Пациентите со ретката болест „Вилсон“ бараат поголема поддршка - Канал 5

Пациентите со ретката болест „Вилсон“ бараат поголема поддршка

Пациентите со ретката болест Вилсон  бараат да бидат повеќе видливи... 

Пациентите со ретката болест „Вилсон“ бараат поголема поддршка

Поради недостаток на навремена дијагностика пред десет години малиот Дамјан ја загубил битката со ретката болест Вилсон, а во негова чест деветта година по ред под слоганот „Подај рака“ се одбележува хуманитарен хепенинг за поддршка на лицата заболени од оваа ретка болест. Во Македонија во моментов регистрирани се околу 40 пациенти со Вилсон, кои редовно добиваат терапија а со тоа можат да имаат и нормален живот. Ања Босилкова Антовска е една од нив... вели тежок и трнлив е патот до точна дијагноза.

Вилсон е генетска болест која најчесто се манифестира во адолсценција. Првите симптоми се проблеми со говорот и голтањето, потешкотии во координацијата, тремор, неконтролирани движења, мускулна вкочанетост, промени во однесувањето.

Пациентите со ретката болест до сега во повеќе наврати бараа да бидат повеќе видливи во општеството, а лекарите навреме да ја дијагностицираат болеста. Настанот беше збогатен со детска трка, штафетна, и трка за миленици.

YouTube video

„Златен објектив“ за 2025 за доајенот Петар Богоевски

Наградата „Златен објектив“ за 2025 година денеска ќе му биде доделена на  светло-мајсторот Петар Богоевски (1952). 

„Златен објектив“ за 2025 за доајенот Петар Богоевски

Ова признание Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Со одлука на Управниот одбор на институцијата, годинешниот „Златен објектив“ ќе му биде доделен на Петар Богоевски, светло-мајстор, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани, придонел во визуелизацијата на режисерските замисли.

Петар Богоевски (1952) професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 година да се приклучи на екипата во „Вардар филм“ кадешто го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови. Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006)), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови.

Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.

„Златниот објектив“ традиционално се доделува на 29 април, бидејќи на тој датум во 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.

Прв протестен марш во Скопје на семејствата на настраданите во кочански „Пулс“

Во Скопје денеска ќе се одржи „Марш за ангелите“ што го организираат семејствата на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Прв протестен марш во Скопје на семејствата на настраданите во кочански „Пулс“

Организаторите најавуваат дека маршот ќе почне пред Oбвинителството во 12 часот и 5 минути, како симболика за, како што велат, задоцнетата реакција на институциите, ќе продолжи кон плоштадот „Македонија“ и ќе заврши пред Собранието.

- Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат, па пуштаат. Свесни ли се за и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со „фати, па пушти“, без да има јасно образложение за таа законска процедура, и што се создава во нашите мисли кои се на работ на себеуништување, се истакнува во пишаното известување од семејствата.

Во повикот тие нагласуваат дека и понатаму ќе бараат одговори за смртта на нивните деца, а за учество на маршот ги повикуваат сите граѓани на државата.

Од Обвинителството вчера упатија повик до семејствата на настраданите доколку сакаат подетално да се запознаат со сите аспекти од истражната постапка, во текот на денешниот ден да остварат средба со јавниот обвинител и со обвинителите кои постапуваат по предметите.

- Доколку кај блиските на жртвите постои таков интерес, тие можат да определат свои претставници (најмногу по еден член од семејство на секоја од жртвите) кои ќе остварат средба со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и обвинителите кои постапуваат во предметите, се наведува во информацијата од Обвинителството.

Семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ досега одржаа четири протестни марша во Кочани на кои ги повикаа институциите кои се одговорни за функционирање на системот во државата, да не ја одбегнуваат одговорноста.

Во пожарот на 16 март загинаа 62 лица, од кои првично 59, а уште тројца како последица на тешките повреди здобиени во несреќата. Повредени беа близу 200 лица од кои најголем дел по првично укажаната помош, беа препратени на лекување во странство. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер.

За трагедијата се води опсежна истрага во која се вклучени 13 обвинители и според надлежните, извршени се голем број претреси, сослушани сведоци и собрани над илјада материјални докази.

Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица меѓу кои поранешни министри за економија, актуелни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни директори на Пазарниот инспекторат полициски службеници, актуелни и поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување....

Родители од четири општини во Гевгелија ќе учествуваат на работилница за врсничкото насилство

 Во рамки на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ на „Макпетрол“ вечер во Народниот театар во Гевгелија ќе се одржи работилница за родители кои ќе разговараат за врсничкото насилство (булингот).

Родители од четири општини во Гевгелија ќе учествуваат на работилница за врсничкото насилство

Освен граѓани од Гевгелија, на оваа едукативна средба можност за учество ќе имаат и заинтересираните од Валандово, Дојран и од Ново Село.

Психологот Деспина Стојановска ќе зборува за врсничкото насилство од стручен аспект, додека настанот ќе го модерира актерот Сашко Коцев.

„Макпетрол“ досега организираше 13 работилници наменети за родители. За врсничкото насилство беше разговарано на средбите во општините Илинден, Бутел, Чучер-Сандево, Битола, Ѓорче Петров, Кавадарци (со Демир Капија), Крива Паланка. Покрај тоа, работилници се одржаа и во Штип, каде учествуваа граѓани и од Свети Николе, во Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Центар, Куманово, како и во Кочани, која беше наменета и за граѓаните од Виница и од Берово.

Главна цел на овие настани, како што се наведува, е да овозможат едукација за проблемот со булингот, додека родителите имаат прилика да разговараат со психологот, но и да ги споделат своите искуства по ова прашање. Учесници на овие работилници се и претставници на стручните служби на училиштата во општината, кои најдиректно работат со учениците во случаи на врсничко насилство.

Во првата фаза од општествено одговорната кампања „Макпетрол“ организираше работилници во повеќе од 150 основни училишта на кои учениците имаа можност од психологот да слушнат како да се справат со булингот, но и да споделат свои гледишта и искуства по ова прашање. Овие едукативни средби се одржаа во основните училишта од 26 општини со кои што компанијата потпиша меморандуми за соработка и кои директно се вклучија со поддршка на кампањата.

Интернет-страницата kreniglas.mk е централна платформа на кампањата на „Макпетрол“. Вебсајтот содржи едукативни материјали кои помагаат во препознавање и постапување во случаи на физичко, вербално, психичко, социјално и сајбер-насилство, кои се најчести форми на булинг. Со кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, компанијата придонесува да се подобри ситуацијата со булингот во земјава.

притисни ентер