Основната каматна стапка останува на ниво од 6,30 проценти

Основната каматна стапка останува на ниво од 6,30 проценти. 

Според Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, монетарната политика е соодветна на условите во економијата, но сепак ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики што влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите.

Како што информираше денеска Народната банка, понудата на благајнички записи на редовната аукција останува непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се на нивоа од 4,20 проценти и 4,25 проценти.

- И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чијашто примена започнува од јуни 2024 година, значат и дополнителна поддршка на прудентниот карактер на монетарната политика, истакнуваат од Централната банка.

Оттаму посочуваат дека во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носење на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика бил ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии.

- Имено, инфлацијата очекувано забрза во март 2024 година на 4 проценти на годишно ниво (3 проценти во февруари), со оглед на престанокот на важноста на мерките за гарантирани цени на дел од прехранбените производи и пијалаци и за укинување/намалување на дел од увозните давачки. Сепак, остварувањето е под проекцијата на Народната банка, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории во првиот квартал, во согласност и со преземените монетарни мерки. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, со исклучок на нафтата којашто има одредени флуктуации. Остварувањата кај инфлацијата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата, се наведува во соопштението.

Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесувало 4.287,1 милион евра, што, според Народната банка, е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

Трговскиот дефицит во првите два месеца од годинава, според последните расположливи податоци од надворешниот сектор, е малку повисок од очекувањата со октомврискиот циклус проекции, а остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година и за целата година, како што посочува Народната банка, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното.

Во монетарниот сектор, според првичните податоци за март годинава, депозитите растат со слична динамика како и претходниот месец, но малку посилно од очекувањата, а од друга страна, кредитната активност на банките умерено забавува, но годишниот раст е малку над проекциите за првиот квартал.

Герасимовски: Започна инсталирање на смарт јавно осветлување

Денеска започна инсталирањето на Тип 2 светилките кои се дел од паметното осветлување на јавни површини во Општина Центар. 

Тип 2 светилките ќе бидат инсталирани на споредни улици низ целата општина односно близу основни училишта, градинки, паркови, шеталишта итн. Од овој тип светилки ќе бидат инсталирани вкупно 2.637 парчиња. Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека Општина Центар е носител на иновациите кои носат бројни бенефити на граѓаните.

„Денеска започна инсталацијата на Тип 2 светилките кои ќе бидат инсталирани близу предучилишните и училишните институции како и паркови, шеталишта и споредни улици во општината. Ова лед осветлување со технологија за автоматско димирање односно само ја зголемува и намалува светлината следејќи го заоѓањето на сонцето носи дополнителни заштеди за општината без зголемување на ризикот за безбедноста на сообраќајот и сигурноста на граѓаните“, вели Герасимовски.

Процесот за менување на јавното осветлување со нови старт светилки Општина Центар го започна пред две недели со поставување на лед светилките од Тип 1 кои се инсталираат на најфреквентните улици во општината. Поставувањето се одвива етапно според урбани заедници поставувајќи ги паралелно различните типови сијалици кои ги има вкупно четири. Општина Центар преку реализација на овој проект ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на постојниот систем.

Општина Центар

Најмалку две лица загинаа во руските напади во Харков

Најмалку две лица загинаа, а шест беа ранети денеска во руските напади врз Харков, изјави регионалниот гувернер Олег Синегубов.

„Според првичните извештаи, две лица се убиени, а шест се повредени во нападите на Харков“, напиша Синегубов на Телеграм.

Харков, каде што живеат повеќе од 1,4 милиони луѓе пред војната и лоциран во близина на границата со Русија, се повеќе е цел на руските напади во последните неколку недели.

Во нападите значително беше оштетена електричната инфраструктура, поради што во градот беа воведени рестрикции за електрична енергија. /МИА

Јоурова: Владеењето на правото е основа на европската архитектура

„Владеењето на правото е основа на европската архитектура, мора да го заштитиме од негативни трендови “, вели Јоурова.

Владеењето на правото е основното правило во европската архитектура и затоа е важно да имаме детална расправа за состојбата во ЕУ и на просторот на проширување, односно во конкретни земји членки и во државите кои имаат статус на кандидати за членство, изјави денеска потпретседателката на Европската комисија задолжена за вредности и транспарентност, Вера Јоурова.

- Со години приоритет на Европската комисија е да направиме повеќе за заштита на владеењето на правото како основен принцип и да го одбраниме од разни видови на негативни трендови, потенцира Јоурова пред почетокот на неформалниот Совет за општи работи на ЕУ (ГАК) на кои главни теми се проширувањето, владеењето на правото и зајакнувањето на Унијата.

Таа нагласи дека врз основа на извештаите за владеењето на правото во Албанија, Македонија, Србија и Црна Гора на заседанието ќе може да се направи споредба на системите на овие четири земји кандидати за членство со оние на членките на ЕУ.

Неформалните заседанија на Советите на ЕУ се средби на ресорните министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за различни теми и прашања по кои треба да се решава на формалните средби или на состаноци на други тела на Унијата. /МИА

притисни ентер