Пател: САД нема да се двоумат да ја осигураат заштитата на американскиот персонал во Косово - Канал 5

Пател: САД нема да се двоумат да ја осигураат заштитата на американскиот персонал во Косово

 Заменик портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател, изјави дека САД „нема да се двоумат да направат се што е неопходно за да се обезбеди заштитата на американскиот персонал“ во Косово, пренесоа српските медиуми.

Пател: САД нема да се двоумат да ја осигураат заштитата на американскиот персонал во Косово

Запрашан како ќе реагира Стејт департментот за да ги заштити животите на американските војници во КФОР од едностраните постапки, по најавата на Приштина дека ќе го отвори главниот мост на Ибар во Митровица, Пател рече дека, иако сè уште не видел конкретни изјави и коментари на претставниците на Приштина, САД „нема да се двоумат да направат се што е неопходно за да се обезбеди заштита на американскиот персонал и своите луѓе“.

Стејт департментот претходно соопшти дека САД во овој момент не поддржуваат никакви потези за промена на сегашниот статус на мостот на Ибар и дека отворањето на мостот за сообраќајот на возила сега го зголемува потенцијалот за насилство и го става локалното население, како и војниците на КФОР , вклучувајќи ги и Американците, во ризик.

Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, на 13 август изјави дека во овој момент постои реален ризик поврзан со отворањето на мостот во Митровица, што може да влијае на безбедноста на војниците на НАТО, вклучително и американските војници.

Приштина најави отворање на главниот мост на реката Ибар во Митровица, иако Белград и Србите на северот на Косово се против, посочувајќи дека тоа ја загрозува безбедноста на Србите.

Српскиот премиер, Милош Вучевиќ, вчера изјави дека отворањето на мостот ќе биде опасен потег што ќе ја загрози безбедноста и опстанокот на Србите во Косово. Тој посочи дека отворањето на мостот ќе биде катастрофа и дека директно ќе ги откаже сите разговори и договори и ќе го направи процесот на дијалог бесмислен, иако Србија останува посветена на процесот на дијалог, бидејќи тоа е во нејзин интерес. Притоа, тој апелираше пред се до земјите од Квинта да не го дозволат тоа, а КФОР да го направи тоа што е негова мисија.

На отворањето на главниот мост во Митровица во моментов се противат КФОР, ЕУ и ОБСЕ, кои сметаат дека ова прашање треба да биде дел од дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трагедија во Пакистан – 33 ученици и еден наставник загинаа при уривање на покривот на училиште; сопственикот е уапсен

Најмалку 33 ученици и еден наставник загинаа кога се урна покривот на училиште во Пешавар, главниот град на пакистанската провинција Хајбер Пахтунхва.  Спасувачките екипи трагаат по преживеани во урнатините. 

Трагедија во Пакистан – 33 ученици и еден наставник загинаа при уривање на покривот на училиште; сопственикот е уапсен

Сите загинати ученици биле помлади од 13 години. Сопственикот на училиштето е уапсен, а претседателот на Пакистан побара сеопфатна истрага за причините за несреќата.

Најмалку 33 ученици и еден наставник загинаа кога се урна покривот на училиште во Пешавар, главниот град на пакистанската провинција Хајбер Пахтунхва. Спасувачките служби стравуваат дека под урнатините има уште заробени деца, што значи дека бројот на жртвите би можел дополнително да се зголеми, јавуваат локалните медиуми.

Загинатите деца биле на возраст меѓу шест и 12 години, изјави Мохамад Асим, портпарол на болница во Пешавар. Деветнаесет лица се повредени, од кои петмина се во критична состојба, додаде тој.

Полицијата го потврди апсењето на сопственикот на училиштето, кое се наоѓа во населбата „Дир Колони“ и работело во рамките на образовна фондација.

Станува збор за приватно училиште лоцирано во северниот дел на градот. Во тек е истрага, а се претпоставува дека причина за уривањето на покривот е слабата конструкција.

„Конструкцијата на објектот беше слаба. Покривот беше преоптоварен поради дополнителна градба врз нестабилна рамка, што доведе до уривање“, изјави началникот на полицијата. Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изрази длабока тага поради трагедијата што се случи во училиштето. Пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари, исто така, упати сочувство.

„Оваа потресна трагедија ја потресе целата нација“, рече тој.

