Паметните канти на кавадаречки професор првонаградени за иновација во Италија - Канал 5

Паметните канти на кавадаречки професор првонаградени за иновација во Италија

Во конкуренција од 120 учесници од 31 држава, на најголемиот саем за образование во италијанскиот град Фиренца, кавадарчанецот Димитрија Ангелков е првонаграден за иновативниот екометод, преку паметни канти до развој на етички вештини. 

Паметните канти на кавадаречки професор првонаградени за иновација во Италија

Тој е доктор на науки од електротехничка струка, а работи како професор во средното електромашинско училиште. За МИА откри дека се раководи од мислата дека работиме за пари, ама живееме за признание.

– „Дидакта" е саем на кој се презентираат практични решенија што го унапредуваат образовниот систем. Трудот со кој јас настапив е заштитата на животната средина преку подигање на свеста од најмали години, за стекнување навики за правилна селекција на отпадот. Паметните канти се покажаа како ефикасен метод за мотивација на луѓето од најмали до највозрасни, да учествуваат во селекцијата на отпадот кој го произведуваат самите, но и на отпадот од останатите, појасни професорот.

Тој додаде дека овој метод овозможува отпадот што е расфрлан насекаде да ги мотивира корисниците да го собираат и да го поставуваат во овие паметни канти и да добиваат поени, па преку поените и награди.

– Исто така иновацијата е и во тоа, ако не се користат редовно поените, автоматски се намалуваат и со тоа имате плус мотивација да ги користите постојано и да имате мал склад дома, за кога ќе можете да ги фрлите во кантите и да добиете поени. Системот е одржлив, нема маани, сигурен и достапен за сите. Со овие машини заедницата добива повеќекратно и ситуацијата е вин-вин за сите, нагласи Ангелков.

Патентот „паметни канти" изработени од кавадаречка фирма, во која управител е проф. д-р Димитрија Ангелков, претходно освои златен медал на саемот за иновации „Иновамак 2019".

Паметните канти, како што изјави за МИА Ангелков, веќе од оваа година се произведуваат и се дистрибуираат по училишта и градинки.

– Проектот е едукативен, забавен, еколошки и со најниска цена на чинење во светот, само 200 евра по канта. Иновацијата се состои во тоа што го решава проблемот со враќањето на пластичните, стаклените и металните шишиња за рециклирање. Во нашата земја речиси секое петто шише се враќа за рециклирање, додека останатите четири завршуваат во реките, езерата, почвата и морињата, рече тој.

Решението е одржливо, нагласи тој, затоа што со собирање на овој отпад, дел од средствата се враќаат како награда за тој што ја користи паметната канта.

– Ова решение е идеално за нашата земја затоа што инвестицијата се враќа за помалку од пет месеци, по овој период имате постојана добивка од собраниот отпад. На паметната канта има дисплеј на кој се генерира код што го внесувате на веб-страницата www.pametnikanti.mk заедно со вашиот мобилен број и така добивате поен. Кога ќе соберете доволно поени добивате СМС и награда од дел од парите што се добиле од продажбата на шишињата. Системот е одржлив и преку награди ги мотивира луѓето да ги користат овие канти. Исто така имаме и веб-страница што се користи за светска промоција http://www.interactive-bin.mk, каде што може да се види како функционира целиот систем, појасни професорот.

Трите модели на паметни канти примаат само отпад предвиден за тоа.

– Пример, доколку во кантата што прима само стаклени шишиња пробате да фрлите пластично шише, ќе ви даде коментар дека не прима таков отпад и да го фрлите во другата што е предвидена за тоа. Целиот систем функционира самостојно, затоа што соларниот панел генерира доволно енергија да работи целиот механизам и електроника, додаде Ангелков.

– Дизајнот постојано се менува во зависност од позицијата каде се поставува. Доколку е во градинка е со ликови од суперјунаците, доколку е во банка или институции, тогаш е со дизајн соодветен за тоа. Доколку се практикува ова решение насекаде, нашата земја ќе стане почиста, поубава и понапредна. Решенија има, треба да се практикуваат, нашата земја изобилува со иноватори кои прават сè да постанеме развиена земја што овозможува иднина за идните поколенија. Иднината е сега, порача професорот, кој е управител на фирмата „Интерактивна иднина".

Тој верува дека ова решение ќе го зголеми процентот на вратени шишиња. Во Германија тој процент бил 60 отсто.

Ангелков, кој има и други иновации и награди, сподели со нас и уште неколку интересни информации. Кантите работат независно без дополнителна енергија и се екстремно безбедни, невозможно е некој физички да се повреди од нив. Кантите имаат вграден филтер за воздух и на нив можат да се полнат мобилни телефони. Доколку се спојат две канти со три штици се добива и клупа за седење.

Тој ни кажа дека e автор и единствен производител на паметни училишни табли на Балканот. Редовно учествува на саеми и натпревари и добива награди./МИА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Штрајк на 400.000 работници во Германија- бараат поголеми плати

Повеќе од 400.000 работници во автомобилската, машинската и електроиндустријата во Германија излегоа на улиците и организираа предупредувачки штрајкови откако пропаднаа неколку рунди преговори за плати, објави синдикатот IG Metall.

Штрајк на 400.000 работници во Германија- бараат поголеми плати

Според AFP, податоците на синдикатот покажуваат дека околу 413.000 работници учествувале во штрајкови од минатиот викенд до петок, пренесе Кликс.

Првите собири пред фабричките порти започнаа во недела, 1 ноември, на полноќ, кога истекоа претходните договори за плати. Со нивното истекување, заврши и законската обврска на синдикатите да се воздржат од штрајкови.

Штрајкови во повеќе од 2.000 компании

Синдикатот IG Metall најави предупредувачки штрајкови во повеќе од 2.000 компании низ Германија само за оваа недела.

Барањата на синдикатот се фокусирани на:

• Зголемување на платите за седум проценти, со дополнителни подобрувања за работниците со најниски приходи.

• Зачувување на постојните работни места и локации за производство.

• Учество на вработените во распределбата на профитот на компанијата.

Од друга страна, за време на втората рунда преговори, работодавците презентираа понуда за трајно зголемување на платите од 1,3 проценти, со имплементација дури од јули 2028 година.

Синдикатот го окарактеризираше таквиот предлог како провокација која, како што наведуваат, всушност би им донела на работниците вистински пад на приходите.

„Работниците се борат за иднината на своите семејства и своите работни места. Тие очекуваат значително зголемување на куповната моќ и поконкретно преземање на обврските и инвестициите на работодавците“, рече главниот преговарач на IG Metall, Надин Богуславски.

Богуславски додаде дека синдикатите излегле со фер и флексибилна понуда и дека во овој момент потегот зависи од работодавците.

Преговорите меѓу двете страни ќе продолжат следната недела. Синдикатот предупредува дека штрајковите ќе траат значително подолго доколку работодавците не одговорат на барањата. Во овие преговори директно се вклучени повеќе од 3,7 милиони работници вработени во еден од клучните сектори на германската економија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Уапсени се 17 возачи: Десетмина немале возачка, петмина возеле пијани- еден дури со 3,35 промили алкохол во крвта

17 лица лишени од слобода во изминатото деноноќие поради безобѕирно управување со моторно возило.

Уапсени се 17 возачи: Десетмина немале возачка, петмина возеле пијани- еден дури со 3,35 промили алкохол во крвта

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на целата држава, полициски службеници лишиле од слобода 17 лица додека со едно лице е извршен службен разговор, поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.

Десет лица управувале возило без положен возачки испит. Станува збор за Е.С.(34), Р.Ш.(18), Б.К.(19), кој управувал мотоцикл, Б.А.(49) и П.И.(29), сите од Скопје, А.А.(37) од Гостивар, Д.Л.(34) од Прилеп и Е.В.(53) од Струга.

Во Виница, 14-годишен малолетник, пред да се стекне со право на управување со моторно возило, изгубил контрола над мопедот и паднал. Исто така, службен разговор бил извршен со Е.Е.(19) од Велес, кој учествувал во сообраќајна незгода со мотоцикл без регистарски ознаки и две други возила, а претходно не се стекнал со право на управување со моторно возило.

Пет лица управувале возило под дејство на алкохол. Кај К.К. биле измерени 3,35 промили алкохол во крвта, кај И.А.(52) од Куманово 2,17 промили, кај Н.Ѓ.(33) од Куманово 1,55 промили, кај С.Ј.(34) од Битола 1,60 промили, а кај Х.П.(28) од Охрид 1,68 промили алкохол во крвта.

Две лица управувале возило и покрај активна забрана за управување со моторно возило. Станува збор за А.Ш.(39) од село Обедник, демирхисарско, и Р.Л.(55) од Охрид, кој претходно учествувал во сообраќајна незгода управувајќи патничко возило „опел“ со охридски регистарски ознаки.

Г.Р.(53) од село Мусинци, општина Могила, управувал возило без положен возачки испит и под дејство на алкохол, при што му биле измерени 2,92 промили алкохол во крвта.

По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

МВР апелира до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, под дејство на алкохол или за време на активна забрана за управување. Особено апелираме до родителите да не им дозволуваат на малолетни лица да управуваат моторни возила пред да се стекнат со законско право за тоа. Одговорното однесување во сообраќајот е од суштинско значење за спречување на сообраќајни незгоди и заштита на човечките животи, соопштуваат од МВР.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Уапсен е охриѓанец- во неговиот дом се пронајдени дрога и пари

Лишен од слобода 49-годишник од Охрид, при претрес пронајдена дрога и пари.

Уапсен е охриѓанец- во неговиот дом се пронајдени дрога и пари

На 07.11.2026 година, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Б.Н.(49) од Охрид. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени три опаковки со бела прашкаста материја и пари.

По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштуваат од МВР.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер