Отворена изложба на фотографии од Македонија и од Израел на Скопско лето - Канал 5

Отворена изложба на фотографии од Македонија и од Израел на Скопско лето

Изложба на фотографии од авторите Кери Харт од Израел и Љупчо Благоевски од Македонија насловена „An Israeli eye on Macedonia, a Macedonian eye on Israel“ беше отворена синоќа на платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, во рамки на Скопско лето.

Отворена изложба на фотографии од Македонија и од Израел на Скопско лето
Постановката се организира во соработка со Амбасадата на Израел и Министерството за надворешни работи на Република Македонија по повод одбележување 20 години од дипломатските односи меѓу двете земји.

- Државата Израел е наш голем пријател и поддржувач, земја со која во изминатите 20 години градевме релации кои континуирано се унапредуваа на сите политички нивоа и во сите општествени сфери. На полето на културата во последните две децении беа реализирани бројни настани и проекти кои овозможија запознавање на нашите две култури и промоција на врвните културни вредности кои ги поседуваме како држави, рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во обраќањето на отворањето на изложбата.

Посочи дека е убедена дека сите програмски содржини кои се реализирале и кои ќе се случуваат до крајот на годината уште еднаш ќе го потврдат континуитетот на искреното пријателство и довербата кои се негуваат меѓу двете земји и ќе бидат значаен придонес во интензивирањето и продлабочувањето на врските помеѓу македонскиот и израелскиот народ.

Изложбата насловена како „Пријателски објективи“ на професионалните фотографи Љупчо Благоевски и Кери Харт, истакна министерката, претставува еден убав панорамски преглед на специфичноста на културите на нашите две држави видени преку очите на посетителот.

- Преку објективите на двајцата исклучително талентирани мајстори на фотографијата, регистрирани се најубавите културни и туристички предели на Република Македонија и Државата Израел, претставена е традицијата на двете држави која е симбиоза на многу аспекти преку кои се презентира посебноста и убавината на нашата различност, но и сличност како култури. Преку фотографиите кои се содржани во оваа изложба се претставени Охрид и Ерусалим, градовите кои имаат суштинската паралела и цивилизациска поврзаност како центри на религиската духовност, рече Канческа Милевска.

Според неа, изложбата на овие фотографии е навистина едно впечатливо патување низ вековната историја и сегашност на Македонија и Израел.

Неодамна, појасни Канческа Милевска, македонската културна јавност имаше можност да го проследи извонредниот настап на националниот танцов театар од Тел Авив со претставата „Ојсер“.

- Навистина радува фактот што по оваа исклучителна претстава и изложбата вечерва, во наредните денови македонската публика во рамките на реномираните фестивали со децениска традиција „Охридско лето“, „Скопско лето“ и „Битфест“, ќе има можност да проследи и други ексклузивни настани, гостување на двете најголеми национални театарски куќи од Израел, театрите „Хабима“ и „Камери“ од Тел Авив кои ќе ја изведат претставата „Нашиот клас“ која го обработува Холокаустот како трајна врска меѓу македонскиот и израелскиот народ, рече Канческа Милевска.

Таа истакна дека до крајот на годината следат и уште две исклучително значајни претставувања на македонските културни вредности во Државата Израел кои се дел од оваа комплексна програма. Кон крајот на септември, потенцира министерката, Народниот театар од Битола со претставата „Среќен крај“, ќе учествува на реномираниот фестивал за алтернативен театар „Акко“, а големиот јубилеј помеѓу двете земји ќе биде одбележан и со концерт на еден од најистакнатите македонски камерни ансамбли, Скопскиот дувачки квинтет.

- Република Македонија и во иднина останува силно посветена на негувањето и унапредувањето на традиционалното пријателство со народот на Државата Израел, остануваме посветени на грижата и промоцијата на нашите вредности кои се дел од светското културно наследство, додаде министерката Канческа Милевска.

На отворањето на изложбата присуствуваа амбасадорот на Државата Израел во Република Македонија, Дан Ориан, градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, заменик-министерот за надворешни работи Драгана Кипријановска и директорот на Дирекцијата за култура и уметност, Мирко Стефановски. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Руте: Русија месечно губи повеќе војници, отколку САД за време на целиот Виетнам (ВИДЕО)

Русија губи повеќе од 40.000 војници во Украина секој месец, вклучувајќи мртви и тешко ранети, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. 

