Павлопулос: Меѓународен договор без уставни измени го прекршува самиот Устав

 Промена на Уставот е предуслов  за решение, но и обврска кон владеењето на правото, затоа што Меѓународен договор без уставни измени носи и одговорност за премиерот на соседната земја, смета грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Во обраќање до претседателката на Естонија Керсти Калјулајд, грчкиот претседател рече дека е потребен договор за името со конкретни гаранции што ќе го елиминираат иредентизмот, бидејќи „Грција не може да толерира да постојат иредентистички тензии и прекршување на историјата“. Но, најважно за Атина, според Павлопулос, е уставната промена.

- Нашата соседна земја треба да го смени Уставот, нејзиниот Устав денес содржи име кое, како што е познато, не е прифатено. Тоа треба да се смени. Оваа промена на Уставот е основен предуслов и знаете зошто е основен предуслов? Затоа што, ние државите членки на Европската унија и на НАТО, сме демократски држави што го почитуваме владеењето на правото. Како да толерираме една држава и нејзиниот премиер да потпише договор и да го ратификуваме овој договор, што е спротивен на Уставот? Каков пример ќе дадеме? Кон што го туркаме овој премиер? Да склучи Меѓународни договори што го прекршуваат самиот Устав и самиот ќе има одговорност, рече грчкиот претседател на почетокот на средбата со неговата колешка од Естонија, која е во дводневна посета на Грција.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, изјавата на Прокопис Павлопулос од Атина и пораките во однос на разговорите за името беа во исто време со средбата на премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија.

Почина човекот, кој прв во светот доби генетски модификуван бубрег од свиња

Првиот примател на генетски конструиран свински бубрег почина речиси два месеци по операцијата, соопштија неговото семејство и болницата што ја изврши операцијата.

Ричард Слејман (62) беше подложен на трансплантација на бубрег во Општата болница во Масачусетс во март оваа година, а хирургот предвиде дека свинскиот бубрег ќе функционира најмалку две години, пренесува АП.

Тимот од Општата болница во Масачусетс, вклучен во трансплантацијата, рече дека е „длабоко тажен“ поради смртта на Слејман и му изрази сочувство на неговото семејство, велејќи дека немаат индикации дека пациентот починал како резултат на трансплантацијата.

Рик Слејман од Вејмут, Масачусетс, бил првиот жив човек кој бил подложен на ваква хируршка процедура.

Претходно, свински бубрези биле привремено трансплантирани на донатори на органи со мозочна смрт, а двајца мажи добиле трансплантација на свински срца, но и двајцата умреле за неколку месеци.

Слејман имаше трансплантација на бубрег во 2018 година, но од минатата година повторно бил на дијализа кога трансплантираниот орган почнал да откажува. Поради ова, лекарите му предложиле да направи трансплантација со бубрег од свиња.

Рама денеска ќе одржи собир во Атина, Мицотакис се противи: Не е „соодветен момент“

Албанскиот премиер Еди Рама претпладнево ќе одржи митинг во Атина, односно собир со Албанците кои живеат во грчката метропола во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји.

Албанскиот премиер Еди Рама претпладнево ќе одржи митинг во Атина, односно собир со Албанците кои живеат во грчката метропола во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера коментираше дека посетата „и не во баш најсоодветен момент“, јави дописничката на МИА од Атина.

Собирот ќе се одржи во затворена спортска сала во атинска населба, а според грчките медиуми за безбедноста на Рама за време на престојот во Атина, што се води како приватна посета, ангажирани се над 1.000 полицајци и планирани се драконски безбедносни мерки што вклучуваат и хеликоптери и дронови.

За посетата на Атина, самиот Рама минатата седмица на платформата Икс рече дека не е поврзана со внатрешните работи на Грција или евроизборите, а во петокот на Фејсбук објави фотографија со детали за настанот и ги повика Албанците кои се во Атина и околината да присуствуваат на собирот.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на брифингот со новинарите во четвртокот рече дека во вторникот, официјално биле информирани за посетата на Рама, а локацијата беше одредена речиси во последен момент.

Мицотакис во интервјуто за грчката телевизија Алфа вчера во однос на посетата на албанскиот премиер рече дека „Грција е демократска земја, која уставно го гарантира правото на одржување собири и очигледно никој никогаш не би му забранил на странски лидер да дојде, да оствари приватна посета за да им се обрати на неговите сонародници“.

-Мислам дека темата доби малку повеќе публицитет отколку што навистина заслужува. Ако ме прашувате дали времето на оваа посета, неколку недели пред европските избори и со отворените прашања за грчкото национално малцинство во Албанија, е вистинскиот, ќе ви кажам дека не е баш најсоодветното време. Но, како и да е, да не му даваме и поголема важност, рече Мицотакис.

Со идентичен став беше и министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, кој во интервјуто за грчкото радио „Скај“ во четвртокот истакна дека посетата не е во соодветен момент и коментираше дека се работи за приватна посета, а не на покана на грчката Влада.

-Она што е навистина точно е несоодветниот момент на оваа посета, со оглед на фактот што од една страна албанските избори нема да се одржат пред 2025 година, а од друга страна веќе сме во пред изборен период во пресрет на европските избори, рече Герапетритис.

Посетата на Рама на Атина е во период кога односите меѓу Грција и Албанија се заладени поради случајот со осудениот градоначалник на Химара Фреди Белери, кој иако е во затвор во Албанија е еден од 42-та кандидати за пратеници во Европскиот Парламент од редовите на грчката владејачка партија Нова демократија.

Бајден: Прекин на огнот во Газа е можен уште утре, доколку Хамас ги ослободи заложниците

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека е можен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас „уште утре“ доколку Хамас ги ослободи заложниците, пренесоа француските медиуми.

-Уште утре ќе има прекин на огнот доколку Хамас ги ослободи заложниците, рече Бајден на кампањата за собирање средства во близина на Сиетл, на северозападниот дел на САД, во домот на поранешен извршен директор на Мајкрософт.

притисни ентер