Претседателот на Пакистан, исто така, повика на сеопфатна истрага за утврдување на причините за несреќата, како и на преиспитување на безбедносните стандарди во училишните објекти, со цел да се спречат слични трагедии во иднина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Отворен е повикот за Академија за млади лидери организирана од ПИАЦ на ВМРО-ДПМНЕ

Политичкиот истражувачко-аналитички центар – Љубиша Георгиевски го отвора повикот за учество на Академијата за млади лидери, едногодишна програма наменета за млади луѓе кои сакаат да инвестираат во своето знаење, личен развој и лидерски потенцијал.

ВМРО-ДПМНЕ: Отворен е повикот за Академија за млади лидери организирана од ПИАЦ на ВМРО-ДПМНЕ

Во текот на програмата, учесниците ќе имаат можност да учат од искусни предавачи и практичари, да работат на конкретни задачи и реални предизвици, да разменуваат идеи и да стекнат искуство кое ќе можат да го применат во својата понатамошна работа.

Програмата е организирана во пет модули, посветени на:

* лидерство, тимска работа и организација;

* комуникациски и медиумски вештини, јавен настап и нови дигитални алатки;

* јавни политики, институции и процесот на донесување одлуки;

* финансии, буџетирање и економски показатели;

* политички менаџмент, организација и кампањи.

Посебен дел од Академијата ќе биде менторската програма, преку која секој учесник ќе има можност директно да работи со искусен ментор.

На крајот од Академијата, учесниците ќе работат во тимови на завршен проект, во кој ќе треба да понудат решение за конкретен општествен проблем и да го презентираат пред комисија.

Како да се пријавиш?

Испрати ја својата пријава најдоцна до 25 октомври на:

[email protected] или пријави се лично во Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

Пријавата треба да содржи кратка биографија и кратко образложение зошто сакаш да бидеш дел од Академијата.

Биди дел од Академијата за млади лидери во организација на ПИАЦ на ВМРО-ДПМНЕ.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јаневска: Ја подигнуваме инклузивноста со најмногу образовни асистенти досега, стручен кадар и асистивна технологија

 Меѓународниот ден на белиот стап е можност да се потсетиме до каде сме стигнале, како општество, во нашата обврска на секое дете да му овозможиме да ги реализира своите соништа, таленти и потенцијали. 

Јаневска: Ја подигнуваме инклузивноста со најмногу образовни асистенти досега, стручен кадар и асистивна технологија

Оваа Влада вети дека ќе ја подигне инклузивноста на воспитно-образовниот систем во целина, и тоа го правиме, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап што се одржа во Собранието, во организација на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост и Зета – организација за попреченост и правда, во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ и Националниот сојуз на слепи.

Посочи дека оваа учебна година се ангажирани најголем број образовни асистенти досега: 1.602 во основните училишта низ државата и 176 во средното образование. Во тек е и постапка за ангажирање на дополнителен број на стручни лица за образовна асистенција.

„Во насока на подигнување на инклузивноста е и јакнењето на стручните служби во училиштата, преку ангажирање на потребен кадар. Паралелно ја подобруваме пристапноста во училишните објекти преку поставување рампи и тоалети за учениците со посебни потреби. Воведовме две нови категории студентски стипендии наменети за студенти со попреченост и со ретки болести“, додаде министерката.

Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, од минатата година функционира како ресурсен центар и таму работат специјални едукатори и рехабилитатори, наставници и стручни лица кои се обучени за образование на овие ученици со посебни образовни потреби.

„Оваа учебна година, во ова единствено училиште на ниво на државата, се запишани повеќе ученици отколку лани. Тоа говори за препознавањето на квалитетот на воспитно-образовната работа, можноста за добивање соодветна стручната помош и раст на довербата што родителите ја имаат во институцијата“, укажа министерката Јаневска.

Училиштето е опремено со најсовремена асистивна технологија, со заеднички ангажман и во соработка со општествено одговорни компании, што како практика треба да продолжи, затоа што многу е важно децата со посебни образовни потреби да имаат пристап до најновите алатки и технолошки решенија кои ќе им овозможат полесно учење, поголема самостојност и порамноправно учество во образовниот процес и во секојдневниот живот.

„Ограничените ресурси се главната пречка за подобри услови за квалитетна настава, но, тоа може да се надомести со поквалитетни обуки, подобра комуникација меѓу сите чинители и секако со стратешко унапредување на инклузивниот образовен систем“, додаде министерката Јаневска, нагласувајќи ја потребата за подигнување на јавната свест дека попреченоста не ја определува личноста и дека треба да градиме општество во кое секој млад човек ќе добие шанса за избор на сопствена иднина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер