Ослободен е мажот кој 21 година бил заробен во Сирија

 Педесет и тригодишниот, Мехмет Ертурк, кој беше ослободен од затворот Адра во Дамаск, каде помина 21 година, се врати со семејството во Килис, Турција, јавија турските медиуми.

Ертурк, кој беше уапсен во 2003 година во Дамаск, главниот град на Сирија, под обвинение за шверц и испратен во затворот Адра, имал 32 години кога влегол во затворот каде што поминал 21 година.

Противниците на режимот на Башар ал Асад го ослободија по соборувањето на режимот на Баас кој владееше со Сирија 61 година.

По ослободувањето, Ертурк бил донесен во Џараблус. Тој се сретнал со семејството откако поминале низ процедури на граничниот премин Каркамис во Газиантеп.

Неговото семејство живеело во Килис.

Ертурк рече дека отишол во затвор поради клевета на пријател. Сепак, тој ја отслужи казната пред девет години, но не беше ослободен. Тој рече дека во затворот бил подложен на разни мачења.

-Околу 99 отсто од оние што одат во тој затвор умираат таму. Иако ми заврши казната, не ме пуштија мене и другите Турци. Ме измачуваа. Храната беше лоша. Мислев дека ќе умрам во затвор, вели Ертурк.

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ќе го положи Чесниот крст

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ќе го положи Чесниот крст во водите на Охридското Езеро за Водици.

Архиепископот на Македонската православна црква ОА, неговото блаженство господин господин Стефан ќе раководи со чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро за големиот христијански празник Богојавление.

Архиепископот Стефан ќе го положи Светиот крст во езерото кај Градското пристаниште во Охрид, пред традиционално голем број верници и оние што ќе влезат во студените езерски води.

Празникот Водици традиционално се одбележува на 19 јануари. Чествувањата на Богојавленските празници во Охрид ќе се одбележат со сите црковни обичаи, но ќе има и сенародна веселба во организација на локалната самоуправа.

За добро празнично расположение на Водици се задолжени Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски и групата „Де-Ен-Ка“, со композиции од музичкиот проект „Македонијо во срце те носиме“, додека за утредента кога се празнува Денот на рибарите за забава се ангажирани членови од охридскиот музички еснаф.

Шолц: Инцидентите во Балтичко Море се дел од хибридната стратегија

Шолц: Инцидентите во Балтичко Море се дел од хибридната стратегија што им се заканува на европските земји.

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека низата инциденти во Балтичкото Море мора да се сфатат како дел од хибридната стратегија што им се заканува на европските земји.

Говорејќи во пресрет на состанокот на лидерите на НАТО во Хелсинки, германскиот канцелар ги повика балтичките земји да дејствуваат на координиран и брз начин во регионот на Балтичкото Море, пренесуваат британските медиуми.

Претседателот на Латвија, Едгарс Ринкевичс, пред состанокот на членките на НАТО, што се одржува денеска во Хелсинки, изјави дека европските држави мора да бидат подготвени да се соочат со нови инциденти во Балтичкото Море по неодамнешното оштетување на подводната инфраструктура.

На денешната средба ќе присуствуваат генералниот секретар на НАТО Марк Руте, данската премиерка Мете Фредериксен, германскиот канцелар Олаф Шолц, летонскиот претседател Едгарс Ринкевич, литванскиот претседател Гитанас Науседа, полскиот премиер Доналд Туск, шведскиот премиер Улф Кристерсон и извршниот потпретседател на Европската комисија Хена Виркунен, наведено е на веб-страницата на НАТО.

Домаќини на самитот се претседателот на Финска, Александар Стуб и премиерот на Естонија, Кристен Михал.

Извештај на Министерството за правда до Конгресот-Трамп ќе беше осуден да не победеше

Трамп ќе беше осуден да не победеше на изборите, се наведува во извештај на Министерството за правда до Конгресот.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе беше осуден за незаконски обид за поништување на резултатите од претседателските избори во 2020 година, доколку не беше реизбран во 2024 година, се наведува во извештајот на Министерството за правда до Конгресот, пренесува Би-Би-Си.

„Прифатените докази беа доволни за да се осуди“, се наведува во извештајот на специјалниот обвинител Џек Смит.

Трамп остро реагираше на објавувањето на извештајот, нарекувајќи го Смит „луд“, а неговите наоди „лажни“.

Документот од 137 страници беше испратен до Конгресот откако судијката Ејлин Канон го одобри објавувањето на првиот дел од извештајот на Смит за мешање во изборите. Таа најави сослушување подоцна во текот на неделата за да се одлучи за објавување на вториот дел, кој се однесува на наводното незаконско задржување на доверливи документи од страна на Трамп.

Специјалниот обвинител Џек Смит поднесе оставка минатата недела, завршувајќи ги истрагите според правилата на Министерството за правда кои забрануваат гонење на актуелниот претседател.

Смит беше назначен во 2022 година да ги надгледува истрагите кои вклучуваат потенцијален конфликт на интереси. Трамп беше обвинет дека незаконски чувал доверливи документи во неговото одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида и за обид да ги поништи изборните резултати во 2020 година.

И двете истраги доведоа до кривични пријави, но Трамп се изјасни за невин и ги окарактеризира обвиненијата како политички мотивирани.

Смит ги затвори предметите по реизборот на Трамп, наведувајќи дека „Уставот забранува кривично гонење на претседателот, без оглед на тежината на обвиненијата или силата на доказите“.

притисни ентер