Пет земји бараат истрага од Меѓународниот кривичен суд за злосторства на Хамас и на Израел

Обвинителството на Меѓународниот кривичен суд (МКС) добило заедничко барање од пет земји за истрага на ситуацијата на палестинските територии, а истиот ден ги прими и семејствата на израелските жртви кои поднесоа такво барање пред две недели.

Барањето е испратено од Јужноафриканската Република, Бангладеш, Боливија, Коморските Острови и Џибути, рече обвинителот Карим Кан, според соопштението за печат. Јужна Африка рече дека барањето е направено „за да се осигура дека МКС итно посветува внимание на страшната ситуација во Палестина“, пренесува Си-Ен-Ен.

Бидејќи истрагата е веќе во тек, заедничкото барање во пракса ќе има ограничен ефект. МКС веќе ја истражува „ситуацијата во државата Палестина“ за наводни воени злосторства извршени од 13 јуни 2014 година.

Обвинителот Кан во октомври рече дека неговата канцеларија има јурисдикција и за нападот на Хамас на 7 октомври врз Израел и за сите злосторства извршени во одговорот на Израел, кој вклучува бомбашки напади во Појасот Газа. Денеска, главниот обвинител ги прими семејствата на израелските жртви кои бараат Хамас да се гони за воени злосторства и геноцид и МКС да издаде меѓународни налози за апсење на лидерите на Хамас.

Во Израел од 7 октомври досега во масакрот на Хамас се убиени 1.200 луѓе, главно цивили, а повеќе од 240 луѓе се земени како заложници. Израел одговори на злосторствата на Хамас со масовна одмаздничка офанзива во која загинаа 12.000 луѓе, според Министерството за здравство на Хамас.

Обвинителството соопшти дека „собрало значителен број информации и докази“ за злосторствата на палестинската територија, како и за оние што ги извршиле Палестинците. Секој може да поднесе жалба до МКС и да побара истрага, но судот со седиште во Хаг нема обврска да ја прифати.

МКС може да истражува државјани на земји кои не се членки во одредени околности, на пример кога се сомнева дека злосторствата се извршени на териториите на земјите-членки. Палестинските територии се меѓу членовите на МКС од 2015 година. Правните експерти изјавија дека двете страни може да бидат обвинети за воени злосторства.

Основан во 2002 година, за да ги гони најтешките злосторства во светот, МКС отвори истрага во 2021 година за наводни воени злосторства на палестинските територии извршени од израелските сили, Хамас и други палестински вооружени групи.

Кан рече дека неговиот мандат се однесува и на злосторствата извршени за време на актуелната војна, но неговите луѓе сега немаат пристап ниту до Газа, ниту до Израел. Државата Израел не е членка на МКС и не ја признава неговата јурисдикција.

„Имаме Израелци кои му веруваат на овој суд и на неговиот обвинител и на професионалноста на неговиот тим. Ова ќе им помогне да се потврди дека судот е способен да донесе правда за злосторствата што ги претрпеа“, изјави адвокатот Франсоа Зимерај, кој го застапува израелските семејства.

Целосно исплатена еврообрзницата од 500 милиони евра од 2018 година

Министерството за финансии соопшти дека денеска во целост е исплатена евробврницата од 500 милиони евра земена во 2018 година. 

Средствата за сервисирање на оваа обврска беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка со камата од 3,25 проценти, рок на отплата 15 години, со вклучен грејс период од три години.

- Со цел да се обезбедат средства по најниски трошоци за исплата на оваа Еврообврзница, беше потпишан Договор за заем со унгарската Експорт-импорт банка. Условите под кои ги добивме средствата направија заштеди на буџетот по основ на камати и по основ на провизии. Ќе продолжиме со политиките на редовно и навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства по најповолни услови, изјавила министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, посочувајќи дека 2025 година ја почнуваме со ликвидни и стабилни јавни финансии кои ќе овозможат редовно и навремено сервисирање на обврските.

Земјата досега има издадено девет еврообврзници, од кои шест се веќе исплатени, а во наредните години доспеаваат за отплата уште три еврообврзници издадени во 2020, 2021 и 2023 година во вкупен износ од 1,9 милијарди евра.

Во Јагодина ќе се одржи првиот собир на новото движење на Вучиќ

Првиот собир на движењето, чие формирање претходно го најави српскиот претседател Александар Вучиќ, ќе се одржи в петок, 24 јануари во Јагодина, јави српската агенција БЕТА.

Вучиќ на социјалните мрежи најави дека ќе биде поведена кампања на разговори и претставување на луѓето кои ќе го сочинуваат движењето.

- Ќе има многу тешки обврски и многу важни работи за Србија во Давос, но со нетрпение очекувам да разговарам со граѓаните на Србија, веднаш по моето враќање од Швајцарија. Прва голема средба и ги поканувам луѓето од Поморавље и Шумадија во Јагодина, в петок на 24 јануари, претпоставувам во 17 часот. Повелете и едвај чекам да се видиме, наведе Вучиќ.

Вонреден инспекциски надзор во прилепската болница по смртта на новороденчињата близначиња

Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов потврди дека издал налог за вонреден инспекциски надзор во прилепската болница за случајот со двете новороденчиња близначиња кои починаа пред четири дена.

-Издадов налог и денеска ќе се изврши вонреден инспекциски надзор во болницата. Ќе се проверува сета документација врзана со новороденчињата. Се надевам дека во текот на утрешниот ден ќе имаме извештај за надзорот на инспекторатот, рече Лазов.

Јавниот обвинител при прилепското основно јавно обвинителство Стевчо Биноски ја побарал документацијата од болницата и од службата на Итната помош која интервенирала во семејниот дом во прилепското село Славеј од каде било пријавено дека бебињата се во тешка здравствена состојба и била побарана лекарска помош.

-Се чека наодот од обдукцијата на бебињата. Ја очекувам и медицинската документација од болницата и од службата за итна помош за потоа да побарам искази, рече Биноски.

Од Центарот засоцијални работи информираа дека нивна екипа и денеска го посетила семејниот дом на младите родители во Славеј за да видат во какви услови е домаќинството каде сега се другите три деца на младата брачна двојка.

Бебињата, машко и женско се родиле на 30 декември во прилепската болница како недоносени, во 34 гестациска недела и со тежина помала од два килограми. Како што информираа од Болницата, на 10 јануари мајката, на своја одговорност, заминала со бебињата од болницата кои биле во добра општа состојба. Во четвртокот родителите повикале Итна помош зашто бебињата биле во тешка здравствена состојба. Едното бебе, машко, починало во домот, а другото во прилепската болница. Лекарите се обидувале да го реанимираат и да го затоплат, но безуспешно.

-На 16 јануари во 10,45 часот, на одделот за детски болести е донесено женското новороденче во тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување. Според достапните информации, машкото новороденче е претходно починато дома од истата причина. По приемот на женското новороденче, веднаш е преземена интензивна медицинска интервенција. Извршена е реанимација, новороденчето е интубирано, поставено во топли ќебина и применети се дополнителни мерки за затоплување. И покрај сите преземени обиди од страна на медицинскиот персонал, состојбата продолжи да се влошува. Во 13 часот, за жал, е констатирана смртта на женското новороденче, известија во петокот од Болницата за трагичниот случај.

Извештајот од вонредниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе го очекува и основното јавно обвинителство.

притисни ентер