Основното јавно обвинителство Кочани-истражна постапка против 27 физички и три правни лица - Канал 5

Основното јавно обвинителство Кочани-истражна постапка против 27 физички и три правни лица

Основното јавно обвинителство Кочани во текот на ноќта донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица во врска со катастрофалниот пожар во Кочани. 

Основното јавно обвинителство Кочани-истражна постапка против 27 физички и три правни лица

Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле – Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.

Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, заеднички но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери.

Верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица, довеле до тоа да при користење на пиротехничките средства на 16.03.2025 година за време на настапот на музичката група ДНК во кабаре КЛУБ ПУЛС во Кочани, биде предизвикан пожар во кој настапила смрт на 59 лица меѓу кои 6 деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца.

Доколку се обезбедат докази, во истрагата ќе бидат опфатени и други засега неутврдени лица кои иако биле свесни дека поради нивното сторување и несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување и придонеле за катастрофалниот исход.

Трoјца осомничени се јавуваат како одговорни лица, сосопственици или управители во извесен период во правното лице чија подружница е клубот. Првиот од нив е закупец на објектот каде е лоциран клубот, реален сопственик и носител на целокупниот деловен потфат и работењето. Објектот со намена за лесна индустрија кој се наоѓал во индустриска зона воопшто не исполнувал услови да биде пренаменет во угостителски објект – кабаре согласно Законот за угостителска дејност, но во континуитет во целиот период осомничените добивале лиценца незаконито и организирале угостителски услуги. Притоа сите знаеле и биле свесни дека клубот не ги исполнува законски пропишаните услови и начин за вршење на угостителска дејност.

Во тој контекст, конкретно постои основано сомнение дека првоосомничениот за периодот од 13.02.2024 година до 13.02.2025 година директно на осомничено службено лице вработено во Министерството за економија, му дал паричен износ за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши и на тој начин, без притоа да биде спроведена законски пропишаната постапка, обезбедил фалсификувана службена исправа – лиценца за вршење на угостителска дејност. Поради тоа против вработениот во Министерството за економија е поведена постапка и за – Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик.

Една од осомничените е и сопственичка и управителка на осомничено правно лице од Кочани која во текот на 2010 година постапила по барање на осомничениот сопственик и му изготвила основен проект како услов за отпочнување со работа и вршење на угостителска дејност – кабаре, иако знаела дека не постоеле законски услови објектот да биде пренаменет од категорија лесна индустрија во објект што врши угостителска дејност – кабаре. Овој незаконит проект сопственикот во периодот од 2012 до 2023 година во континуитет незаконито го користел во прилог на барање за добивање линценци за вршење угостителска дејност. Во 2023 година тој се обратил на осомничената за да изврши корекција на основниот проект, а таа, без да изврши проверки на лице место, незаконски извршила промена на правните лица во основниот проект и со тоа овозможила кабарето да поднесува барања за лиценца.

Од Министерството за економија до овој момент осомничени се поранешен министер, но и поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник, кои и во моментов работат во Министерството но на други раководни позиции. Сите тие со неизвршување на своите службени должности што биле правно должни да ги извршат, не постапиле според прописите и техничките правила за мерките за заштита и на осомниченото правно лице кое не ги исполнувало пропишаните услови и начин за вршење на угостителска дејност во повеќе наврати со лиценци му овозможиле вршење угостителска дејност – кабаре.

Двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори, иако биле должни да вршат инспекциски надзор, не ги извршиле своите службени должности и во периодот од 09.01.2020 година до 16.03.2025 година во ниту еден наврат не извршиле контрола над работењето на правното лице за да утврдат дали има важечка лиценца, дали ги исполнува пријавените минимално-технички услови наведени во барањето за Лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре, и другите пропишани услови согласно закон, со што овозможиле Кабарето ПУЛС незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност.

Осомничените тројца градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, како и осомничен поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување не ги извршиле своите правни обврски согласно Законот за заштита и спасување, со што овозможиле Кабарето ПУЛС незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност, спротивно на Законот за угостителска дејност и другите пропишани услови согласно закон. За целиот тој период општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.

Во однос на активностите на Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи продолжува да врши проверки во насока на утврдување на сите пропусти во текот на целиот временски период на работа на клубот.

На 16.03.2025 година, еден од осомничените, одговорно лице во клубот, усно организирал концерт – настап без формално потпишан договор со музичката група ДНК и притоа заедно со осомничените управители и осомничените припадници на агенцијата за обезбедување, свесни дека капацитетот и условите во објектот тоа не го дозволуваат, овозможиле влез на околу 650 посетители помеѓу кои имало најмалку 31 дете. Едно од осомничените лица вршело продажба на билети без притоа да води сметка за бројот и возраста на гостите кои смеат да присуствуваат, спротивно на Законот за угостителска дејност, овозможувајќи влез и присуство и на малолетни лица на настанот.

Осомничените одговорни лица во дискотеката и членови на обезбедување, не спречиле за потребите на настапот на групата ДНК да се внесат во угостителскиот објект и да се употребат експлозивни материи – пиротехнички фонтани, иако за тоа дејствие немале задолжителна дозвола издадена од надлежни органи за да ракуваат со пиротехнички средства, ниту пак просторните услови дозволувале употреба на такви пиротехнички средства.

За внесување и употреба на пиротехничките средства е осомничен и еден член на музичката група. Постои сомнение дека членовите на бендот околу 02:32 часот како дел од сценскиот настап и ефект ги активирале експлозивните материи – пиротехнички фонтани кои исфрлале искри во правец на плафонот над сцената од кои веднаш се опожарил кровниот дел од објектот и пожарот се проширил по целиот објект.

Во однос на пропустите на обезбедувањето, осомничени се сопственикот и управител на фирмата за обезбедување од Скопје, овластеното лице на подружницата во Кочани, тројца вработени и едно лице кое не било вработено во фирмата но вршело одредени работи за таа фирма. Сите тие вршеле работи на физичко обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, без да ги проверат условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, како и другите сигурносни услови особено во однос на опасности и можности за евакуација. Во текот на критичната вечер, не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот на посетителите во објектот и не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства со кои бил предизвикан пожарот и поради кои настанала несреќата во објектот.

Сите осомничени се обезбедени. Кочанското обвинителство со оглед на тежината на кривичното дело кое им се става на товар и сите други околности, бара притвор за сите осомничени со исклучок на 3 лица кои се хоспитализирани.

Серена Вилијамс: Доколку јас бев на местото на Синер ќе ме казнеа 20 години

„Го сакам тој човек, ја сакам оваа игра“, изјави за магазинот Тајм легендарната Вилијамс.

Серена Вилијамс: Доколку јас бев на местото на Синер ќе ме казнеа 20 години

Легендарната американска тенисерка Серена Вилијамс рече дека сигурно би добила 20 годишна суспензија и одземање на сите освоени грен слем титули доколку би била позитивна на допинг тест како во случајот со светскиот рекет број еден Јаник Синер минатата година.

Синер прифати тримесечна забрана во февруари по договорот со Светската антидопинг агенција, која ја оспори одлуката на независен суд да го ослободи од вината по двата позитивни теста за анаболниот агенс клостебол.

„Го сакам тој човек, ја сакам оваа игра“, изјави за магазинот Тајм легендарната Вилијамс, која се пензионираше во 2022 година откако освои 23 грен слем трофеи.

„Синер е одличен за овој спорт, потребен му е на машкиот тенис. Но, да го направев тоа јас, ќе добиев 20-годишна казна“, додаде таа.

Синер, чија забрана истекува на 4 мај, отсекогаш тврди дека е виновен, иако неговиот случај иницира прашања за тоа дали добил повластен третман од спортските федерации./МИА

Медиуми: Анчелоти го напушта Реал, ќе биде селектор на Бразил

 Се очекува тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти да ја напушти клупата на шпанскиот гигант по финалето на Купот на кралот, што ќе се одигра на 26 април против Барселона во Севиља, дознава „Скај Спорт“.

Медиуми: Анчелоти го напушта Реал, ќе биде селектор на Бразил

Анчелоти дополнително ги подгреа сомнежите околу неговата иднина во Реал вчерашната елиминација од Арсенал во четвртфиналето во Лигата на шампиони.

Според „Скај Спорт“, 65-годишниот италијански стратег ќе остане на клупата на Реал до финалето на домашниот Куп, но се очекува потоа да го напушти клубот.

Анчелоти сè почесто се споменува и како најсериозен кандидат за нов селектор на Бразил, а оваа вест би можела и официјално да биде потврдена пред крајот на сезоната.

Фото: ЕПА

Нетанјаху: Израел нема да дозволи Иран да развие нуклеарно оружје

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел нема да дозволи Иран да развие нуклеарно оружје, прецизирајќи дека извршил безброј „отворени и прикриени“ акции кои ја уназадиле иранската нуклеарна програма за „речиси една деценија“.

Нетанјаху: Израел нема да дозволи Иран да развие нуклеарно оружје

Ова е прва изјава на Нетанјаху за Иран откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги почна преговорите со Техеран во обид да склучи нов ирански нуклеарен договор.

- Како што многупати изјави премиерот – Израел нема да дозволи Иран да се здобие со нуклеарно оружје, се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.

- Премиерот предводеше безброј акции, отворени и прикриени, во борбата против иранската нуклеарна програма, без која Иран денес би имал нуклеарен арсенал. Тие акции ја вратија иранската нуклеарна програма речиси една деценија назад, се додава во соопштението.

Западните земји, предводени од САД, се сомневаат дека Иран сака да се здобие со нуклеарно оружје. Техеран ги отфрла тие обвинувања и го брани правото на нуклеарна енергија за цивилни цели, особено за енергија.

Иран и САД, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, минатата сабота ги одржаа првите разговори, со посредство на властите во Оман, за иранската нуклеарна програма.

Втората средба на официјалните претставници на двете земји е закажана за в сабота во Рим./МИА

притисни ентер