Пекол во воените бордели - Канал 5

Пекол во воените бордели

14-годишната Ли Ок-Сеон ја киднапирале јапонски војници и ја однеле во бордел. Таму три години преживувала пекол, се до крајот на Втората светска војна. За преживеаното, како што објави DW, проговорила пред само неколку години.

Пекол во воените бордели
Ли Ок-Сеон раскажува за тоа како на улица во градот Бусан на југоисток од корејскиот полуостров ја нападнале група мажи. Навидум раскажува без емоции. Тоа се случило доцна попладне помеѓу 17 и 18 часот, се присетува. Ја грабнале и ја ставиле во возило. Ја испратиле во таканареченото „место за утеха“ на северозапад од Кина. Ли Ок-Сеон тогаш имала 14 години. Не ни претпоставувала дека својата татковина ќе ја види шест децении подоцна. Исто како што не верувала дека по толку години нејзините родители ќе престанат да се надеваат дека ќе се врати и ќе ја прогласат за мртва. А уште помалку претпоставувала какви маки ја очекуваат.

Ли Ок-Сеон во воениот бордел во покраината Јилин била три години, се до крајот на Втората светска војна. Секојдневно била присилувана на секс со јапонски војници. Оваа 86 годишна старица не сака да зборува за детали, своите сеќавања ги става во една реченица: „Тоа не беше место за луѓе, тоа беше кланица“. Кога го изговара тоа, нејзиниот глас звучи строго. Тие три години го обележаа целиот нејзин живот: „Војната заврши одамна, другите се ослободени но не и јас“.


Поинакво име за сексуалните робинки

Ова не е само еден случај. Точниот број на девојки и жени кои ја доживеале сличната судбина како Ли Ок-Сеон не може да се утврди. Бернд Штувер, историчар од Универзитетот во Потсдам, за Дојче Веле вели дека нема точни бројки, но се проценува дека биле околу 200.000. Според неговото мислење, врежаниот поим „жени за утеха“("comfort women") создава погрешна слика: „Тоа е погрешно, тоа биле присилни проститутки“.

Девојки и жени не се киднапирани само во Кореја, која тогаш била под јапонска окупација. Жртвите потекнуваат и од други земји, на пример Кина, Малезија и Филипини. На целата територија која тогаш била под јапонска власт биле отворани таканаречените „места за утеха“, односно борделите кои требале да ја засилат борбеноста на јапонската војска и да ги заштитат жените од освоените области од силување. За тие кои се нашле во некои од тие „места за утеха“, повеќето од нив малолетнички, борделите им биле места за страдање. Многу од нив не преживеале. Се проценува дека две третини од нив умреле пред да заврши војната.


Молк поради срам

„Често не тепаа, ни се закануваа, не рануваа со ножеви“, се присетува Ли Ок-Сеон. „Имавме 11, 12, 13 или 14 години и не верувавме дека некој ќе дојде да не спаси“. Таа вели дека девојките и жените цело време биле отсечени од надворешниот свет. „Многу девојчиња си го одземаа животот. Се удавија или обесија“, раскажува таа. И додава дека и таа во еден момент помислувала на самоубиство но дека се предомислила: „Наједноставно е да се каже: ’Најдобро е да бидам мртва’. Но многу е тешко тоа да се направи. Тоа е голем чекор“.

Ли Ок-Сеон ја преживеала војната. По јапонската капитулација во доцното лето 1945 година сопствениците на борделот исчезнале без трага и одеднаш жртвите биле слободни. „Не знаев каде да одам. Немав пари. Бев без кров над глава, спиев на улица“, раскажува таа. Не знаела како да стигне до Кореjа, а не ни сакала да оди таму. Срамот бил преголем. „Порадо сакав да останам во Кина и таму да умрам. Како можев да одам дома? Од моето лице веќе се читаше дека сум ’жена за утеха’. Немаше да можам да ја погледнам мајка ми во очи“, објаснува Ли Ок-Сеон.


