Отворањето на Мајските оперски вечери со премиера на „Евгениј Онегин“ - Канал 5

Отворањето на Мајските оперски вечери со премиера на „Евгениј Онегин“

Со премиера на операта „Евгениј Онегин“ според поемата на Александар С. Пушкин, музика на Петар Илич Чајковски и во режија на Дејан Пројковски, на 9 мај во Македонската опера и балет ќе бидат отворени 44. Мајски оперски вечери.

Отворањето на Мајските оперски вечери со премиера на „Евгениј Онегин“
На програмата на годинашниот фестивал се 15 настани, од кои десет за возрасна публика, а пет се во придружната едукативна програма Мали мајски оперски вечери.

Како што соопшти директорот на Операта Сони Петровски денеска на прес-конференција, во 10-те претстави за возрасни се пет опери во шест изведби (зашто премиерата на „Евгениј Онегин“ ќе има и реприза на 11 мај): „Риголето“ на 17 мај (со гости од Италија, Мексико, Косово и Бугарија), „Хофманови приказни“ на 24 мај (со гости од Полска, Австрија, Уругвај и Чешка), „Турандот“ на 26 мај (со гости од Италија, Австрија и Украина) и Вердиевата „Аида“ (со гости од Хрватска, Италија, Казахстан и Јапонија) - со која традиционално на 31 мај се затвораат Мајските оперски вечери. Годинава во насловната улога ќе настапи сопранистката Весна Ѓиновска-Илкова.

Годинава наместо една, ќе има две балетски претстави: „Лебедово езеро“ на 13 мај и современиот балет „Заспаните убавици“ на 20 мај. На програмата се и два концерта - хорот од Белград „Вива вокс“ (на 14 мај), кој има гостувано на „Охридско лето“, а првпат доаѓа во Скопје, и гала-концерт под диригентство на Мориц Гнан од Германија, со солисти од Хрватска, Русија и САД.

Малите мајски оперски вечери, наменети за најмладите, ќе се одржуваат од 15-ти до 29 мај, со пет претстави: премиера на операта за деца „Црвенкапа“, детските балети „„Доктор Офболи“ и „Петар Пан“ и концертите на детскиот хор „Отрада“ од Русија и на детскиот хор на МОБ „Фалсето“ кој по неодамнешното формирање првпат јавно ќе настапи на овој фестивал.

Операта „Евгениј Онегин“, со која во понеделник ќе бидат отворени Мајските оперски вечери, на сцената на МОБ ќе биде изведена по пауза од 34 години.

Режисерот Дејан Пројковски на прес-конференцијата истакна дека „Евгениј Онегин“ е голем сон за секој режисер и опера за која, како што рече, се потребни лудост и храброст, како за секое големо дело, и преиспитување на авторската зрелост.

- Направивме оперска претстава која како главен лајтмотив ја има фаталноста. Работејќи на операта во овие месец и половина, се занимаваме со љубовта и страдањето на Онегин, Татјана, Олга и Ленски, обидувајќи се да ги пронајдеме клучните зборови кои ќе не водат: солзи, страв, каење, колнењето на вечната љубов и на крајот сите тие гребаници и бесконечни траги кои остануваат на срцата на сите нив. Направивме, би рекол, една жестока оперска претстава благодарение на сите солисти во претставата, рече Пројковски.

Посочи дека песната „Умилкување“ на Петре М. Андреевски е режисерски патоказ и кратко објаснување за тоа што е за него оваа претстава. - Оваа песна на Андреевски зборува точно за фаталноста на љубовта и за подготвеноста да се направи се во име на таа љубов, додаде Пројковски.

Насловната улога ќе ја игра младиот баритон Иван Наумовски кој истакна дека се обидел да најде сосема свој Онегин, автентичен и различен од она што го гледал на сцена или филм. Се заблагодари што му е дадена шанса од МОБ на 25 години да го игра овој лик и тоа за отворање значајна манифестација како што се Мајските оперски вечери.

Во улогата на Татјана ќе настапи Тамара Калинкина од Украина, ликот на Олга ќе го игра Николина Јаневска, а Ленски ќе го толкува хрватскиот оперски пејач од ХНК во Осиек, Домагој Доротиќ.

Диригент на претставата ќе биде Саша Николовски-Ѓумар (и Иван Еминовиќ на репризата), кореограф е Олга Панго, сценограф Валентин Светозарев и костимограф Марија Пупучевска. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мицкоски на промоција на третата фаза од ревитализацијата на хидроелектраните на АД ЕСМ

Претседателот на владата Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на промоцијата на капиталниот проект на АД ЕСМ „Ревитализација на хидроелектраните – фаза 3“.

Мицкоски на промоција на третата фаза од ревитализацијата на хидроелектраните на АД ЕСМ

Претседателот на владата Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на промоцијата на капиталниот проект на АД ЕСМ „Ревитализација на хидроелектраните – фаза 3“, со кој официјално ќе биде означен почетокот на реализацијата на новата фаза од модернизацијата на хидроенергетските капацитети во државата.

Настанот ќе се одржи во Музејот на Град Скопје, каде АД ЕСМ ќе ја претстави третата фаза од проектот за ревитализација на хидроелектраните. Во рамки на настанот ќе биде отворена и изложбата „моќта на водата ја преточуваме во енергија“, посветена на развојот на хидроенергетиката и значењето на обновливите извори на енергија.

Проектот „Ревитализација на хидроелектраните – фаза 3“ е кофинансиран од Европската унија, Германската развојна банка и владата на Германија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонија по реакција во Љубљана: Седлоски најави промени

Најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија,  денеска ја очекува вториот натпревар во Лигата на нации, против Словенија на стадионот „Стожице“ во Љубљана. 

Македонија по реакција во Љубљана: Седлоски најави промени

По поразот од Швајцарија во Скопје, селекторот Гоце Седлоски најави промени во составот и реакција од своите фудбалери.

„Добро го анализиравме натпреварот со Швајцарија и знаеме каде треба да ги поправиме грешките. Играчите се подготвени и очекувам од сите максимален ангажман. Словенија е квалитетна репрезентација, настапуваше на последното Европско првенство и заслужува максимален респект. Ќе има освежување во составот, во повеќе линии“, изјави Седлоски.

Селекторот посочи дека верува во играчите со кои располага и дека атмосферата во репрезентативниот табор е на високо ниво.

„Имаме одличен ростер, комбинација од млади и искусни фудбалери. Атмосферата е добра и сите сме мотивирани да одиграме подобро. Јас сум одговорен за изборот на играчите, но од нив очекувам да покажат поголем квалитет и карактер на теренот. Словенија не смее да биде потценета и мора да бидеме максимално подготвени.“

Капитенот Столе Димитриевски, пак, истакна дека репрезентативците разговарале за пропустите од првиот натпревар и дека сега фокусот е целосно насочен кон Словенија.

„Знаеме дека не одигравме на посакуваното ниво против Швајцарија. Разговаравме меѓу себе и сега мора да покажеме реакција. Имаме малку време меѓу натпреварите, но мора да се подготвиме, да се поддржиме и максимално да одговориме на задачата. Овој дрес и Македонија заслужуваат да дадеме се од себе“, порача Димитриевски.

Голманот на Македонија го очекува и новиот дуел со Јан Облак, со кого со години се среќава во шпанската Ла Лига.

„Со Облак имаме натпревари повеќе од десет години и добро знам за каков голман станува збор. Тој е еден од најдобрите. Јас се надевам дека ќе ја завршам мојата работа, ќе ја сочувам мрежата и дека заедно ќе одиграме добар натпревар. Ни требаат неколку квалитетни меча за да ја подигнеме самодовербата“, додаде Димитриевски.

Натпреварот Словенија – Македонија се игра од 20:45 часот на „Стожице“ во Љубљана.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Светскиот ден на срцето, Институтот за јавно здравје организира теренска превентивна активност

Светскиот ден на срцето се одбележува денеска под слоганот „Болеста на срцето може да биде незабележлива: Фати го ритамот на срцето! Не пропуштај ниту едно отчукување!“.

Светскиот ден на срцето, Институтот за јавно здравје организира теренска превентивна активност

Фокусот е на препознавањето на скриените симптоми, едукацијата на населението и активностите насочени кон носителите на одлуки со цел да се обезбеди универзален пристап до кардиолошка нега и превентивни скрининзи.

Светскиот ден на срцето е воспоставен во 2000 година со цел јавноста ширум светот да се информира за значењето и мерките за превенција од болестите на срцето и крвните садови.

Според најновите податоци на Светската федерација за срце и Светската здравствена организација, болестите на срцето и крвните садови претставуваат водечка глобална причина за смртност, со околу 20,5 милиони смртни случаи секоја година.

Се проценува дека денес повеќе од 620 милиони луѓе живеат со некаков кардиоваскуларен проблем, при што најчести се акутниот инфаркт на миокардот и мозочниот удар.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер