Петмина европски министри за одбрана ќе се сретнат в среда во Париз за Украина - Канал 5

Петмина европски министри за одбрана ќе се сретнат в среда во Париз за Украина

Францускиот министер за одбрана денеска ќе ги прими своите колеги од четири други европски воени сили, Германија, Италија, Полска и Велика Британија, за да ги „координираат акциите за поддршка на Киев“, соопшти француското Министерство.

Петмина европски министри за одбрана ќе се сретнат в среда во Париз за Украина

Петмина министри за одбрана ќе се сретнат во Париз еден ден по состанокот на началниците на генералштабовите на европските земји подготвени да го гарантираат идниот мир во Украина, организиран од францускиот претседател Емануел Макрон, пренесуваат француските медиуми.

-Во време кога европските шефови на држави постојано повторуваа дека мирот во Украина треба да се наметне со сила и со оглед на неодамнешната одлука на САД да ја прекине воената помош за Украина, министрите ќе разговараат за координирање на активностите на нашите земји за поддршка на Киев, изјави францускиот министер за одбрана, Себастиен Лекорну.

Министрите, како што е наведено, ќе разговараат и за неопходното дополнително вооружување на Европа и нивните земји, потребно за да се обезбеди долгорочна колективна безбедност.

Ова е третпат министрите за одбрана на петте земји да се сретнат лично во ваков формат, по првата средба во Берлин во ноември, а втората во Полска во јануари.

Емануел Макрон, заедно со британскиот премиер Кир Стармер, во координација со украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку други европски лидери, се обидуваат да развијат мировен план со кој би се избегнало преговорите меѓу САД и Русија да завршат со прекин на огнот без никакви гаранции.

Макрон веќе најави во телевизиско обраќање во средата дека во вторник следната недела ќе ги прими европските началници на генералштабови. Целта е можно распоредување на европски сили во Украина кои нема да се борат на првите линии, туку ќе гарантираат почитување на мирот откако ќе се потпише мировниот договор, рече тогаш Макрон.

Францускиот претседател во последните неколку дена се обидува заедно со британскиот премиер да го преземе водството во развојот на одбраната на европскиот континент, во време кога претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин се се поблиску. /МИА

САД и Кина договорија намалување на царините за 115 отсто за период од 90 дена

САД и Кина се договорија меѓусебно да ги намалат царинските стапки за 115 отсто на увезените производи за период од 90 дена, изјави денеска во Женева американскиот министер за финансии Скот Бесент, пренесува „Гардијан“.

САД и Кина договорија намалување на царините за 115 отсто за период од 90 дена

Бесент на денешниот брифинг со новинарите истакна дека двете страни покажале „голема почит“ за време на преговорите и дека имаат заеднички интерес за урамнотежена трговија. На брифингот учествуваше и трговскиот претставник на САД Џејмисон Грир.

Договорот следува по викенд-преговорите меѓу претставници на двете земји, означувајќи значајна деескалација на трговската војна што започна минатиот месец. САД претходно ги зголемија царините за Кина на 145 отсто, додека Пекинг возврати со царини од 125 отсто за американските производи.

Прашан за деталите за новите царини меѓу САД и Кина, Грир објасни денеска дека договорот се заснова на реципрочната царина што САД ја воведоа на 2 април, како и на ескалаторските чекори што ги презедоа двете страни потоа.

Тој вели дека кинеската и американската страна завршиле со царини од 125 отсто на меѓусебниот увоз. „Сето тоа сега е намалено за 115 отсто, на 10 проценти за секоја страна“, вели Грир.

Дополнително, САД воведоа царина од 20 отсто поврзана со фентанилот, истакнува Грир (што е причината што вкупната царинска стапка на САД беше145%). Оваа давачка, воведена од Доналд Трамп за да ја поттикне Кина да го намали протокот на фентанил во САД, се третира одвоено.

Така, реципрочната царина на САД за увоз од Кина се намалува на 30 отсто, согласно договорот постигнат во текот на викендот, додека давачката на Кина се намалува на 10 отсто. Сепак, постојат и „секторски специфични“ царини што САД ги наплатуваат за увоз на, на пример, челик и автомобили.

Скот Бесент открива дека „пријатното изненадување за мене од овој викенд“ беше степенот на ангажманот на Кина во врска со кризата со фентанилот во САД.

Грир вели дека САД поминале децении во Светската трговска организација (СТО), водејќи мултилатерални и билатерални преговори, обидувајќи се да ги натераат другите земји да ги намалат своите царини и нецаринските бариери и да се согласат на пореципрочна трговија со САД.

Ветувањето на СТО и мултилатералниот систем беше дека царините на сите ќе се намалат, рече Грир пред новинарите во Женева.

- Испадна дека САД значително ги намалија своите царини. Имаше и други економии со ниски царини, но тие задржаа многу високи нецарински бариери. Ние напорно се трудевме да работиме во рамките на системот. А крајниот резултат е дефицит од 1,2 трилиони долари во трговијата со стоки, крајниот резултат е дека производството се пресели во Кина, Источна Азија, Мексико, вели тој.

Скот Бесент уште рече дека за време на разговорите имало консензус меѓу делегациите на САД и Кина дека „ниту една страна не сака целосно раздвојување“.

Бесент додава дека САД сакаат поурамнотежена трговија и смета дека двете страни се посветени на постигнување на тоа.

Белата куќа синоќа соопшти дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп постигнала трговски договор со Кина за време на вчерашните разговори во Женева, опишувајќи ги како „продуктивни“. Во американската делегација беше и трговскиот претставник Џејмисон Грир, додека кинеската делегација ја предводеше заменик-премиерот Хе Лифенг.

Бесент вчера изјави дека е постигнат значителен напредак во преговорите, кои имаа за цел да го намалат трговскиот конфликт што може да предизвика сериозна штета на глобалната економија. Претседателот Трамп, исто така, изјави дека се постигнува „голем напредак“ во разговорите за царините меѓу двете земји.

Вицепремиерот Хе синоќа изјави дека преговорите биле „од големо значење за двете земји, но исто така имаат важен ефект врз стабилноста и развојот на глобалната економија“. Тој истакна дека двете страни постигнале низа важни консензуси и се согласиле да воспостават механизам за економски и трговски консултации. /МИА

Ф1: Мекларен пред одлука кого ќе поддржи во трката за титулата, Пјастри или Норис

Поранешниот возач во Формула 1, Мартин Брандл, изјави денеска дека Мекларен би можел да биде принуден што поскоро да донесе одлука дали да го поддржи Оскар Пјастри или Ландо Норис во трката за титулата во Формула 1.

Ф1: Мекларен пред одлука кого ќе поддржи во трката за титулата, Пјастри или Норис

Австралиецот Пјастри во моментов има 16 бодови предност пред својот клупски колега Норис пред претстојната трка за Големата награда на Емилија Ромања.

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, е на третото место, 32 бода зад лидерот.

„Проблемот што може да го има Мекларен е ако Верстапен и Расел продолжат со добрите резултати, особено имајќи предвид дека Мерцедес најавува подобрување во Имола на што многу се надеваат. Секако, сите ќе се подобрат до одреден степен“, изјави Брандл за Скај Спортс.

За разлика од Мекларен, Верстапен не се грижи дека неговиот тимски колега Јуки Цунода ќе му одзема поени и досега успева да ја искористи секоја можност да остане сериозен кандидат за шампионската титула.

„Ако тоа се случи, нема сомнение дека Пјастри и Норис ќе си одземаат бодови еден на друг. Тие мора да внимаваат да не се фокусираат премногу на меѓусебната борба, бидејќи тогаш некој друг би можел да им ја земе титулата, како што тоа го направи Алан Прост во 1986 година“, додаде тој. /МИА

Заврши „Графити Фест“ во Куманово, исцртани 18 графити и четири мурали

Заврши седмиот по ред „Графити Фест“ во Куманово, исцртани се осумнаесет графити и четири мурали, информираа денеска од здружението „Форма“.

Заврши „Графити Фест“ во Куманово, исцртани 18 графити и четири мурали

Годинава, учествуваа осумнаесет ученици од различни држави од Европа, Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Германија, Италија, Хрватска кои цртаа кај гимназијата „Гоце Делчев“.

- Исцртаните мурали и графити даваат нова слика во градот. Мислам дека успешно помина и сметам дека сме еден чекор повисоко во однос на целокупната организација и реализација. Сега мислам дека училиштето и општината треба ја да средат непосредната околина, со нови клупи и целосно осветлување на исцртаните дела, изјави Младен Трендевски од здружението „Форма“.

Цртачите цртаат на слободна тема на површини во урбаната заедница. Шаренилото од бои и контрасти го разбива сивилото во градот, сметаат организаторите кои се обидуваат на секој начин да го разубават градот и да поттикнат да се развие оваа современа уметност и дел од урбаната култура.

- За бројка веќе не размислуваме претходните години ги броевме, сега сме фокусирани на повеќе исцртани ѕидови и потполно да ги средиме сите ѕидни површини со убави графити и мурали. Имаме ангажмани во земјите од Балканот и во Скандинавија, максимално ќе се потрудиме да бидеме препознаени пошироко како амбасадори на Македонија во поглед на мурали и графити, изјави Трендевски.

Организаторите сметаат дека полека јакне свеста кај населението за зачувување на изработените мурали во Куманово и има наидуваат на одобрување кај граѓаните.

притисни ентер