На трибина со граѓаните на скопската општина Чаир, беа потврдени клучните заложби на Пендаровски, да продолжи изградбата „Едно општество за сите" и интеграцијата на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ, како и дека е тоа можно само „Заедно Напред".
Здраво, Мирдита, доаѓам во мојата општина и во моето маало, го почна обраќањето во Чаир кандидатот за претседател Пендаровски, што беше проследено со аплауз од присутните.
– Да гласаме за држава членка на ЕУ и НАТО, дел од современиот развиен свет, оваа држава само вака може да просперира. И сите да имаат исти права. Или сите ќе имаме исти права, или нема среќа за никој од нас. Немојте да дадеме шанса на концепти погубни за нашата држава, повика Пендаровски.
Претседателот на СДСМ и премиер Заев порача дека мултиетнички Чаир е пример за убавината на мултиетничка држава.
Тој додаде дека иднината на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците, на сите други етнички заедници во државата, е во заедничкиот живот во европска Република Северна Македонија.
– Треба да се гордееме со нашите различности. Сега кога изградивме едно општество за сите, кога сме пред вратите на НАТО и на ЕУ, ни треба претседател да не води и да и помогне на оваа држава, истакна Заев и дадоде дека само заедно, сплотени, можеме напред.
Дополни дека економските придобивки од интеграциските процеси ги чувствуваат сите граѓани независно од различностите, дека напредокот е почнат и оти сите граѓани, за својата иднина и за иднината на своите деца, имаат обврска да овозможат тој напредок да продолжи.
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски денеска на жителите на Шишево им порача дека го застапува концептот на единство и заедништво.
– Доста беа делби, обединети, треба сите заедно да гледаме напред и за младите да направиме европска држава и иднина, им порача Пендаровски.
Тој повика на 21 -ви април и 5 -ти мај сите да излеземе масовно на избори, за, како што рече, да дадеме поддршка да продолжи политиката која е поддржана од мнозинството граѓани, политики на заедништво, на едно општество за сите, за напредок. Единствено тоа, потенцира, не води кон Европа и НАТО.
Изминативе две години, рече Пендаровски, гледаме целосно нов пристап во нашето општество, градиме заедништво, едно општество за сите. /МИА.