Оризопроизводителите го блокираа магистралниот пат во селото Облешево - Канал 5

Оризопроизводителите го блокираа магистралниот пат во селото Облешево

Оризопроизводителите го блокираа магистралниот пат во селото Облешево, незадоволни се од состојбата пред почетокот на сеидбата.

Оризопроизводителите го блокираа магистралниот пат во селото Облешево

Оризопроизводителите од населените места во општина Чешиново-Облешево денеска излегоа на протест и со земјоделска механизација ја блокираа едната коловозна лента од магистралниот пат Кочани – Штип за да го изразат незадолството од актуелните политики на почетокот на сеидбената сезона.

На протестот земјоделците изнесоа три барања за кои очекуваат брзо исполнување од надлежните институции, а го повикаа премиерот Христијан Мицкоски на средба со нивни претставници кои ќе го запознаат со лошата состојба.

-Првото барање е корекција на предлог-планот за наводнување на територијата на општина Чешиново-Облешево, второто барање е корекција во исплатата на субвенцијата од 6 денари за килограм, при што тоа да биде за целата предадена арпа, а не за 800 килограми арпа по пријавена површина. Третото барање е што побргу да почне откупот за стоковите резерви. Ако не се промени планот за наводнување ние не можеме да посееме други култури освен ориз, свесни сме дека нема доволно вода во браната Калиманци, но со одредена количина може да се наполнат површините, истакна Стојче Ташовски, земјоделец од Облешево.

Земјоделците се пожалија дека со планот за наводнување во атарот на нивните населени места површините што треба да се сеат со ориз се намалени од 50 до 70 отсто.

Оризопроизводителите попладнево треба да се сретнат и со министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, за да му ги пренесат барањата.

Макрон: Неопходен е прекин на огнот за да има средба помеѓу претставници на Русија и Украина

Претседателот на Франција, Емануел Макрон синоќа изјави дека е неопходен прелиминарен прекин на огнот за да може на 15 мај да се одржи средба на највисоко ниво помеѓу Украина и Русија во Истанбул.

Макрон: Неопходен е прекин на огнот за да има средба помеѓу претставници на Русија и Украина

Средбата беше предложена од рускиот претседател Владимир Путин, а прифатена од претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Макрон вчера разговарал со своите германски, британски и полски колеги, како и со американскиот и украинскиот претседател Доналд Трамп и Зеленски.

Украинскиот претседател во синоќешното видеообраќање наведе дека предлогот на Киев за прекин на огнот од денеска е на маса и се чека одговор од Москва.

- Украинската армија е подготвена да одговори доколку руските сили го нарушат прекинот на огнот, посочи Зеленски.

Но, Русија не се согласи да се придржува до 30-дневниот прекин на огнот, предложен пред два дена од европските сили. /МИА

Кошта на турнеја низ Западниот Балкан, в четврток ќе престојува во Скопје

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта од денеска до 16 мај ќе престојува во посета на земјите од Западниот Балкан, во чии рамки в четврток ќе допатува во Скопје, а в петок ќе учествува на самит на Европската политичка заедница во Тиран

Кошта на турнеја низ Западниот Балкан, в четврток ќе престојува во Скопје

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, целта на посетата на Кошта е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и перспективата на земјите од Западниот Балкан за членство во Унијата.

- Зајакнувањето на соработката со Западен Балкан е врвен политички приоритет за ЕУ и за мене лично, порача Кошта во пресрет на неговата западнобалканска турнеја.

Тој нагласи дека заминува во посета на регионот за да разговара со лидерите на земјите од Западниот Балкан, кои „се соочуваат со постојани предизвици“ и за да покаже дека ЕУ е подготвена да им помогне.

- Постои јасен моментум за проширување, но моментумот бара посветеност, истакна Кошта.

Како што соопшти Европскиот совет, на средбите со политичките раководства на партнерите од Западниот Балкан, Кошта ќе ја нагласи „важноста на понатамошно градење на обновениот моментум во процесот на проширување и на односите меѓу ЕУ и регионот“.

Работниот дел од посетата на Кошта започнува утре во Белград, каде тој ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, со премиерот Ѓуро Мацут и со членови на Народното собрание на Србија.

Утре попладне, Кошта од Белград ќе отпатува за Сараево каде ќе се обрати пред припадниците на Силите на ЕУ во Босна и Херцеговина (ЕУФОР Алтеа), по што ќе се сретне со членовите на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ.

В среда, Кошта ќе допатува во Подгорица на средби со црногорскиот претседателка Јаков Милатовиќ, со премиерот Милојко Спајиќ и со членови на Владата на Црна Гора, а попладнето ќе отпатува за Приштина на средба со косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу.

Претседателот на Европскиот совет в четврток ќе престојува во Скопје, каде ќе се сретне претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.

Од Скопје, Кошта попладнето ќе замине за Тирана на средби со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, а ќе разговара и со студенти на тиранскиот Колеџ на Европа.

В петок во Тирана, Кошта ќе биде кодомаќин на шестиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ), чија тема е „Нова Европа во новиот свет: Единство - Соработка - Заедничко дејствување“.

Самитот ќе се фокусира на безбедноста, а лидерите учесници на собирот ќе ги споделат своите визии за иднината на Европа. Во рамки на Самитот ќе се одржат и три тематски тркалезни маси.

Целта на собирот е зближување земјите од европскиот континент и обезбедување платформа за подлабока политичка координација меѓу нив. /МИА

РобоМак 2025 - натпревар по роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција

Меѓународниот натпревар по роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција „RoboMac 2025” од денеска до 17 мај ќе се одржи во организација на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

РобоМак 2025 - натпревар по роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција

Скопје 13. пат ќе биде домаќин на повеќе од 70 млади иноватори и експерти од земјата и странство.

Студентите, како што најавуваат организаторите, ќе имаат можност да се запознаат со последните технолошки иновации поврзани со роботиката, автоматиката, електрониката и вештачката интелигенција, преку богатата програма и практични работилници. Работејќи во тимови, студентите ќе имаат можност да ги употребат своите теоретски знаења и практични вештини, истите да ги надоградат и усовршат, да соработуваат со студенти од земјата и странство, со цел да го освојат првото место во својата категорија.

На отворањето, како што е најавено, ќе се обратат деканот на ФЕИТ, Владимир Атанасовски, Ректорот на УКИМ, Биљана Ангелова, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и претседателот на македонската секција на IEEE Анастас Мишев.

РобоМак 2025 е во организација на Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, заедно со Македонската секција IEEE и Факултетското студентско собрание на ФЕИТ.

притисни ентер