-Ние сме новата надеж. Ние сме промената која не се плаши да се соочи со предизвиците, да ги поправи грешките и да постави правичен ред и правда. Владата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста во време кога економијата беше во криза, кога граѓаните беа загрижени и разочарани. Но денес, со гордост можеме да кажеме дека нашата држава е една од најбрзорастечките економии во Европа со четвртиот највисок економски раст на бруто домашниот производ, кажа Премиерот Христијан Мицкоски на вчерашниот настан по повод 35 годишнината на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски во текот на своето обраќање посочи дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на санирање на штетите од минатото, на создавање стабилна и предвидлива економија, на отворање на нови работни места, подобрување на услови за сите работници, посебно младите, земјоделците и пензионерите.
-Сепак, ние не треба да се фалиме со бројките. Знаеме дека овој раст не е доволен, дека народот сè уште не го чувствува подобрувањето во својот секојдневен живот. Затоа упорно работиме на санирање на штетите од минатото, на создавање стабилна и предвидлива економија, на отворање на нови работни места, подобрување на услови за сите работници, посебно младите, земјоделците и пензионерите, кажа тој.
Премиерот се осврна и на надворешната политика при што укажа дека надворешна политика е принципиелна и се темели на заштита на заедничка историја, култура и идентитет.
-Македонија нема повеќе да биде земја на понижување и предавство. Нашата надворешна политика е достоинствена, принципиелна и се темели на заштита на нашата заедничка историја, култура и идентитет. Не можеме да дозволиме да не кодошат во странство оние кои треба да бидат чувари на националните интереси. И да не мислат дека ветувањата за отстапки, деградации и понижувања ќе ги донесат повторно во Владата. Народот е свесен и нема да дозволи повторно да биде измамен. Она што Венко Филипче го направи во Атина само не потсети дека кодошењето на сопствената земја не е туѓо и не смее да се заборави, за да не се повтори, вели тој.
На крај Премиерот Мицкоски порача:
-Ние не сме тука за да изградиме праведно општество, во кое нема да има непривилегирани, туку напротив ние сме тука за да изградиме општество во кое ќе нема привелигирани. Тука сме за да изградиме правда за сите. И за тоа ќе бидеме безмилосни кон секој кој ќе ја злоупотреби довербата на народот.
Мицкоски: Највредната работа што може еден човек да ја остави на своите потомци не се парите, туку честа и чистиот образ
На вечерашниот настан по повод 35 годишнината на ВМРО-ДПМНЕ се обрати премиерот Христијан Мицкоски кој се обрати до функционерите од гарнитурата на ВМРО-ДПМНЕ и посочи да не заборават од каде потекнуваат, и каде ќе се вратат.
„И немојте никогаш да заборавите од каде потекнуваме, од каде доаѓаме и каде ќе се вратиме по сето ова. Најскапата работа што еден човек може да ја остави на своите потомци, не се парите, не е имотот, туку честа и чистиот образ. Како што мудро знаат нашите да кажат, не смеат функционерите да заборават дека: макадамот по селата и улиците е повистински, и поавтентичен и помек од килимот по хотелите и канцелариите, заради реалноста која ја има во себе и чекорот на своите сограѓани кои чекорат по него, а фотелјата е секогаш понеудобна од гајбата пред кооперација, заради тоа што таму извира твојата моќ и твојата цел. Токму затоа, сите функционери во нашата партија мора да бидат свесни дека ова што го работиме не е лична игра, туку служба. Клупата во вашите маала е таму кај што мора да знаете дека еден ден пак ќе се вратите и ќе мора луѓето таму да ги погледате во очи и со гордо крената глава да им кажете, јас го направив тоа за вас, јас се борев за вас, и да не се срамите и да се криете од нивните прекорни погледи“, истакна Мицкоски.
Премиерот исто така истакна дека несовесното седење во фотелјата носи срами и разочарување, а достојното пријатели и вистински поддржувачи.
„Несовесното седење во фотелјата носи срам и разочарување. Достојното и пријателско седење на столчето или гајбата пред кооперацијата, на клупата во маалото, носи пријатели, поддржувачи и вистинска сила за идејата. Таму лежи основата на вистинската политичка иднина на честа и на нашиот образ. Во овие мигови на промени, апелирам до сите наши функционери и членови: не заборавајте кој сте, од каде дојдовте, и кому му служите. Никој не смее да дозволи бахатост, агонија од моќ и корист да го заматат погледот. Да демонстрираме волја и докажеме пред народот дека ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор, дека не сме исти како оние кои владееја со земјата во минатото“, рече Мицкоски.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