Наместо за законот, пратениците дискутираа субвенционираниот студентски оброк, а претседателката на комисијата Лилјана Кузмановска ја прекина седницата без да најави продолжување, по што наиде на револт од страна на пратениците, според кои таа го прекршила деловникот на Собранието.
Па така, наместо од комисиските клупи – расправата за отписот на камати и репрограмирање на долговите на јавните претпријатија се пресели во прес центарот на Собранието.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека власта брза да го донесе законот за отпис на камати пред изборите. Според нив, владејачката партија сака да им ги прости долговите на градоначалниците и јавните претпријатија на штета на граѓаните.
Од СДСМ пак возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ со поднесени 3 100 амандмани го блокира носењето на законот за јавните претпријатија.
На комисијата требаше да се дискутира за двата предлог закони за отпис на камати, кои се носат по скратена постапка – едниот за јавните претпријатија и оној за физичките лица. За сега нема најави кога ќе продолжи седницата.
Со законот ќе им се простат каматите од долговите на граѓаните кои ги имаат кон јавните претпријатија заклучно со 31 декември 2017тата, а истото ќе важи и за долговите на јавните претпријатија кои ги имаат кон локалната самоуправа.