Присилната проституција како табу тема

Потоа запознала еден маж кој бил со потекло од Кореја, се омажила за него и се грижела за неговите деца. „Сметав дека ми е задача да се грижам и да ги пораснам тие деца, чија мајка умрела“. Додека го кажува тоа, нервозно игра со прстите и додава: „Јас не можев да имам деца“. Поради сексуално преносливите болести како сифилис, која повеќе пати ја добивала во борделот, по ослободувањето толку се разболела што скоро починала. За да ги зголемат нејзините шанси за живот, лекарите и‘ ја отстраниле матката. Во кинескиот град Јанџи со децении живеела повлечен живот. Вели дека сопругот секогаш бил добар кон неа. Смеејќи се за прв пат, додава. „Инаку не би била толку долго со него“.
Пред јапонската амбасада во Сеул редовно се собираат жртвите со транспаренти и бараат извинување и отштета

И другите преживеани девојки и жени пробале да започнат колку-толку нормален живот. Не се осудиле да зборуваат за тоа што им се случило. Од страв да не бидат изолирани и дека би можеле да им нанесат срам на своите фамилии. Присилната проституција била апсолутна табу тема.


Јапонија одбива да се соочи со минатото

Во 1991. година за првпат поранешна „жена за утеха“ ја раскажала својата приказна. Тоа охрабрило повеќе од 250 жени кои ја доживеале истата судбина. Тие од јапонската влада побараа извинување и отштета.Оттогаш пред јапонската амбасада во Сеул се собираат секоја среда жртвите, членовите на нивните семејства и активистите за човекови права. Тие носат транспаренти и извикуваат пароли. Но досега не го добиле тоа што го бараат.

Јапонија и понатаму одбива целосно соочување со тоа мрачно поглавје од своето минато, вели историчарот Штувер. Јапонската влада всушност во 1993. нарачала студија во која се признава постоењето на „жена за утеха“ и срамотната улога на јапонската војска. Следеле извинувања, но како што вели Штувер, секогаш станувало збор за поединечни извинувања, но не и признавање на целата вина. Немало ни службено исплаќање на отштета. Неколку стотици жени се обештетени од еден приватен фонд во кој парите ги уплатила владата. Но, отштета не добија сите жртви. А веројатно и нема, бидејќи во 2007 јапонскиот Врховен суд донесе одлука дека немаат право на отштета.
Една од ретките фотографии од Ли Ок-Сеон кога била млада

И денес се` уште се случува, пред се` националистичките политичари во Јапонија да го негираат постоењето на „жени за утеха“. Или погрешно да претставуваат што се случило. Така сегашниот премиер Шинцо Абе за време на својот прв мандат во пролетта 2007. изјави дека “нема докази дека на тие жени им е вршен притисок“. Подоцна се извини за таа изјава.


Срамот се уште постои

Ли Ок-Сеон денес повторно живее во Јужна Кореја. По смртта на нејзиниот сопруг, во 2000. година, сепак почувствувала желба да се врати во својата татковина и да ја раскаже својата приказна. Оттогаш живее во близина на Сеул во куќа која е наменета за сместување на поранешните присилни проститутки. Таму за прв пат добила психолошка помош. И конечно нов пасош.

Нејзините родители во меѓувреме умреле, а нејзиниот помлад брат е уште жив. Тој и‘ помогнал да го реконструира своето минато. А потоа прекинале да контактираат. Се случило баш тоа од што се плашела Ли Ок-Сеон: нејзиниот брат не сакал веќе да има било каква врска со неа бидејќи се срамел што неговата сестра била „жена за утеха“. /Преземено: DW/

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кипар протера двајца руски дипломати- се обидувале да дојдат до тајни податоци за ЕУ

Двајца руски дипломати се протерани од Кипар под сомнение за шпионажа, потврдија двајца кипарски функционери во текот на викендот, откако телевизиската станица ANT1 Live ја објави веста.

Кипар протера двајца руски дипломати- се обидувале да дојдат до тајни податоци за ЕУ

Според двајца високи владини функционери, кои зборуваа под услов да останат анонимни за случајот, кипарските разузнавачки служби открија мрежа која се обидувала да добие класифицирани информации за безбедноста на Кипар и Европската Унија.

Мрежата, исто така, се обидела да добие податоци за технологија чиј извоз во Русија е забранет со санкциите на ЕУ, изјавија функционерите за Политико.

Тие додадоа дека двајцата дипломати биле принудени да го напуштат Кипар минатата недела и се осомничени дека работеле за руската разузнавачка служба под дипломатска покритие.

Тие рекоа дека мажите биле во контакт со кипарски граѓани кои имале пристап до класифицирани информации.

POLITICO контактираше со руската амбасада во Кипар за коментар за случајот, но не доби одговор до моментот на објавување.

Москва некогаш беше еден од главните извори на странски директни инвестиции во Никозија, додека медитеранскиот остров претходно беше важен банкарски центар за руски инвеститори, вклучувајќи трговци со оружје и компании за коцкање.

Сепак, во последниве години, санкциите на Европската Унија, регулаторните притисоци и променливиот геополитички фокус ја принудија Никозија да се оддалечи од ваквите инвестиции.

Кипар, како членка на ЕУ, ги поддржува сè построгите санкции на блокот против Русија уште од почетокот на нејзината целосна инвазија на Украина.

Според Службата за надворешно разузнавање на Украина, европските земји протерале повеќе од 700 руски претставници од дипломатските мисии од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Неверојатна победа на шпанските фудбалери- на Мундијалот за млади постигнаа резултат од 15:0

Многумина можеби очекуваа шпанската репрезентација до 17 години да доминира над Фиџи во второто коло од Групата Х на Светското првенство до 17 години на ФИФА.

Неверојатна победа на шпанските фудбалери- на Мундијалот за млади постигнаа резултат од 15:0

Многумина можеби очекуваа шпанската репрезентација до 17 години да доминира над Фиџи во второто коло од Групата Х на Светското првенство до 17 години на ФИФА, но никој не очекуваше „Црвената фурија“ да слави со неверојатни 15:0!

Шпанците, кои имаа гол-разлика од 20:0 по две кола, веќе водеа со 6:0 до полувремето.

И не е ни чудо кога во својот состав имаат седум играчи од младинските категории на Барселона, по три од Атлетико и Реал Мадрид, но и од Селта, Жирона, Атлетик Билбао...

Апсолутно доминантен играч на овој натпревар беше Рафаел Круз од Лас Палмас, кој постигна шест гола, додека Роберто Томас и Гилермо Трухиљо го проверија противничкиот голман по три пати.

Интересно е што ова не е апсолутен рекорд и најубедлива победа на Мундијалот до 17 години, бидејќи Мароко успеа да ја победи Нова Каледонија со 16:0 минатиот ноември. Шпанската репрезентација е еден од главните фаворити за победа на ова натпреварување, па ќе видиме во остатокот од натпреварувањето дали ќе ја одржат оваа монструозна форма.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

По девет години егзил, екс каталонскиот претседател Пуџдемон може да се врати во Шпанија

Кривичниот совет на шпанскиот Врховен суд во понеделник одлучи да ја прекине постапката за наводното кривично дело проневера против поранешниот претседател на Каталонија, Карлес Пуџдемон.

По девет години егзил, екс каталонскиот претседател Пуџдемон може да се врати во Шпанија

Истата мерка важи и за поранешните министри за здравство и култура, Тони Комино и Луис Пуџ, според пресудата што ја виде RTVE.

Судската постапка против Пуџдемон и двајцата поранешни министри е прекината девет години по нивното бегство во Белгија и претставува последен чекор што им овозможува да се вратат во Шпанија кога сакаат и да се кандидираат на избори.

Судот ја прогласи постапката за завршена две години откако стапи во сила законот за амнестија.

Врховниот суд во пресудата го потврдува крајот на истрагата што веќе ја издаде истражниот судија Пабло Љарена на 3 ноември.

Љарена веќе ги укина налозите за апсење што беа во сила во октомври.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер