Пендаровски: Говорот на омраза од радикалните структури може да резултира со трагични последици

„Политиката и говорот на омраза од радикалните структури можат да резултираат со трагични последици“, вели Пендаровски.

Претседателот Стево Пендаровски вели дека неодамнешното двојно грозоморно убиство на површина го извлече фактот дека дел од радикалните структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици, соопшти Кабинетот на шефот на државата.

Пендаровски, како што се наведува во соопштението, посочил дека времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава и дека за жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок.

-Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации. Неодамнешниот трагичен настан кој заврши со двојно грозоморно убиство, на површина го извлече занемарениот факт дека дел од овие радикални структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици. Затоа сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневно политички калкулации, истакнал Пендаровски вчеравечер во обраќањето на конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Пендаровски ја посочил важноста на одбележувањето на 75 годишнината од донесувањето на Универзалната декларација за човекови права од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, токму на овој ден во далечната 1948 година, кој од тогаш се одбележува како меѓународен Ден на човековите права.

-Седум и пол децении подоцна имаме право да бидеме горди на промените кои во светски рамки се случија во однос на заштитата и промоцијата на човековите права и слободи во однос на стартната основа од која тргнавме. Треба да имаме предвид дека почетокот на борбата за човековите права беше само неколку години по ужасните страдања во Втората Светска Војна за кои одговорноста ја имаа тоталитарните и репресивни режими како што беа нацизмот и фашизмот, истакнал претседателот на конференцијата.

Тој навел дека епохата на глобалното демократско назадување низ која проаѓаме како своја прва жртва ги има човековите права и слободи како на национално, така и на меѓународно ниво.

-И покрај тоа што на регионално и глобално ниво постојат повеќе меѓународни организации чија што примарна надлежност е, меѓу другото, заштитата на човековите права, како што се Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ, но и судски институции како Меѓународниот кривичен трибунал со надлежност да ги гони најтешките прекршувања на човековите права, се чини дека времето на глобалниот консензус за човековите права е зад нас, а надоаѓа една нова ера на војни, репресија и авторитарни режими, нагласил Пендаровски.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакнал дека човековите права не се привилегија, помодарство или идеолошка конструкција. Тие, како што посочил, се неотуѓив дел од човековото битие, цивилизациско достигнување и услов за мирот во светот и опстанокот на човештвото.

- Во таа смисла, сите критики што доаѓаат од националистите или т.н. суверенисти од различна идеолошка провиниенција дека човековите права се креација на западниот либерализам се само изговор за легитимирање на домашната репресија, или за случаите на надворешна агресија, навел Пендаровски.

Според него, напредокот и благосостојбата на нациите и меѓународниот мир се можни само ако нациите ги почитуваат индивидуалните и колективните човекови права и никако поинаку.

-Нашата држава преку сопственото искуство постави значајни стандарди за почитувањето на човековите права во нашиот регион и пошироко. Иако и нашето општество не беше имуно на национализмите на почетокот на деведесетите години од минатиот век, сепак, Македонија уште од почетокот на својата независност одлучи дека ќе гради општество на еднакви и слободни граѓани со почитување на индивидуалните и колективните човекови права и слободи, вели Пендаровски.

Тој потсетил дека во времето на еуфоријата на градење на етнички држави ние донесовме устав кој почива врз граѓански основи, но и со изразен сензибилитет за мултикултурниот карактер на македонското општество.

- Токму оваа стратешка одлука во 1991 година беше еден од најважните аспекти што ни помогна да ја избегнеме војната, а новата држава да добие поширока меѓународна верификација и легитимитет, додал Пендаровски.

Според него, Охридскиот рамковен договор од 2001 година постави стандарди за заштита на колективните права на заедниците кои и по повеќе од две децении сè уште се сметаат за исклучителен пример за градење на мултикултурна демократија не само во регионот, туку и во Европа.

Клучен дел од договорот, како што вели Пендаровски, е заштитата и промоцијата на правата и идентитетот на сите заедници, независно од нивната бројност или политичка претставеност. И тогаш и сега сум убеден дека тој нов општествен договор ни овозможи да ја зачуваме државата и мирот и да градиме заедничка иднина.

-Сепак, времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава. За жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок. Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации, истакнал шефот на државата. дма/ац/

Нетанјаху по најавата на Бајден дека нема да испраќа оружје за Израел: Ќе се бориме со нокти

Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел ќе „застане сам“ ако мора, откако САД се заканија дека ќе престанат да испраќаат оружје до својот сојузник.

„Ќе се бориме со нокти ако треба, но имаме многу повеќе од клинци“, рече Нетанјаху, а потоа додаде:

„И со таа сила на духот, со Божја помош, заедно ќе победиме“,пишува SkyNews.

Да потсетиме, американскиот претседател Џо Бајден изјави дека ќе ја прекине испораката на оружје за Израел доколку го нападне Рафа на југот на Газа.

Ројтерс ги пренесе изјавите на палестинските сведоци кои рекоа дека израелски тенкови и воени авиони го бомбардирале Рафа. Хамас исто така потврди дека неговите борци истрелале противтенковски ракети и минофрлачи врз израелските тенкови.

Инаку, Израел тврди дека борците на Хамас се кријат во Рафа, град во кој стотици илјади луѓе побарале засолниште од бомбардирањето што се случува на палестинска територија.

Мицкоски: Најавувам инвестициски бум што ќе ја засили економијата

Можам да кажам дека во првите 100 дена имаме многу амбициозна агенда за која што веќе се подготвувавме, но не сакавме да ја експлоатираме во кампањата. 

Денеска веќе кога се е завршено можам да кажам дека веќе е завршена една озбилна странска инвестиција која што е отпочната во делот на енергетиката, без посебни закони, без загарантирана цена на откуп, без повластици, која би се движела од меѓу 400 и 500 милиони евра и која што ќе произведува некаде од прилика околу 1 терават часови електрична енергија годишно, која што ќе се случи во Македонија. И тоа ќе биде објавено во првите 100 дена, вели Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата Само интервју на Канал 5 телевизија.

Мицкоски потенцираше дека ќе донесат и други две странски инвестиции, за кои што рече услов е да си замине сегашниот директор на ТИРЗ и претседател во најава на СДСМ, Јован Деспотовски, бидејќи како што рече имаат навистина лошо искуство од него да дојдат да инвестираат во Македонија кои што се исто така прилично атрактивни како инвестиции.

Можам да најавам еден финансиски пакет во соработка влада со влада во вредност од 1 милијарда евра, со исклучително поволни услови. Со добар грејс период со исклучително атрактивна каматна стапка. Со две други странски инвестиции кои што би биле во зоните, но услов е овој директор кој што е таму и претседател на СДСМ во најава да замине, бидејќи се навистина со лошо искуство од него да дојдат да инвестираат во Македонија кои што се исто така прилично атрактивни и ценам дека еден ваков финансиски бран ќе биде само дел од оној процес за кој што зборувам цело време, а тоа е како да донесеме надеж, рече тој.

Мицкоски додаде дека во втора половина на јули месец да го направиме ребалансот, таму некаде прва половина на септември месец да го почнеме оној проект на децентрализација на финансиски средства и инвестиции во општините 250 милиони евра.

Очекувам втора половина на јули месец да го направиме ребалансот, таму некаде прва половина на септември месец да го почнеме оној проект на децентрализација на финансиски средства и инвестиции во општините 250 милиони евра, сега дека сме на половина година овој буџет во 2024 ќе опфати 125 милиони евра, инвестиции во општините.

Сакала да ја продаде невиноста за милион долари, сега откри тајни за Роналдо и Балотели (ФОТО)

Атрактивната италијанска старлета Рафаела Фико се отвори во емисијата „Storie di Donne“ и проговори за врската со познати фудбалери како Кристијано Роналдо и Марио Балотели.

Рафаела го запознала Роналдо многу млада, а пред камерите на ТВ РАИ 2 изјави:

-Имав 20 или 21 година, бев на Сардинија на еден настан, го запознав Роналд во таа прилика, тој ми пријде, почна да ми се додворува и разменивме броеви. Така започна оваа мала приказна – рече таа и додаде:

- Не ни знаев кој е. Бев со мојот агент кој рече: „Види кого имаш“. Го прашав кој е, ми објасни дека е еден од најдобрите фудбалери во светот. Тој беше мојот прв дечко.

Рафаела потоа преминала кај Балотели, со кого има ќерка.

-Балотели го запознав во ноќен клуб, отидов таму со неговата сестра, која ја запознав на „Познатиот остров“. Неговата сестра му го даде мојот број, потоа почнавме да разговараме, излеговме заедно и на крајот на попладнето тој извади букет рози од автомобилот - рече Рафаела и продолжи:

- Не сакаше да биде татко, ми побара ДНК тест. Можеби затоа што беше премногу млад и малку лут, на почетокот не му се допадна да биде татко. Не го обвинувам, му простив сѐ, бидејќи нашата ќерка се роди од нашата врска и таа е моја голема љубов. Имаше предавства, кога бевме заедно ме изневеруваше... Ме изневеруваше во неколку наврати. Му простив затоа што бев многу заљубена... Балотели беше големата љубов на мојот живот.“

Инаку, Рафаела Фико во Италија е позната како актерка, водителка, модел, учесничка во реални шоуа (Големиот брат, Баила, Остров на познатите...), шоу-грл во популарни емисии.

Многумина ја паметат по нејзината изјава во 2009 година кога рече:

- Се согласувам да ја изгубам невиноста со секој што ќе ми понуди милион евра. Не би ги одбила тие пари.

Да потсетиме, Рафаела поминала 11 месеци во љубов со Кристијано Роналдо додека Португалецот играл за Манчестер Јунајтед, а подоцна почна да излегува со Балотели, на кого во 2012 година му роди дете.

притисни ентер