Руте: Русија месечно губи повеќе војници, отколку САД за време на целиот Виетнам (ВИДЕО)

Тој истакна дека оваа бројка е споредлива со вкупните американски загуби во текот на 14-те години од војната во Виетнам. Руте го изјави ова во говорот на форумот „Атлантска иднина“ што се одржа вчера, пренесува Украинска правда.

Споредба со Виетнам

Руте објасни дека рускиот претседател Владимир Путин не успева да ги постигне своите цели на бојното поле, наведувајќи ги огромните човечки загуби што Русија ги претрпува во последните месеци како причина.

„Соединетите Американски Држави изгубија 56.000 луѓе во Виетнам за 14 години. Тука, Русија има 40.000 мртви или тешко ранети само за еден месец. Првите податоци за октомври покажуваат дека овој број би можел да надмине 50.000. Педесет илјади за само еден месец“, рече Руте.

Напади врз цивили и хибридна војна

Генералниот секретар на НАТО смета дека Путин, откако не успеа на фронтот, се свртел кон напади врз цивили за да ја скрши волјата на Украина за борба. Тој рече дека Русија ги таргетира украинските градови со ракети и беспилотни летала и се обидува да уништи клучна инфраструктура пред зимата.

„Русија, исто така, ја интензивираше својата кампања на непријателски активности низ Европа. Путин се обидува да нè подели, да ги дестабилизира нашите општества и да ја наруши нашата поддршка за Украина преку палежи, инциденти со беспилотни летала, кибернапади и други злонамерни дејствија. Но, да бидеме јасни - тој не успева. Ние одговараме на секој руски хибриден напад врз нашите земји со испраќање уште поголема помош на Украина“, рече тој.

Проценки за вкупните загуби

Алијансата претходно процени дека Русија имала повеќе од 50.000 жртви само во септември, од кои 28.000 биле убиени, што е значително повеќе од загубите на украинските вооружени сили. Според проценка објавена ова лето, НАТО верува дека Русија изгубила повеќе од 1,4 милиони војници од почетокот на инвазијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ѓорѓиевски: Есенско разубавување на нашето Скопје!

И во есенските денови, Скопје го облекуваме во бои што внесуваат свежина и топлина во нашето секојдневие.

Ѓорѓиевски: Есенско разубавување на нашето Скопје!

Денеска, вредните вработени во ЈП „Паркови и зеленило“ засадија есенски цветен расад во цветните леи во Градскиот парк, Парк Македонија, долж булеварите „Партизански одреди“, „Јане Сандански“ и „Александар Македонски“, како и во Реонскиот центар.

Нов цветен изглед добија и фигурите „Штрк“ во општина Аеродром и „Торта“ во општина Чаир, кои ги освеживме и украсивме со сезонско цвеќе, миозотис и хризантема.

Благодарност до сите вредни раце што секојдневно се грижат нашите паркови и јавни површини да бидат поубави и попријатни за секој скопјанец.

Да го чуваме она што го разубавуваме, објави на ФБ градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска Давкова: Со 50 шефови на европски држави и влади, учествував на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин

Денеска, заедно со 50 шефови на европски држави и влади, учествував на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин, чија централна тема е „Европа: силна, безбедна и поврзана“.

Сиљановска Давкова: Со 50 шефови на европски држави и влади, учествував на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин

На панел-дискусијата „Градење на компетитивна Европа – иновација, поврзаност и достапна енергија“, говорев за поврзаноста меѓу европската конкурентност, иновациите, енергетската безбедност и интеграцијата на Западниот Балкан.

Европа ја црпи својата сила од способноста различноста да ја претвори во соработка, а соработката во заедничко дејствување.

Конкурентноста денес не може да се сведе само на капиталот, големината на пазарите или цената на работната сила, туку сè повеќе зависи од капацитетот да се поврзат знаењето, технологијата, инфраструктурата, енергијата и луѓето и тие врски да се претворат во иновации, продуктивност и одржлив раст.

Западен Балкан не е надвор од Европа, туку е дел од нејзината историја, инфраструктура и безбедносна архитектура, при што Европа и Западниот Балкан ги опишав како „систем на поврзани садови“, во којшто случувањата во еден дел неизбежно влијаат врз другиот.

Прашањето не е само како Западниот Балкан подобро да се поврзе со Европа, туку дали Европа може да си дозволи да остане недоволно поврзана со регион што се наоѓа на пресекот на нејзините стратешки правци, енергетски коридори, пазари и човечки потенцијал, објави на ФБ претседателката Гордана Сиљановска- Давкова.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер