била погрешно лечена и имала генертско нарушување кое се пренесувало со генерации. Ситуацијата дополнително се влошила со нејзината мажачка за близок роднина, па најверојатно мајката на Елвис, Гледис, наследила два оштетени гена и имала сериозно срцево заболување кое подоцна го пренела и на нејзиниот син. Од ова дегенеративно заболување на срцето страдале сите роднини од мајчината страна на пејачот, вклучувајќи ги неговата мајка и баба.

Сели Ходел воочила голема сличност на смртта на Елвис Присли со смртта на неговата мајка Гледис која починала на 46 г. поради проблеми со срцето.

И нејзините тројца браќа, вујковците на Елвис, починале во слични години од срцеви и белодробни заболувања.

Ходел истакнува дека Елвис пиел разни медикаменти кои му ги препишувале докторите за полесно да се избори со тешките турнеи. Но, во својата книга Сели тврди дека падот на Елвис Присли не е предизвикан од употребата на лекови, туку поради сериозната болест од која страдал.

Кралот на рокенролот беше пронајден мртов на 18-ти август 1977 г. во бањата на својата куќа во Мемфис. Лекарите соопштија дека починал од срцев удар кој најверојатно бил предизвикан од прекумерната употреба на лекови.

Двегодишно девојче од Турција гризнало змија, животното ѝ вратило (ВИДЕО)

На истокот на Турција, во село во близина на градот Бингол, змија каснала двегодишно девојче, по што детето ја каснало змијата, пишуваат турските медиуми.

Девојчето е пренесено во болница и е во добра состојба.

Таткото на девојчето за локалните медиуми изјавил дека инцидентот се случил во дворот на семејната куќа.

„Додека бев на работа ми се јавија и ми рекоа дека моето дете го каснало змија. За среќа, додека стигнав детето веќе беше пренесено во болница. Како што ми кажаа соседите, детето ја држело змијата во рака и си играла со неа кога го каснала.Им благодарам на моите соседи и Господ нека ги благослови“, изјавил таткото Мехмет Еркан.

Соседот кој го видел малото девојче како ја гризе змијата го оддалечил животното од двегодишното дете и повикал помош. Змијата ја каснала за долната усна.

"Лекарите ми рекоа дека наодите се чисти и дека таа треба да биде под опсервација 24 часа. Би ги повикал родителите да внимаваат на своите деца. Секогаш внимавајте на нив", рекол таткото на девојчето.

Инцидентот се случил минатата среда.

На изборите во Бразил на Болсонаро ќе му се спротистави претходникот, излезен од затвор

Изборната трка за бразилски претседател, официјално започнува денеска, а ќе ја одбележи борбата меѓу актуелниот Жаир Болсонаро и поранешниот левичарски претседател Луис Инасио Лула да Силва.

Главните кандидати, Болсонаро и Лула, кои всушност водат кампања со месеци, на настани како дел од кампањата, ќе ги покажат своите сосема спротивни стилови. Болсонаро (67) планира да ја започне својата кампања со митинг во Јуиз де Фора, малиот југоисточен град каде што беше избоден и за малку убиен од напаѓач за време на неговата кампања во 2018 година.

Нападот го зацементира имиџот на Болсонаро меѓу поддржувачите како борец против политичкиот естаблишмент. Неговиот имиџ е нарушен од серија кризи што го погодија Бразил - од пандемијата на „Ковид-19“ до зголемената инфлација.

Лула (76), кој води во анкетите, ќе ја започне својата кампања со посета на фабриката на Фолксваген во Сао Бернардо до Кампо, во индустриското срце на државата Сао Паоло, каде што ја започна својата политичка кариера како синдикален лидер.

Двата настани се полни со симболика, рече политичкиот аналитичар Адријано Лаурено, кој ја нарече трката „најполаризирачки претседателски избори од враќањето на демократијата“ во Бразил кон крајот на 1980-тите.

„Болсонаро се обиде да изгради божествено избран наратив за неговото претседателствување во која преживувањето откако беше прободен одигра централна улога“, рече Лаурено од консултантската компанија „Проспектива“.

„Лула секогаш се обидува да се врати во Сао Бернардо во клучните моменти од неговата политичка кариера, претставувајќи се себеси како човек на народот“, изјави тој за АФП. Според последната анкета на Институтот „Ипек“, објавена вчера, Лула моментално води со 44 отсто од гласовите, додека Болсонаро може да смета на 32 отсто од гласовите.

Доколку ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од важечките гласови на изборите на 2 октомври, вториот круг ќе се одржи на 30 октомври.

Од март минатата година изборот се сведе на Болсонаро и Лула откако Врховниот суд ја укина пресудата за корупција против Лула, поради што тој заврши во затвор и ја напушти политиката. Лула беше уапсен како дел од операцијата „Car Wash“, масовна истрага за системска корупција околу државната нафтена компанија „Петробрас“.

Лула, претседател од 2003 до 2010 година, ја напушти функцијата како најпопуларен претседател во историјата на Бразил, а неговиот мандат доживеа економски бум кој извлече 30 милиони луѓе од сиромаштија.

Болсонаро смета на нова голема програма за благосостојба за да ја зголеми својата популарност и да го намали јазот со Лула. Сè уште е рано за целосниот ефект на програмата да се види на анкетите. Многу Бразилци стравуваат дека доколку Болсонаро загуби, ќе ги следи стапките на неговиот политички модел, поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој не ги признава резултатите од претседателските избори во САД.

Болсонаро, кој редовно тврди дека има измами во електронскиот систем на гласање во Бразил, сака да каже дека „само Бог“ може да го отстрани од функцијата.

притисни ентер