Петковиќ по Бриселскиот дијалог: Решението за динарот да се бара на политичко ниво

„За време на разговорот со Лајчак во Брисел дојдовме до истиот став дека е потребно на политичко ниво да се решат едностраните одлуки на Приштина“.

Директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, по завршувањето на денешните разговори во Брисел со посредство на ЕУ изјави дека тие биле исклучително тешки, оти српската делегација постапила одговорно, аргументирано и одлучно, разјаснувајќи и укажувајќи на катастрофалните последици од еднострана одлука на властите во Приштина за укинување на динарот, јави дописникот на МИА од Белград.

-За време на разговорот со (специјалниот пратеник Мирослав) Лајчак во Брисел дојдовме до истиот став дека е потребно на политичко ниво да се решат едностраните одлуки на Приштина, бидејќи луѓето од експертско ниво не можат ништо да решат. Ние сме во Брисел за да дојдеме до решение и да ги отстраниме спорните делови од регулативата на т.н. Централна банка на Косово (ЦБК), за Банката на поштанската штедилница остане да функционира во Косово и Метохија, рече Петковиќ.

Како што додаде, српската делегацијата што ја предводел била составена од претставници на Министерството за финансии и на Поштенската штедилница.

-Средбата покажа дека одлуката на таканаречената ЦБК подразбира решение на политичко ниво. Затоа бев тука, а не и (косовскиот главен преговарач Бесник) Бислими. Последиците од таквата одлука се политички. Точно е дека за динарот никогаш не се разговарало во дијалогот, но со оглед на тоа што одлуката на таканаречената ЦБК директно ги засега Србите, секако дека за нив ќе се разговара во Брисел, рече Петковиќ.

Според него, важно е да се покаже целосна решителност, поради што српската делегација дошла во полн состав и укажа на погубните последици од одлуката за динарот.

Ахмет Исмаили, гувернерот на Централната банка на Косово, пред новинарите потврди дека на европскиот посредник и колегите од Србија им ги претставил сите опции како Србија може да ги трансферира финансиските средства.

-Ние аргументиравме дека има начини за трансфер на финансиски средства. Понудивме технички решенија за кои не е неопходно да се менуваат регулативите. Сметаме дека има начини на кои граѓаните од српска националност можат да добијат помош од Србија, доколку Србија одлучи да изврши трансфер. Ние ја исполнивме нашата обврска во однос на соработката со меѓународниот фактор и покажувавме дека нема ограничувања и пречки поради уредбата на ЦБК, рече гувернерот Исмаили на крајот од средбата во Брисел. /МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер