Шпанската полиција ја истражува смртта на фудбалерот на Тенерифе, што го очекува голманот со кој се судри?
2Шпанската полиција ја истражува смртта на фудбалерот на Тенерифе, што го очекува голманот со кој се судри?
Опсерваторијата на НАСА од 1,5 тон во наредните неклолку часа ќе падне на Земјата, не се знае точно каде
2Опсерваторијата на НАСА од 1,5 тон во наредните неклолку часа ќе падне на Земјата, не се знае точно каде
ЖивотПавловден: Се што не сте знаеле за апостол Павле во три продолженија (1)Дел 1, преведен од Магдалена Рид:Свети Павле Заслугите за раниот развој и ширење на христијанството нашироко му се припишуваат на Павле (родено име Савле) од Тарс, познат и како свети Павле или апостол Павле (4–64 н.е.). Преку неговото мисионерство и теолошка работа, тој ја пропагирал новата вера отаде границите на јудаизмот за да се вкорени меѓу незнабошците (неевреите) и да стане универзална религија. Многу христијани го сметаат за првиот теолог и главен толкувач на Исусовите учења. Посланијата што му се припишуваат нему во Новиот завет, од кои седум научниците ги сметаат за автентични, а другите шест се спорни, се основните извори на христијанската доктрина. Савле е опишан во Новиот завет како Евреин и римски граѓанин од Тарс (денешна Турција), кој пред да се преобрати бил голем прогонител на христијаните. Неговото искуство на патот кон Дамаск предизвикало Савле да се преобрати (Дела 9:3-19; 22:6-21; 26:13-23), по што го зел името Павле. Со неговото верско преобратување презел и задача да стане „апостол на незнабошците“ (Римјаните 11:13, Галатјаните 2:8). Потоа Павле патувал низ хеленистичкиот свет, основал цркви и ги одржувал преку своите писанија, или посланија, кои подоцна станале дел од Новиот завет. Павле е прогласен за светец од римокатоличката, источноправославната, лутеранската и англиканската црква. Речиси сите христијани ги имаат прифатено неговите учења како срж на христијанската доктрина. Како мисионер што храбро се соочил со многу пречки, бил осуден на затвор и смрт поради својата вера во Исус Христос, но останал пример на посветеност, работливост, верност и побожност. Поради неговите учења и нивното влијание врз развојот на христијанството, некои современи научници го сметаат за основач на христијанството како засебна религија. Откако го ослободил христијанството од стегите на Мојсеевиот закон и него го заменил со универзална етика во духот на Христос, Павле го трансформирал христијанството во универзална религија, иако религијата на Исус и неговите најрани ученици од многу аспекти била гранка на јудаизмот. 1 Писанијата на Павле и делата за Павле 1.1 Проблемот со текстовите при проучувањето на животот на Павле 2 Детството и младоста 3 Преобратувањето и првобитната служба 4 Ерусалимскиот собор 5 Основањето цркви 5.1 Предводништвото на Павле 6 Апсењето, Рим и подоцнежните години од животот 7 Теолошките учења 8 Општествените ставови 8.1 Учењето на Павле за улогата на жените 8.2 Учењето на Павле за Евреите 9 Влијанието на Павле врз реформите во христијанството 10 Еврејските и муслиманските гледишта за Павле 10.1 Павле, изумителот на христијанството 10.2 Павле, еврејскиот инклузионист Во поново време, Павле стана магнет за радикални теории околу христијанството. Секој што сака да се задлабочи во истражување на еврејско-христијанскиот однос, во одреден момент мора да се соочи со неговата мисла. Посланијата на Павле и делата за Павле Павле напишал голем број писма до христијанските цркви и поединци. Меѓутоа, не се зачувани сите; во Првото послание до Коринтјаните 5:9 спомнува писмо испратено од него до христијаните во Коринт, коешто е загубено. Писмата што се зачувани се дел од новозаветниот канон, каде што се појавуваат подредени по должина, од најдолгото до најкраткото: Послание до Римјаните (Рим.) Прво послание до Коринтјаните (1. Кор.) Второ послание до Коринтјаните (2. Кор.) Послание до Галатјаните (Гал.) Послание до Филипјаните (Фил.) Прво послание до Солуњаните (1. Сол.) Послание до Филимон (Филим.) Други три писма што во минатото му биле припишувани на Павле сега се смета дека всушност биле напишани од неговите следбеници некаде во првиот век. Сепак, ги нарекуваат посланија на Павле бидејќи барем според теологијата и етиката во голема мера ги отсликуваат ставовите на Павле: Послание до Ефесјаните (Еф.) Послание до Колосјаните (Кол.) Второ послание до Солуњаните (2 Сол.) Трета група писма што традиционално му се припишуваат на Павле, Пасторалните посланија, обработуваат црковни прашања од почетокот на вториот век. Немаат многу заедничко со историскиот Павле: Прво послание до Тимотеј (1 Тим.) Второ послание до Тимотеј (2 Тим.) Послание до Тит (Тит) Сигурно е дека Павле не го напишал Посланието до Евреите, иако некои традиции му ја припишуваат книгата нему. Обемен биографски материјал за Павле може да се најде во Делата на апостолите. Тука се и апокрифните Дела на Павле и Текла. Но, научниците обично ги отфрлаат, велејќи дека напишаното е роман од вториот век. Проблемот со текстовите при проучувањето на животот на Павле Сѐ што го знаеме за Павле потекнува од два извора: сопствените писма на Павле и Делата на апостолите, кои во неколку наврати се потпираат на записите на очевидец. Сепак, има пропусти во двата извора: Посланијата на Павле се напишани во краток период од неговиот живот, меѓу 50 и 58 година од н.е.; а авторот на Делата на апостолите наведува голем број тврдења што предизвикуваат сомнежи - на пример, тврдењето дека Павле бил присутен при смртта на свети Стефан (Дела 7:58). Традиционално, Делата на апостолите се смета за историски точен документ бидејќи книгата е напишана од Лука (истиот тој што го напишал Евангелието според Лука). Меѓутоа, научниот консензус е дека Евангелието според Лука и Делата на апостолите се напишани околу 85 година од н.е., едно поколение по смртта на Павле. Бидејќи книгата Делата на апостолите е можно да ги прикажува почетоците на црквата на идеализиран начин, приказните за историските личности поместени во книгата можеби се историски неточни. Поради проблемите со двата примарни извори, како што објаснува Рејмонд Е. Браун (1998), историчарите се определуваат за еден од триве пристапи: - традиционалниот пристап, според кој целосно му се верува на наративот во Делата на апостолите и материјалите од писмата на Павле се вметнуваат во тој наратив; - пристапот што го користат голем број современи научници, според кој не им се верува на Делата на апостолите; понекогаш ни воопшто; па речиси исклучиво се користи материјалот од писмата на Павле; или - средишниот пристап, според кој сведоштвото на Павле се смета за примарен извор, а се дополнува со материјали од Делата на апостолите. Редовите што се во продолжение се засновуваат на овој пристап. Научниците оспоруваат голем број нешта, но прегледот што следува претставува обид да се проследат главните настани од животот на Павле. Детство и младост Павле е роден како Савле во Тарс во Киликија. Тој добил еврејско образование во традицијата на фарисеите, а можеби дури и имал и некаква обука за да стане рабин. Па така, се има опишано себеси како „Израелец од племето Венијамин, обрежан на осмиот ден… фарисеј според закон“ (Филипјаните 3:5), а јудаизмот го има опишано како „поревносната меѓу традициите“ (Галатјаните 1:14). Традиционалното тврдење во Дела 22:3, дека му бил ученик на Гамалиел, познат рабин од тоа време, е поткрепено од рабинските техники што Павле ги користи во склопувањето на аргументите во своите писма. Гамалиел I бил внук на Хилел, учител познат по својот широкоумен и толерантен пристап кон јудаизмот. Ништо не се знае за семејството на Павле. Малку е веројатно дека поздравот на Павле во Римјаните 16:3 до Руф и до „неговата мајка и мојата“ значел дека имал брат по име Руф; повеќето научници го сметаат тоа само како израз на наклонетост кон некоја жена што се однесувала со Павле како со син. Тој напишал: „На невенчаните и вдовиците им велам дека е добро да останат невенчани како што сум и јас.“ (1. Коринтјаните 7:8); врз основа на ова, римокатолиците традиционално сметаат дека Павле цел живот бил целибатен. Сепак, Павле за брачниот живот пишува чувствително (1. Коринтјаните 7:3-16). Освен тоа, кај Евреите од времето на Павле, а особено кај фарисеите, било обичај да се женат млади во согласност со заповедта „да бидат плодни и да се множат“ (1. Мојсеева 1:28). Бидејќи Павле бил верник Евреин сè до неговото верско преобратување (30-33 н.е.), кога имал повеќе од триесет години, најверојатно бил оженет, а до почетокот на неговата служба бил или вдовец или разведен. Павле работел за да се издржува за време на патувањата и додека проповедал – факт што го споменува неколкупати (1. Коринтјаните 9:13–15); според Дела 18:3 работел како кројач на шатори, кој бил угледен и вешт занает во тоа време. Исто така, нашол поддршка кај христијанската заедница, особено кај богатите вдовици што раководеле со домашни цркви во разни градови. Според Римјаните 16:2, тој имал заштитничка која се викала Фива. Во Делата 22:25 и 27–29 исто се вели дека Павле бил римски граѓанин – привилегија што ја употребил неколку пати за да го одбрани своето достоинство, вклучително и да вложи жалба на неговата пресуда во покраината Јудеја до Рим. Ова не било невообичаено; уште од времето на Јулиј Цезар, Рим им дал можност за стекнување државјанство на истакнатите семејства низ целото Римско Царство. Дел 2, преведен од Силвана Кочовска: Преобраќањето и раната проповедничка служба Павле отворено сведочи дека претходно ги прогонувал христијаните (Филипјаните 3:6), но подоцна ја прифатил верата што претходно ја негирал. Во Делата 9:1–9 се раскажува како, на патот кон Дамаск, имал видение од Исус што целосно го променило неговиот став. Павле самиот не дава јасен опис на настанот во ниту едно од неговите зачувани писма; а тоа, заедно со фактот дека авторот на Делата го опишува неговото преобраќање со суптилни разлики во уште две подоцнежни пасуси, навело некои научници да се сомневаат дали визијата навистина се случила. Меѓутоа, Павле запишал дека Исус му се појавил „последен од сите, како недоносено дете“ (1 Коринтјаните 15:8) и често нагласувал дека неговиот авторитет како „апостол на незнабожците“ произлегува директно од Бога (Галатјаните 1:13–16). Дополнително, без визијата, нема адекватно објаснување за преобраќањето на Павле. Во Делата апостолски 9:5 се сугерира дека тој можеби имал имал сомнежи во врска со своето противење на следбениците на Исус уште пред искуството на патот за Дамаск, кое стана синоним за ненадејна, драматична преобразба или промена на умот. По своето преобраќање, Павле најпрво заминал да живее во Набатејското царство (кое тој го нарекува „Арабија“) три години, а потоа се вратил во Дамаск (Галатјаните 1:17–20), сè додека не бил принуден да избега од градот под закрила на ноќта (Дела 9:23–25; 2 Коринтјаните 11:32 и натаму). Потоа отпатувал во Ерусалим, каде што се сретнал со Петар, кој веќе бил водач на христијанското движење, и со Јаков, братот на Исус (Галатјаните 1:18–19). Потоа се вратил во својата родна област Киликија (чиј главен град бил Тарс), како и во соседна Сирија, каде што ја продолжил својата мисионерска дејност (Галатјаните 1:21). Додека престојувал во Сирија, Павле се здружил со Варнава, еден од водачите на црквата во Антиохија, која станала негова база на делување. Антиохија, главен град на римската провинција Сирија, била трет најголем град во Римската Империја по Рим и Александрија, и претставувала културна раскрсница. Токму таму хеленистичката форма на христијанство што ја проповедал Павле ќе процвета и ќе се прошири низ целата империја. Според Делата на апостолите, „во Антиохија учениците најнапред се нарекоа христијани“ (11:26). Постојат одредени неусогласености околу тоа што се случило понатаму. Според Делата апостолски, Павле ја напуштил Антиохија и патувал низ Кипар и јужна Мала Азија за да го проповеда Христос — мисија што подоцна ќе стане позната како неговото „Прво мисионерско патување“ (Дела 13:13; 14:28). По неговиот успех, Павле повторно отпатувал во Ерусалим и учествувал на Соборот што се одржал таму (Дела 15). Од друга страна, писмата на Павле укажуваат дека тој останал во регионот околу Тарс и Антиохија сè до Ерусалимскиот собор, кој можеби бил свикан токму поради неговиот успех таму. Ако се реконструира животот на Павле врз основа на неговите посланија, најверојатно своите пошироки мисионерски активности ги започнал токму врз основа на мандатот што го добил на Соборот. Делата апостолски опишуваат три мисионерски патувања кои се сметаат за клучни дела на Павле. За овие патувања, Павле обично избирал еден или повеќе придружници. Варнава, Сила, Тит, Тимотеј, Марко, Акила и Прискила го придружувале на дел од или на сите овие патувања. На овие патувања Павле се соочувал со многу тешкотии: бил затворан во Филипи, неколкупати камшикуван и каменуван, а еднаш бил и речиси убиен. Павле ги опишува своите страдања: „Пет пати од Јудеите добив по четириесет удари без еден. Три пати бев тепан со прачки; еднаш бев каменуван. Три пати доживеав бродолом; еден ден и една ноќ поминав на отворено море. Често бев на патувања, во опасности од реки, опасности од разбојници, опасности од мојот народ, опасности од незнабошци, опасности во градот, опасности во пустина, опасности на море, опасности од лажни браќа; во труд и мака, често во непроспиени ноќи, во глад и жед, често без храна, во студ и без облека.“ (2 Коринтјаните 11:24–27) Ерусалимскиот собор Околу 49 година од нашата ера, по 14 години проповедање, Павле отпатувал во Ерусалим заедно со Варнава и Тит, за да се сретне со водачите на ерусалимската црква — Јаков, Петар и Јован; настан познат како Ерусалимскиот собор. Главното прашање на Соборот било дали новаторските учења на Павле, насочени кон незнабожци што станале христијани — според кои спасението не зависи од придржување до Законот на Мојсеј — може да се усогласат со традициите на мајката-црква во Ерусалим, составена претежно од христијани од еврејско потекло. Дали некој што не е Евреин, а го прифатил Исус Христос, треба да го прифати и јудаизмот како предуслов? Или, пак, може ли некој да биде христијанин без да биде Евреин? Од друга страна, ако на незнабошците им беше дозволено директно да го примат Христос, дали тоа значеше дека и верниците Евреи се ослободени од обврската да се придржуваат до Мојсеевиот закон (види: Антиномизам)? Тука, извештајот во Делата апостолски 15 и сведоштвото на Павле во Галатјаните 2:1–10 го прикажуваат настанот од различни агли. Според Делата, Павле бил на чело на делегацијата од црквата во Антиохија која дошла да разговара за тоа дали новите приврзеници на христијанството треба да се обрежуваат. Ако одговорот бил „да“, тоа би значело дека сите христијани треба да го почитуваат еврејскиот закон, од кои најважни се обрежувањето и правилата за исхрана. Причината за оваа дебата, според текстот, биле луѓе што дошле од Јудеја во Антиохија и ги учеле браќата: „Ако не се обрежете според обичајот на Мојсеј, не можете да се спасите“ (Дела 15:1). Во своето сведоштво во Посланието до Галатјаните, Павле наведува дека присуствувал „по откровение, за да им го изложи Евангелието... што го проповедаше меѓу незнабошците“ (Гал. 2:2), „поради лажни браќа кои се вовлекоа тајно, за да ја извидат нашата слобода во Христос Исус, за да нè поробат“ (Гал. 2:4). Тој изјавува (во Гал. 2:2) дека сакал да се увери оти она што им го проповедал на незнабошките верници низ годините било исправно. Поради тоа, во 48 година повторно се враќа во Ерусалим на средба со Петар и Јаков. Резултатот од соборот била поделба на мисијата: Петар и Јаков останале да ги водат еврејските христијани, кои верувале во Исус, но продолжиле да ја почитуваат својата еврејска вера, додека Павле добил одобрение да ја шири „добрата вест меѓу необрежаните“ (Гал. 2:7–10). Пресудата на Соборот во Делата 15 открива дека Петар и Јаков го разбирале делото на Павле во рамките на Мојсеевиот закон; конкретно, законот на Ноевите синови (Ноахидски закони), кои според рабините требало да ги почитуваат незнабошците за да бидат сметани за праведни. Овој став го изнел Јаков (Дела 15:20-21) и тој станал пресудата на Соборот. Тие испратиле писмо придружено со неколку водачи од ерусалимската црква заедно со Павле и неговата група, со цел да потврдат дека Мојсеевиот закон не треба да ги оптеретува незнабошките верници повеќе од воздржување од храна принесена на идоли, од крв, од месо од задушени животни и од сексуална неморалност (Дела 15:29). Соборот не тврдел дека Мојсеевиот закон не е обврзувачки за незнабошките христијани, туку дека тие припаѓаат на категоријата „праведни незнабошци“ за кои барањата на Законот се минимални. Во меѓувреме, од Евреите верници се очекувало да бидат побожни и да го почитуваат Законот. Во Делата 21:21 се споменува гласина дека Павле имал намера да го поништи Мојсеевиот закон, но според Делата, Павле ги следел инструкциите на Јаков да покаже дека „го почитувал и чекорел по патиштата на Законот.“ Сепак, од неговите учења се гледа дека Павле не го сметал Мојсеевиот закон за суштински или обврзувачки. На пример, во врска со Ноахидскиот закон за воздржување од храна принесена на идоли, тој го почитувал тоа само како корисна мерка за да не ги повреди оние со слаба вера (1 Коринтјаните 8). На крајот, Павлевиот став дека оправдувањето е целосно од благодатта на Христос и не зависи од делата на Законот, е несогласен со еврејскиот Ноахидски принцип, кој сè уште дава посебно место на Евреите како оние што го почитуваат целиот Закон. И покрај договорот што го постигнале на Соборот, Павле раскажува како подоцна јавно го повикал Петар на одговорност, обвинувајќи го за лицемерие поради неговата воздржаност да јаде заедно со незнабошките христијани затоа што биле присутни некои еврејски христијани (Галатјаните 2:11–18). И покрај тврдењето на Павле дека сите христијани се „едно во Христос Исус“ (Галатјаните 3:28), некои еврејски христијани сè уште се сметале за посебни поради почитувањето на Законот и ги гледале незнабошките христијани како помалку совршени во верата. Тие биле така наречените „јудеизатори“ кои ја отежнувале мисијата на Павле. (Продолжува) /MИАТагови: Павловден Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
СветПочнаа консултациите во Израел- претседателот Херцог разговара со партиите за избор на нов мандатар Израелскиот претседател Исак Херцог ќе започне формални консултации со претставници на партиите што освоија места на предвремените парламентарни избори за да утврди кој има најголеми шанси да ја формира новата влада.Израелскиот претседател Исак Херцог ќе започне формални консултации со претставници на партиите што освоија места на предвремените парламентарни избори за да утврди кој има најголеми шанси да ја формира новата влада на Израел, објави неговиот кабинет. Консултациите ќе траат два дена, при што Херцог прво ќе разговара со претставници на помалите партии, додека средбите со лидерите на двете најголеми политички групи, сегашниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху и Гади Ајзенкот, се закажани за четврток вечер, објавува „Тајмс оф Израел“. Според конечните резултати од изборите одржани на 27 октомври, ниту еден политички блок не го освои потребното мнозинство од 61 место во Кнесетот со 120 места. Блокот на сегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху освои 53 места, опозицискиот блок предводен од Гади Ајзенкот 48, додека арапските партии освоија вкупно 19 места. Партијата Ликуд, предводена од Нетанјаху, освои 27 места, додека партијата Јашар на Ајзенкот освои 21. Во блокот на Нетанјаху се вклучени и Обединетиот јудаизам на Тората и Оцма Јехудит со по седум места, како и Шас и Религиозната ционистичка партија со по шест места. Опозицискиот блок, покрај Јашар, го сочинуваат партиите Заедно со 12 места, Демократите со осум и Нашиот дом Израел со седум места. Арапските партии освоија вкупно 19 места, од кои Заедничката листа освои 11, а партијата Раам осум места. Претседателот на Централната изборна комисија на Израел, судијата на Врховниот суд Ноам Солберг, денес му ги презентираше официјалните резултати од изборите на израелскиот претседател Херцог.Тагови: Израел Исак Херцог Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
Шоу бизРијана позира во провокативна долна облека за новата божиќна колекција (ФОТО)Пејачката Ријана (38) претстави нова празнична колекција на долна облека за нејзиниот бренд „Savage X Fenty“ и повторно се најде во центарот на вниманието во кампањата.Таа сподели серија провокативни фотографии на Инстаграм кои го привлекоа вниманието на нејзините следбеници, пренесува „The Sun“. Позира во чипкасто боди и танга Ријана позираше опкружена со елки и подароци, носејќи црвено-црно чипкасто боди со длабоко деколте и танга. Изгледот го надополни со високи чорапи и црни чевли со високи потпетици. На една од фотографиите, таа му сврте грб на фотоапаратот за да ја покаже својата заднина. „Бидејќи заслужувате нешто посебно оваа празнична сезона“, напиша таа покрај објавата. View this post on Instagram A post shared by SAVAGE X FENTY BY RIHANNA (@savagexfenty) Ги воодушеви своите следбеници Фотографиите предизвикаа бројни реакции на социјалните мрежи, а обожавателите не престанаа со комплименти во коментарите. „Прежешка си!“ напиша еден следбеник. „Среќен Божиќ, мама!“ додаде друг. „Навистина си многу, многу убава жена, љубов моја“, искоментира трет. View this post on Instagram A post shared by badgalriri (@badgalriri) Изградба на успешно деловно царство Ријана го лансираше брендот за долна облека „Savage X Fenty“ во 2018 година, а денес тој се проценува на над една милијарда долари. View this post on Instagram A post shared by badgalriri (@badgalriri) Една година претходно, таа го основаше козметичкиот бренд „Fenty Beauty“, кој исто така постигна голем успех. Според претходните извештаи, брендот остварил приход од приближно 100 милиони долари во текот на првите 40 дена од работењето. View this post on Instagram A post shared by badgalriri (@badgalriri) Иако во последните години повеќе им се посвети на деловните проекти и на своето семејство, Ријана продолжува да привлекува големо внимание од јавноста.Тагови: долна облека Ријана Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
ФудбалБелградска „Маракана“ вториот најопасен стадион во светот, меѓу 10 најопасни е и „Максимир“ Престижниот италијански весник „Кориере дело Спорт“ објави листа од 10 стадиони ширум светот каде што гостувачките екипи минуваат низ вистински пекол.Изборот на познатиот спортски весник „Кориере дело Спорт“ опфаќа култни фудбалски арени, познати по своите фанатични навивачи, екстремниот притисок од трибините и историјата на насилство. Меѓу нив се најдоа два стадиона од територијата на поранешна Југославија – белградската „Маракана“, односно стадионот „Рајко Митиќ“, го зазеде високото второ место, додека загрепскиот „Максимир“ се најде на десеттата позиција. 1. Бомбоњера („Бока Јуниорс“, Буенос Аирес) Едноставно нема конкуренција. Некогашниот дом на Дијего Армандо Марадона е дефинитивно стадион каде што главната цел е да се извлече жива глава; освојувањето на трите бода паѓа речиси во втор план. Капацитет од 49.000 седишта, трибини толку стрмни што предизвикуваат вртоглавица и публика која е, најблаго кажано, непријателски настроена. А кога се игра дербито против Ривер Плата, стадионот се претвора во вистински пекол. Официјалното име му е „Естадио Алберто Х. Армандо“, но за сите тој е „Ла Бомбоњера“. 2. Маракана (Црвена ѕвезда, Белград) Стадионот што го носи името на Рајко Митиќ – славниот поранешен играч на „Црвена ѕвезда“ и првата вистинска ѕвезда на овој српски клуб – е познат под прекарот „Маракана“, кој очигледно е инспириран од култниот стадион во Рио де Жанеиро. „Вечното дерби“ против „Партизан“ нема рамно на себе во Европа според нивото на непријателство, а пред сè – на насилство. Иако тимот веќе не е на нивото од времето кога – со играчи како Дејан Савиќевиќ, Дарко Панчев, Роберт Просинечки, Владимир Југовиќ и Синиша Михајловиќ – го освои Купот на европските шампиони во 1991 година во Бари, победувајќи го „Олимпик“ од Марсеј, и иако „Маракана“ донекаде ја има изгубено својата некогашна магија, таа сè уште важи за едно од најтешките гостувања во светот. 3. „Де Кајп“ (Фејенорд, Ротердам) – Името „Де Кајп“ (De Kuip) во превод значи „Кадата“, а тоа е токму местото каде што гостинските екипи мораат да вложат максимални напори за да „останат на површина“. И овде трибините се исклучително стрмни, особено зад головите, каде што навивачите на Фејенорд, познати како „Хет Легион“ (Легијата), никогаш не престануваат да пеат. Кога ќе ја запеат својата химна „Рака под рака“ (Hand in Hand), вревата станува заглушувачка. 4. Стадион „Али Сами Јен“ (Галатасарај, Истанбул) Со години, Турција беше земја во која доминираше кошарката, предводена од Ефес, Улкер, а подоцна и Фенербахче. Денес, фудбалот целосно го презеде приматот, а домот на Галатасарај е најнепријателскиот терен во земјата. Тој може да прими околу 55.000 гледачи кои навиваат од првата до 90-тата минута. Дербито против Фенербахче е заокружено со црвено, или подобро кажано – означено со црвен крст... Ниту локацијата не помага: домот на „Галата“ се наоѓа во еден од најмалку атрактивните делови на Истанбул. Поради спонзорски права, стадионот сега официјално се нарекува „Рамс Парк“. 5. Ден (Милвол, Лондон) Темните години на англискиот фудбал, одбележани со хулигани, се одамна зад нас. Навивачката група на домашниот тим беа „Милвол Бушвакерс“ (Millwall Bushwhackers), озлогласени по немирите во Лутон во 1985 година и во Бирмингем во 2002 година. Денес атмосферата е сосема поинаква, но излегувањето на теренот на стадионот „Дена“ сè уште предизвик. 6. Вестфалија (Борусија Дортмунд, Германија) Кој не знае за славниот „Жолт ѕид“? Тој дури послужи и како инспирација за новиот стадион на Милан, кој има за цел да ја реплицира стрмноста присутна на „Сигнал Идуна Парк“ – домот на Борусија Дортмунд – на двете трибини зад головите. Станува збор за трибина на која речиси исклучиво се стои (на крајот на краиштата, кој воопшто и седи таму?), што создава ефект на вистински, жив ѕид од кој се „скршиле“ многу противници. 7. „Мохамед V“ (Раџа Казабланка, Мароко) Дербито во „Ботола Про“ лигата – највисокото ниво на мароканскиот фудбал – против градскиот ривал „Видад“, е еден од оние натпревари што мора да се доживеат барем еднаш во животот. Стадионот во Казабланка, кој локално е познат како „Донор“, има капацитет од 48.000 гледачи. „Грин Бојс“ (Green Boys) и „Иглс“ (Eagles) – локалните ултрас навивачки групи – се меѓу најмоќните и најорганизираните во светот. 8. Меѓународен стадион во Каиро („Ал Ахли“ и „Замалек“, Египет) Рекордната бројка од 120.000 гледачи на финалето на Африканскиот куп на нации во 1986 година претставува африкански рекорд кој веројатно никогаш нема да биде соборен. За Африканскиот куп на нации во 2006 година – настан што исто така се одржа во Египет и на кој Египет победи – капацитетот беше намален на 75.000 места, но атмосферата остана исто толку вжештена. Стадионот го делат два од најуспешните египетски клубови, Ал Ахли и Замалек, меѓу кои постои длабоко вкоренета нетрпеливост. По трагедијата на стадионот „Порт Саид“ во 2012 година (за време на натпревар меѓу Ал Масри и Ал Ахли), беа воведени строги ограничувања за присуство на гледачи на натпреварите од домашното првенство, поради што таа некогашна интензивна енергија донекаде избледе. 9. Стадион на полската армија („Легија“ Варшава, Полска) Стадионот на Полската армија, кој официјално го носи името на маршалот Јозеф Пилсудски, е дом на една од најжестоките и најрадикалните навивачки групи во Европа. Домашните натпревари на „Легија“ се проследени со бројни инциденти на насилство и редовни санкции од УЕФА поради расизам и нереди. Не дозволувајте капацитетот од „само“ 30.000 места да ве измами – притисокот што го создаваат домашните навивачи е огромен. 10. Стадион „Максимир“ (Динамо Загреб, Хрватска) Откако влезе во историјата поради немирите во 1990 година на натпреварот меѓу Динамо и Црвена ѕвезда – настан одбележан со ударот што Звоне Бобан му го зададе на полицаецот, среде тензиите што набргу доведоа до војната на Балканот и распадот на Југославија – „Максимир“ денес го има изгубено дел од својот некогашен (изопачен) шарм. Причината лежи и во фактот што трибината спроти главната е сè уште затворена поради оштетувањата претрпени во земјотресот од март 2020 година. Капацитетот е намален од приближно 35.000 на околу 25.000 седишта. Така, одржувањето на факторот на заплашување и непријателската атмосфера остана исклучиво во рацете на нивните ултрарадикални навивачи – „Бед блу бојс“ (Bad Blue Boys).Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook