Откриена е причината за смртта на позната турска актерка - Канал 5

Откриена е причината за смртта на позната турска актерка

Турската актерка Еџе Иртем, позната по улогата на Ишил во ТВ серијата „Кизилџик Шербети“, почина минатиот месец на 35-годишна возраст, а конечниот извештај од обдукцијата ја откри вистинската причина за нејзината смрт, објавува „Туркиш Минут“.

Откриена е причината за смртта на позната турска актерка

Според извештајот на Турскиот институт за судска медицина, актерката починала од труење со алкохол, односно интоксикација со етил алкохол.

Во извештајот се наведува дека во нејзиното тело се пронајдени и одредени лековити супстанции за кои е познато дека ги засилуваат ефектите на алкохолот врз централниот нервен систем.

Еџе Иртем почина на 15 јуни во нејзиниот дом во Истанбул, каде што во тоа време била со нејзината мајка.

Нејзиниот адвокат тогаш објави дека првичните наоди укажуваат на можен срцев удар, но дека конечната причина за смртта ќе биде позната дури по обдукцијата.

По нејзината смрт, на социјалните мрежи се појавија бројни непотврдени тврдења и шпекулации, вклучувајќи гласини дека смртта е поврзана со каснување од мајмун за време на патувањето во Тајланд, сепса или комбинација од антидепресиви и алкохол.

Сепак, претходниот извештај од обдукцијата покажа дека на нејзиното тело немало знаци на насилство или повреди.

Конечниот извештај сега даде официјално објаснување за смртта на актерката која ја освои публиката со улогите во сериите „Јени Гелин“, „Беј Јанлиш“, „Махкум“, „Јасак Елма“ и „Сандик Кокусу“, како и филмовите „Зенго“ и трилерот на Нетфликс „10 дена на љубопитен човек“.

Еџе Иртем е родена на 14 јуни 1991 година во Сивас. Дипломирала на Одделот за опера и соло пеење на Универзитетот Јашар во Измир, а потоа го завршила своето актерско образование во Културниот центар во Истанбул.

Актерката е погребана во населбата Кушадаси во покраината Ајдин, во присуство на семејството, пријателите и колегите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Недела на јапонски филм во Кинотеката – шест филмски приказни со бесплатен влез

Од 4 до 10 ноември 2026 година, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи Недела на јапонски филм.

Недела на јапонски филм во Кинотеката – шест филмски приказни со бесплатен влез

Публиката ќе има можност да проследи шест остварувања што ја претставуваат разновидноста на јапонската кинематографија – од семејни драми и трилер до анимација и историска приказна. Сите проекции започнуваат во 19:00 часот, а влезот е бесплатен.

Програмата ќе биде отворена во среда, на 4 ноември, со „Чекор“ на режисерот Кен Иизука, емотивна приказна за татко кој, по ненадејната смрт на сопругата, сам ја одгледува својата ќерка. Низ нивното секојдневие, филмот зборува за родителството, загубата и силата на семејната блискост.

На 5 ноември ќе биде прикажан „Маскирано одделение“ на Хисаши Кимура, напнат трилер за лекар кој се соочува со опасен натрапник и со тајните на болницата. На 6 ноември следува „Речиси чудо“ на Јуја Ишии, приказна за младоста, добрината и првите љубовни чувства.

На 7 ноември на програмата е „Деца на морето“ на Ајуму Ватанабе, визуелно впечатлива анимирана авантура што ја истражува поврзаноста на човекот со морето и природата.

Циклусот продолжува на 9 ноември со „Банана? Во ова време од ноќта?“ на Тецу Маеда. Инспириран од вистинска приказна, филмот ја следи решеноста на човек со мускулна дистрофија да живее самостојно и неговите односи со волонтерите кои му помагаат во секојдневието.

Неделата на јапонски филм во Скопје ќе заврши на 10 ноември со „Иване: Меч на спокојот“ на Кацухиде Мотоки, историска драма за самурај кој се обидува да започне нов живот, но се вплеткува во опасен заговор во периодот Едо.

Преку различни жанрови и авторски пристапи, програмата отвора простор за запознавање со јапонската култура и со приказни за семејството, љубовта, солидарноста и личната слобода.

На 11 ноември програмата ќе продолжи во Центарот за култура во Битола, со проекции на „Деца на морето“ и „Чекор“.

Сите проекции во Кинотеката се во 19:00 часот. Влезот е бесплатен, без резервации.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Видео: Шоуто на Дончиќ на теренот и на прес-конференцијата

Еден од најдобрите свтески кошаркари, Словенецот, Лука Дончиќ продолжи со своите спектакуларни настапи на почетокот од НБА сезоната. 

Видео: Шоуто на Дончиќ на теренот и на прес-конференцијата

Словенечкиот кошаркар со 42 поена, 13 асистенции и седум скока, ги предводеше Лејкерси до убедлива победа од 138–117 над Мајами Хит.

Лука погоди шест тројки, што беше негов петти натпревар по ред со најмалку 37 постигнати поени. Ова беше четврти натпревар на Дончиќ со најмалку 40 поени во неговите последни пет настапи.

Во тој период, тој имаше просек од неверојатни 43,4 поени, 8,6 скока и 9,2 асистенции.

Само претходната вечер, против Торонто Репторс, тој постигна 45 поени и оствари 15 скока. Со оваа победа, Лејкерс стигнаа до учинок од 6 победи и 2 порази. Покрај Дончиќ, се истакна и Остин Ривс со 27 поени, како и Вокер Кеслер, кој забележа „дабл-дабл“ учинок со 15 поени и 15 скока.

Словенечкиот кошаркар имаше одличен почеток на натпреварот, што полека но сигурно станува традиција. Само до крајот на првата четвртина, Дончиќ забележа 16 поени, пет асистенции и четири скока, а до полувремето стигна до 24 поени.

Во првите четири и пол минути од второто полувреме, тој додаде уште девет поени, помагајќи им на Лејкерси да ја зголемат предноста на 93–74. Потоа, Мајами не успеа сериозно да се врати во натпреварот.

Дончиќ, кој минатата сезона ја заврши како најдобар стрелец во НБА, оваа сезона е особено доминантен во првите четвртини, со просек од 15 поени.

YouTube video

Исто така, вреди да се напомене дека Дончиќ приреди вистинско шоу не само на теренот, туку и за време на прес-конференцијата по натпреварот. Тој им кажа на новинарите дека е подготвен да одговори на уште прашања, но откако го доби првото, со насмевка стана од столот и си замина.

Прашањето гласеше: „Зошто доби техничка грешка?“ Техничките грешки се чест проблем за Дончиќ; тој често ги добива поради своите реакции или расправии со судиите. Минатата сезона собра 16 такви грешки – само една помалку од Дилон Брукс, кој беше прв во лигата во таа категорија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Во тек е полициска акција во Скопје и Штип поради злоупотреба на службената положба и овластување

Според информациите од МВР на неколлку локации во Скопје и Штип во тек е акција на полицијата за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ .

Во тек е полициска акција во Скопје и Штип поради злоупотреба на службената положба и овластување

Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР, по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од страна на Р.Т. раководител на информатички сектор при Универзитетот Гоце Делчев во Штип. По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер