Палевски отстранет од судница поради сомневање за влијание врз исказите - Канал 5

Палевски отстранет од судница поради сомневање за влијание врз исказите

Судењето за убиството на Вања и Панче продолжи денеска во Основниот кривичен суд Скопје со сведочење на обвинетиот Влатко Кешишев.

Палевски отстранет од судница поради сомневање за влијание врз исказите

Претходно, по барање на адвокатот Игор Ефремов, бранител на Кешишев, судот донесе решение обвинетиот Љупчо Палевски да биде отстранет од судницата. Барањето беше образложено со сомневање дека присуството на Палевски би можело да влијае врз вистинитоста на исказот на Кешишев. Како доказ беше наведен случајот со изјавата која во ноември лани Кешишев ја достави до судот, во која наведува дека Палевски нема врска со случајот, а потоа ја негираше со образложение дека бил приморан од Палевски да ја напише.

- Бараме обвинетиот Љупчо Палевски да биде отстранет од судницата поради околности кои укажуваат дека обвинетиот Кешишев во негово присуство нема да ја зборува вистината, односно, како во текот на постапката, со доставувањето на изјава од страна на обвинетиот на 20.11.2024 година, а која потоа ја негираше на расправата на 25.11.2024 во која изјава од страна на обвинетиот Љупчо Палевски му била дадена да ја препише, потпише и достави како своја. Сметам дека со ова е извршено влијание врз давањето на исказ на обвинетиот Кешишев, па оттука сметам дека е оправдан стравот на одбраната да истиот нема да ја зборува вистината, рече адвокатот Ефремов.

Одбраната на Палевски се спротивстави на барањето, посочувајќи дека ваквото отстранување е непотребно и дека се изнесуваат невистини без соодветни докази.

- Нема потреба од вакви драми и сцени, истиот може да ја зборува вистината, доколку ја знае и е искрен да си ја каже, а на Љупчо Палевски, мислам дека спротивно би му било оневозможено да го следи неговиот исказ и да поставува прашања, едно е јас како бранител што ќе го следам неговиот исказ, а друго е Љупчо Палевски самиот да фаќа прибелешка и да поставува прашања на обвинетиот Влатко Кешишев, рече адвокатот Јовица Страшевски, бранител на Палевски.

Палевски дополни дека смета дека адвокатот Ефремов изнесува невистини.

-Сметам дека бранителот на обвинетиот Кешишев се служи со невистини, изнесува факти кои не постојат, заборави да приложи пишана изјава од мене која сум го терал Влатко Кешишев да ја потпише, ова е втор пат да изнесува лаги без притоа да приложи каков било доказ, дека јас сум давал писма, изјави да се препишат во име на обвинетиот Кешишев. Затоа го молам судот да бидам присутен затоа што на претходните испитувања не добив ниту еден укор од судот дека сум прекинувал или влијаел на исказите. Може и со грб да биде свртен, мене ми е важно да слушнам што ќе изјави обвинетиот Кешишев, рече Палевски.

Судот одлучи дека постојат околности кои го оправдуваат ова решение, особено со согласноста на обвинетиот Кешишев за предложеното отстранување.

- Судот донесе решение дека Палевски се оддалечува од судницата бидејќи постојат околности дека во негово присуство нема да ја зборува вистината, рече судијата Ивица Стефановски.

Откако Палевски беше отстранет од судницата, неговиот адвокат побара да биде прекината постапката и да се повика вешто лице да ја утврди здравствената состојба на Кешишев. Судот го одби овој предлог и судењето продолжи со сослушување на обвинетиот Кешишев.

На минатото рочиште беше сослушуван обвинетиот Боре Видевски кој ги негираше исказите дадени од Обвинителството посочувајќи дека нема никаква поврзаност со убиствата на Вања и Панче.

Претходно, беше сослушан и обвинетиот Велибор Манев кој во детали ги образложи грабнувањета на Вања и Панче, при што посочи дека координатор и извршител на убиствата бил обвинетиот Љупчо Палевски.

Според најавеното, по сослушувањето на Кешишев, треба да сведочат таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ЛДП анализа: Спротивно од премиерот, иселувањето ќе се интензивира во наредните години!

Македонија денес не се соочува со изолирани грешки, туку со невидена серија на скандали што го уништуваат секојдневието на граѓаните.

ЛДП анализа: Спротивно од премиерот, иселувањето ќе се интензивира во наредните години!

Додека премиерот шири розева пропаганда за наводен просперитет, суровата реалност и најновите PISA резултати покажуваат поразителна слика за Македонија: загрижувачка елементарна и функционална неписменост кај младите и целосен слом на образовниот систем. Оваа општествена хаварија директно се пресликува и во судството, каде што одлуките станаа целосно неразбирливи за обичниот човек. Во оваа држава, за ситен криминал се одговара експресно, додека за најголемите коруптивни процеси постапките немаат завршница или завршуваат со ослободителни пресуди за кои дури и не се објавуваат пишани образложенија, како што е случајот со „Талир 2“ и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. За да се види каде завршиле искрадените пари од џебот на граѓаните, не треба замислување или правни филозофии — доволно е само да се отворат очите во центарот на Скопје и да се погледнат онаа огромна камена палата со толку спратови и целиот плоштад пред неа.

Македонија денес не се соочува со изолирани грешки, туку со невидена серија на скандали што го уништуваат секојдневието на граѓаните. Власта новата учебна година ја започна со скандалозно преображение на наставните програми и слушање црковни писма наместо наука, додека прославата на независноста ја претвори во коруптивен спектакл со приватизација на државни функции. Генералната неказнивост гарантирана преку Кривичниот законик, законите заглавени со месеци, и трагичниот, животозагрозувачки недостиг на лекови на Онкологија се само потврда дека системот е целосно заглавен. По истиот овој коруптивен модел денес на сите им е јасно зошто бегаме од европските правила и зошто по истиот принцип паѓаат економијата, здравството и образованието.

Во вакви катастрофални околности, Либерално-демократската партија (ЛДП) констатира дека, спротивно од празниот оптимизам на премиерот, иселувањето од Македонија не само што нема да запре, туку драматично ќе се интензивира во наредните години како директна последица на ова лошо владеење. Кој нормален човек, млад професионалец или родител би останал да живее во земја каде што ги нема основните услови за здравје, правда и заштита на сопствените деца? Единствените кои со задоволство ќе останат во ваква заглавена држава се луѓето од партиската елита на ВМРО-ДПМНЕ, кои се и единствените кои ја градат сопствената иднина врз грбот на оние кои си заминуваат.

Со почит,

Либерално-демократска партија

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мобилниот тим „Task Force“ пронајде дрога во Љубаништа, лишено од слобода едно лице

При извршениот преглед кај лицето биле пронајдени повеќе пакувања со марихуана, како и една сина таблета.

Мобилниот тим „Task Force“ пронајде дрога во Љубаништа, лишено од слобода едно лице

Вчера (12.09.2026) во 22:20 часот, полициски службеници од мобилниот тим „Task Force“ при Регионалниот центар за гранични работи Запад-Охрид, во рамки на преземените мерки и активности во врска со недозволена трговија со дрога, кај Автокамп „Љубаништа“ извршиле контрола и преглед над А.Ш.(43) од Прилеп.

При извршениот преглед кај лицето биле пронајдени повеќе пакувања со марихуана, како и една сина таблета.

Лицето било лишено од слобода, а за настанот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид. По целосно документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Нови улици, училишта, спортски содржини и зголемена поддршка за семејствата, Илинден се развива со дела

За период од една година Општина Илинден со посветена работа и јасна визија продолжува да се сразвива и да создава подобри услови за живот на сите граѓани.

ВМРО-ДПМНЕ: Нови улици, училишта, спортски содржини и зголемена поддршка за семејствата, Илинден се развива со дела

Во изминатиот период во Општина Илинден се реализираа бројни проекти кои директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.

Општина Илинден продолжува со силни инвестиции во инфраструктурата. Реконструирани и изградени се повеќе локални улици и патишта во Илинден, Кадино, Мршевци Дељадровци и населбата Јака, а во тек се и нови инфраструктурни проекти.

Посебен фокус е ставен на иднината на децата. Започната е изградбата на новата училишна зграда во ООУ „Гоце Делчев“, со 10 училници и современи услови за настава. Во училиштата низ општината продолжуваат реконструкциите, опремувањето и создавањето подобри услови за учениците.

Грижата за семејствата останува еден од приоритетите. Еднократната финансиска поддршка за новороденчињата е зголемена на 6.000 денари, а од учебната 2026/2027 година е воведена и поддршка од 3.000 денари за секое прваче, покрај бесплатните ранци и прибор.

Се инвестира и во спортот. Се гради нова трибина на фудбалскиот стадион во Илинден со капацитет од околу 1.100 гледачи, додека спортската сала „Гоце Делчев“ се реновира по речиси две децении. Реконструирани се и спортски игралишта во Мралино и Марино.

Инвестициите во животната средина и комуналната инфраструктура продолжуваат. Изградени се повеќе километри канализациска мрежа во Кадино, започнат е голем проект за канализација во Миладиновци, продолжува проширувањето на водоводната мрежа, а во рамките на проектот „Зелена Општина Илинден“ засадени се над 1.000 нови садници.

Ова се само дел од проектите кои се реализирани.

Општина Илинден продолжува со уште посилно темпо, за современа инфраструктура, подобри услови за живот, повеќе можности за младите и сигурна иднина за секое семејство.

Илинден продолжува да се развива и да се менува на подобро.

ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер