Османи побара од Милошоски да закаже и седница на Комисијата за надворешна политика

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски му порача дека е подготвен низ трансперентна постапка да бидат отворени сите прашања од надворешната политика.

При тоа побара од него да ја закаже и седницата на која кандидатите за амбасадори ќе можат да ги презентираат тезите пред пратениците за да можат да заминат во извршување на своите мисии во ДКП-та.

– Како што најавив во моето годишно обраќање пред Комисијата за надворешна политика во Собранието, подготвен сум да ги вложам сите напори за да создадеме услови низ транспарентна постапка да ги отвориме сите прашања поврзани со надворешната политика, низ почести средби и тематски седници во рамките на Комисијата. Притоа, ќе се согласите дека во духот на взаемната соработка од интерес на надворешната политика, треба да ги затвориме и останатите заостанати прашања, за што сакам да ве повикам да ја закажете и седницата на Комисијата за надворешна политика, на која ќе можат избраните предлог – амбасадори, кои веќе ги минале сите постапки и добиле согласност/агремани од земјите на упатување, да ги одбранат тезите пред пратениците, и да бидат упатени во соодветните Дипломатско – конзуларни претставништва, стои во објавата на Османи на неговит ФБ профил до Милошоски.

Милошоски претходно во писмо адресирано до вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и шефот на дипломатијата Османи ги повика двајцата да излезат пред Комисијата и да го достават, како што вели, предлог-анексот врачен од Софија, во ноември минатата година, во термин што ќе им одговара во периодот од 15 до 29 јануари.

Русите тврдат дека нивната втора вакцина има 100 процентна ефикасност

Втората руска вакцина против ковид-19 е стопроцентно ефикасна, објави здравствениот регулатор Роспотребнадзор врз основа на резултатите од клиничките испитувања, објави денеска руската новинска агенција ТАСС.

Русија во ноември започнала со масовно тестирање на вакцината EpiVacCorona развиена од Институтот Вектор во Сибир.

Москва претходно објави дека нејзината вакцина Спутник V е ефикасна 92 проценти.

Надминат бројот од 2 милиона жртви од корона , само во Европа починале 400.000 луѓе

Бројот на пријавени случаи на коронавирус во светот е повеќе од 96 милиони, а повеќе од два милиони починале, од кои 400.000 во Европа.

САД сè уште имаат најголем број потврдени случаи на инфекција со коронавирус, 24.078.773 и се лидери според официјалниот број на смртни случаи, 399.003, според денешните податоци на страниците на универзитетската болница Џонс Хопкинс.

Следува Индија со повеќе од 10,5 милиони заразени.

На трето место со 8,5 милиони заразени е Бразил, земја со 210 милиони жители што вчера започна национална кампања за вакцинација против коронавирус, само еден ден по итното одобрение за вакцините СиноВак и АстраЗенека.

Русија е на четвртото место со повеќе од 3,6 милиони заразени. Русија денеска потврди 21.734 нови случаи на инфекција со коронавирус во последните 24 часа. Властите соопштија дека 586 лица починале во истиот период , со што бројот на смртни случаи дијагностицирани со ковид-19 во Русија достигна 66.623.

Рускиот здравствен регулатор Роспотребнадзор денеска објави, врз основа на резултатите од клиничките испитувања, дека втората руска вакцина против ковид-19, наречена EpiVacCorona, е стопроцентно ефикасна.

Велика Британија е на петтото место според бројот на заразени, со 3.443.350 и 90.031 смртни случаи, највисока стапка во Европа.

Британскиот министер за здравство Мет Хенкок деенска објави дека ќе биде во самоизолација до недела откако преку мобилна апликација бил предупреден дека контактирал со лице со позитивен тест за коронавирус.

Повеќе од 400.000 луѓе починале од ковид-19 во Европската унија, изјави денеска комесарката за здравство на Европската комисија, Стела Киријакидес.

Обраќајќи се пред Европскиот парламент, таа истакна дека изминатите десет месеци биле потешки за европскиот блок „отколку што можевме да замислиме“ и ја повика ЕУ да ја сврти страницата со помош на моќното оружје, бидејќи две вакцини се веќе одобрени и следуваат нови одобрувања.

ММФ: Ни требаат повеќе пари за помош на задолжените во коронакризата

На Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) му требаат повеќе пари за да им помогне на задолжените земји, рече неговата шефица, предупредувајќи на многу несигурни глобални економски изгледи и продлабочување на јазот меѓу богатите и сиромашните земји.

Бугарката Кристалина Георгиева долго време се залагала за прераспределба на специјалните права за влечење (СДР), валутата на ММФ и вчера рече дека може да одвои повеќе пари за справување со здравствената и економската криза и да го забрза развојот кон дигитална и зелена економија.

За време на мандатот на претседателот во заминување Доналд Трамп, САД, како најголем акционер на ММФ, ја блокираа прераспределбата на специјалните права за влечење, бидејќи според сегашните одредби, побогатите земји добиваат повеќе пари, пропорционално на нивниот удел.

ММФ интензивира поволно финансирање за економиите во развој, вклучително и донации на земјите-членки од околу 20 милијарди долари во постојните СДР. Тоа ќе продолжи да игра важна улога, но потребни се понатамошни чекори, нагласи Георгиева.

„Ова ќе продолжи да биде многу важно, дури и поважно, за да можеме да го зголемиме нашиот капацитет за поддршка на земјите кои заостануваат“, рече шефицата на ММФ.

Прераспределбата на посебните права сè уште се разгледува, тврди таа.

Евентуална продажба на златото од резервите на ММФ би вклучувала „одредени трошоци “ за ММФ, но одлуката е на членовите, додаде таа.

Новиот претседател на Меѓународниот монетарен и финансиски комитет (ИМФЦ), шведската министерка за финансии Магдалена Андерсон, на вчерашната онлајн прес-конференција заедно со Георгиева рече дека е јасно дека потребата за ликвидност останува висока.

Исто така, најави консултации со земјите-членки за опциите за зајакнување на ликвидноста.

Андерсон е првиот европски службеник на чело на ИМФЦ по повеќе од 12 години и е првата жена што ја извршува функцијата, а нејзиниот тригодишен мандат започна вчера.

Таа очекува групата од 20 најголеми економии (Г20) да го продолжи постојниот мораториум за отплата на долгот на најсиромашните земји, кој, како што сега стојат работите, треба да заврши во јуни. Таа додава, сепак, дека многу ќе зависи од динамиката на вакцинирање во наредните месеци.

притисни ентер