Директорката Гиновска вели дека секоја анализа кој е пристигната до нив е предадена на обвинителството, но сепак фактичката состојба ќе се утврдува преку независни стручни лица кои ќе извршат соодветно вештачење кое треба да покаже дали има или нема еколошка катастрофа. Задолжените експерти треба во рок од 15 дена да го достават својот извешај од истражувањето.
-Дали има еколошка катастрофа и во колкави размери е, не се докажува со еден примерок, земен од вода од Крива Река, значи треба да се земат повеќе сегменти во прашање и откако ќе ја имаме финалната верзија и целата слика ставена, кога ќе го добиеме вештачењето, јавноста да биде сигурна дека неам да прикриеме никого. Доколку се покаже дека има оштетување на животната средина од страна на независни стручни лица кои ќе го изготват тој извештај од страна на инспекторатот ќе биде поднесена соодветна пријава до правниот субјект,- - Ивана Гиновска – Директор на ДИЖС.
По вчерашните на „Булмак 2016“ , фирмата која стопанисува со рудникот Тораница, денеска со свои резултати излезе и градоначалникот на Крива Паланка – Сашко Митовски. Тој сподели анализа од Институтот за јавно здравје преку која укажува дека опасните материи во водата се над граничните вредности, што водата како што рече, ја прави отровна и неупотреблива.
-Водата во Крива Река е сериозно загадена и спаѓа во најлошата категорија на загадени води, неупотреблива за било која намена. Според А-интегрираната дозвола, во рудникот се користат токму Кадмиум, Цинк, Олово, Цијанид и останати соединенија кои што се наоѓаат во Крива Река веднаш по хаваријата и тоа многу јасно и децидно се гледа во двете анализи кои ги имаат како релевантен доказ. Потполно нејасно, како тврдењата на Булмак 2016 дека загадувањето не од истекувањето и од причината од хаваријата токму од цевката, настаната во рудникот Тораница,- -Сашко Митовски – Градоначалник на Крива Паланка.
Одблиску состојбата ја следи и јавното обвинителство кое веќе дава насоки преку кои треба да се утврди дали има евентуална кривична одговорност.
-Кривичната пријава се уште не е доставена до ОЈО Куманово. Безразлика на тоа оформен е предмет, ОЈО веќе постапува. Повикани се инспекторите кои истражувале на терен на разговор, а тие по состанокот доставија и извештај. Надлежен јавен обвинител предложи да се преземат дејствија за соодветни вештачења со цел испитување на сите околности во предметот и евентуално утврдување на кривична одговорност,- -ОЈО – Скопје.
Од компанијата „Булмак 2016“ пак, вчера посочија дека според анализите кои ги направиле нема никакво загадување на реката. Велат пукнала цевка која е со техничка вода и истата не се користи во производствен процес каде всушност има хемикалии.
Цевката пукна на 14 март, а водата која истече се излеа во Тораничка река, која потоа заврши во и Крива Река.