Отворен патот за старт на преговорите со ЕУ, законот за ЈО не е услов

Патот за старт на преговорите на земјава за членство во Европската Унија полека се отвора. 

Германскиот Бундестаг и одобри на Владата да се заложи за отворање пристапни преговори, а позитивни сигнали доаѓаат од Франција, по изјавата на францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние кој изрази очекување за зелено светло и од претседателот Емануаел Макрон. Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вели дека е добро што донесувањето на законот за јавно обвинителство, на што се работи, не е поставено како услов, туку што и за власта и за Европската Комисија не е најважно самото носење на законот, туку обезбедување услови за функционална правна држава.

Пратениците во германскиот Бундестаг со големо мнозинство и одобрија на Владата да се заложи за отворање пристапни преговори со Република Македонија. За предлогот гласаа и власта и дел од опозицијата. Во делот за земјава владејачката коалиција бара да се гарантира дека реформскиот курс и заокружувањето на потребните реформи ќе бидат одржани и се додава дека мора да се преземат дополнителни напори за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал и засилување на институциите за заштита и подобрување на човековите права.

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас ја поздрави одлуката на Бундестагот да даде зелено светло за старт на преговорите за членство на Македонија и на Албанија во ЕУ, и оцени дека поддршката е важен сигнал кој го подвлекува значењето кое Западниот Балкан го има за ЕУ и оти реформите се ценат.

Гласањето го поздрави и комесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија, Јоханес Хан.

– Го поздравувам денешното гласање на германскиот Бундестаг за почнување на преговорите за пристап на Северна Македонија и Албанија во октомври. Признавањето на конкретниот напредок е клучно како поттик за реформи во Западен Балкан и за кредибилитетот на ЕУ!, напиша еврокомесарот Хан на Твитер.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар смета дека одлуката што ќе биде донесена во октомври зависи како ќе бидат решени некои кризи и ситуации во регионот.

-Има некои ситуации во регионот, вклучувајќи ја и таа меѓу Косово и Србија. Мислам дека одлуката во октомври во иднина ќе влијае и на тие проблеми. Сакам да кажам дека регионот е поврзан, никој не е целосно независен. Успехот на една држава има влијание врз успехот на друга држава и обратно, изјави тој во интервју за ТВ Алфа. Во однос на СЈО, Жбогар посочи дека неговата работа и случаи мора да продолжи преку регуларните обвинителства.

Поддршка и зелено светло за почеток на пристапни преговори и од претседателот на Франција Емануел Макрон очекува францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние.

– Ние го очекуваме зеленото светло од нашиот претседател на Републиката. Како и секогаш, ние многу споделуваме со нашите германски партнери за оваа тема. Имаме добар став кон вашата земја и кон сите напори што таа ги направи на регионален план. Ние, Французите и Германците многу добро знаеме дека треба уште многу, многу работа за реформите што се на хартија да станат реформи во реалност. Ќе направиме еден убав коктел меѓу реалноста и она што значи добар прием. Реалноста која треба да се поправи и дополни и секако она што ние го очекуваме, а тоа е добар прием од наша страна, изјави Тимоние.

Државниот врв преку социјалните мрежи ја поздрави одлуката на германскиот Буднестаг кој гласаше за отворање на преговорите на нашата држава со Европската Унија.

Претседателот на државата Стево Пендаровски на својот Твитер профил се заблагодари за поддршката од Бундестагот. – Danke Deutschland. Со големо мнозинство гласови „за" пратениците во германскиот Бундестаг дадоа зелено светло за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, напиша Пендаровски на Твитер.

Премиерот Зоран Заев, кој е во Њујорк на 74. Генерално собрание на Обединетите нации, на својот Фејсбук профил заблагодарувајќи му се на Бундестагот оцени дека ова е голем поттик да продолжиме да работиме уште повеќе.

– Вечерва добивме прекрасна вест од Берлин. Бундестагот со огромно мнозинство даде поддршка за ЕУ да ги започне преговорите за членство со Македонија. Конечната одлука ја очекуваме во октомври, што ќе значи признание за граѓаните и институциите и за сите наши одлуки, напори и успеси. Ова е голем поттик, продолжуваме да работиме уште повеќе. Благодариме на сите пратеници во германскиот Бундестаг и на владиниот тим на канцеларката Ангела Меркел, напиша Заев на Фејсбук.

Вицепремиерката Шекеринска за МИА вели дека се прави сѐ за да биде донесен законот за јавното обвинителство, но дека она што е најважно и за власта и за Европската Комисија не е самото носење на законот, туку обезбедување услови за функционална правна држава.

-Самата Европска Комисија инсистираше на многу мудар „речник". Тие никогаш не се фокусираа на законот, туку се фокусираа на резултатите. А резултатите значеа дека мора да завршат не само истрагите и судските предмети, туку мора да се обезбеди да има одговорност за сите кривични дела коишто биле направени. И затоа фокусот беше делата, предметите, судските постапки, а не само проформа законот. Европската Комисија долго време ни ја праќа пораката немојте да мислите дека нам ни е целта само нов закон, изјави министерката за одбрана која учествуваше на Форумот за поврзаност на Европската Комисија.

Шекеринска уверува дека преговорите за законот со опозицијата ќе продолжи и таа изрази надеж дека опозициската партија ќе престане да биде „заложник на криминалот и корупцијата од минатото". /МИА

Берлин бесплатно ја нуди вилата на нацистичкиот министер Гебелс

Властите на Берлин бесплатно нудат вила, некогаш во сопственост на министерот за пропаганда на Хитлер, Џозеф Гебелс.

Тие се надеваат дека ова ќе стави крај на децениската дебата за тоа дали зградата треба да се пренамени или срамни со булдожери и да им се даде пространото место на селата северно од германската престолнина.

„Ние нудиме секој што сака да го преземе седиштето да го земе како подарок од покраината Берлин“, изјави вчера во државниот парламент берлинскиот министер за финансии Стефан Еверс. Берлин постојано се обидуваше да им го отстапи местото на федералните власти или на покраината Бранденбург, каде што се наоѓа вилата, наместо да продолжи да плаќа за одржување на комплексот, кој стана обраснат и занемарен.

Еверс не прецизира дали приватни лица ќе можат да ја преземат вилата. „Ако повторно не успееме, како во изминатите децении, тогаш Берлин нема друга опција освен да го изврши уривањето за кое веќе се подготвивме“, посочи тој.

Гебелс, еден од најблиските сојузници на Хитлер, ја изградил луксузната вила во 1939 година на шумско место со поглед на езерото Богензе во близина на градот Вандлиц, околу 40 километри северно од Берлин.

Шефот на пропагандата живеел во Берлин со сопругата и шесте деца, а вилата ја користел за забави на нацистичките лидери, уметници и актери, но наводно и како љубовно гнездо за тајни афери, пишува Асошиетед прес. По војната, локацијата накратко била користена како болница, а потоа преземена од младинското крило на Источногерманската Комунистичка партија.

По обединувањето на Германија во 1990 година, сопственоста на локацијата е вратена на сојузната држава Берлин. Оттогаш, местото стана атракција за патниците. Гебелс се вратил во Берлин во последната фаза од Втората светска војна. Тој и неговата сопруга се убиле себеси и нивните деца со капсули со цијанид во бункерот на Хитлер додека советските трупи се приближувале.

Орбан со чудна порака по повод 20 години во ЕУ: Ние сме на граница меѓу војна и мир

По повод 20-годишнината од влезот на неговата земја во Европската унија, унгарскиот премиер Виктор Орбан даде интервју во кое донекаде ги нападна креаторите на актуелната политика во Брисел.

Како што пренесува порталот „Унгарија денес“, Орбан дал интервју за Радио Кошут и емисијата „Добро утро, Унгарија“.

„Кога Унгарија стана членка на Европската унија пред 20 години, не очекуваше дека ќе има некои радикални промени во овој блок“, започна премиерот и продолжи:

„Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност тврди дека војната од големи размери не е фантазија, додека Полска веќе наведува дека војната нема дипломатско решение. Европа си игра со оган, ние сме на граница меѓу мирот и војната“.

Унгарија со големо мнозинство го поддржа пристапувањето во ЕУ во 2003 година, а пристапните преговори беа финализирани на 1 мај следната година. Во тоа време Орбан беше голем противник за влез на Унгарија во Унијата. Сега премиерот тврди дека повеќе не е во национален интерес на земјата да биде дел од Европската унија.

„Кога се приклучивме, не очекувавме дека ќе бидеме принудени да примаме мигранти од други делови на светот или дека ќе ни вршат притисок затоа што ги заштитивме семејните вредности и дека бракот е дефиниран како врска меѓу маж и жена. Не очекувавме дека европските лидери ќе го водат континентот кон војна наместо кон мир“, рече Орбан.

Тој ги повика Европејците да гласаат на претстојните избори за Европскиот парламент за партиите кои поддржуваат мирно решение на војната во Украина, вклучувајќи ја и владејачката партија Фидес.

„Ако значителен број членови на Европскиот парламент се за мир, тогаш можеме да ја вратиме Европа од работ на бездната“, смета тој.

Пред да влезе во ЕУ, Унгарија стана членка на НАТО во 1999 година. Во март оваа година, американскиот амбасадор во Будимпешта го обвини Орбан дека ја поткопува поддршката на Алијансата за Украина и дека е на страната на Русија.

Сите се воодушевени од новиот имиџ на Ријана: Како некој може да биде толку убав? (ВИДЕО)

Новите фотографии од Ријана го обиколија светот.

Пејачката блесна на промоцијата на новите производи на нејзиниот бренд Fenty Beauty во Лос Анџелес. Таа носеше фустан во кремова боја, а најмногу внимание привлече нејзината коса која сега е во боја на мед. Фановите се во транс.

„Таа е најубавата жена“, „Со такво лице може да владее со светот“, „Не старее“, „Оваа Ријана да се прогласи за најубава жена што живеела на планетата“, „Дива“, Таа е нереална“, „Како може некој да биде толку убав?“, „Оваа боја одлично ѝ стои“, се само дел од коментарите на Твитер.

притисни ентер