Општина Кавадарци ќе помогне на семејството чиј дом утрово беше зафатен од пожар

Општина Кавадарци ќе помогне на семејството чиј дом утрово беше зафатен од пожар, велат од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. 

Оттаму појаснуваат дека по проценките на штетата, одлука за висината на помошта ќе донесе Советот на општината.

Десет кавадаречки пожарникари во два тима го гаснеле пожарот од 1.45 до 4 часот. Во гаснењето помагале и таткото и синот од семејството чија куќа настрадала од огнот. За среќа, нема повредени.

-Со сите сили ги гасневме пламените јазици на минус шест степени целзиусови, се боревме со огнената стихија. По нашата брза интервенција, големиот пожар беше локализиран, а огнот не се прошири на околните куќи, нагласија од кавадаречката противпожарна единица.

Куќата не е целата изгорена, но сега е без покрив и без услови за живот во неа. Покуќнината е целосно уништена. Се утврдуваат причините за пожарот и висината на материјалната штета. /MИА

Магдалена Гроно нов главен дипломатски советник на Мишел

Актуелната виша советничка за надворешна политика на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, Магдалена Гроно, дополнително е именувана и за негова нова главна дипломатска советничка. 

Како што соопшти Европскиот совет, Гроно ќе го наследи Симон Мордју, кој е избран за заменик генерален секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), на која должност треба да стапи на 1 јули годинава.

Во соопштението на Европскиот совет се наведува дека Мишел му се заблагодарува на Мордју за неговата професионалност и посветеност во работата.

- Неговиот придонес имаше влијание врз успесите во надворешната политика на ЕУ и беше високо ценет дома и во странство. Претседателот Мишел му посакува се најдобро на Симон на неговата нов должност, се наведува во соопштението и се изразува уверување дека Мордју ќе даде свој голем придонес во ЕЕАС. /МИА

Зеленски отпушти висок разузнавач поради обвинувања за корупција

 Украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши Илја Витјук, висок функционер во разузнавачката служба СБУ, поради обвинувања за корупција, јави ДПА.

Указот е објавен синоќа на веб-страницата на украинскиот претседател, без да се прецизираат причините за разрешувањето.

Витјук беше шеф на одделот за кибер безбедност на Службата за безбедност на Украина (СБУ).

Претходно, украинските медиуми објавија истраги во кои беше наведено дека сопругата на Витјук купила луксузен стан во центарот на Киев. /МИА

Ковачки: За Свети Николе предвидуваме изградба на магистрален гасовод до Велес

​За Свети Николе предвидуваме изградба на магистрален гасовод до Велес, реконструкција и проширување на патот до Пробиштип, реконструкција и проширување на градинката „Рахилка Гонева“ и нови 8 милиони евра за општината Свети Николе.

Почитувани граѓани, за земјоделците од овој крај, вклучително и за сите земјоделци, предвидуваме 800 милиони евра коишто ќе бидат директна поддршка за земјоделците, за навремени субвенции, за чистење на водоснабдителните системи. Нашите земјоделци заслужуваат подобар живот. Нашите граѓани заслужуваат подобар живот. Затоа ве повикувам сите на 8 мај заеднички да излеземе и да ги донесеме промените. Да ја донесеме победата на Македонија којашто долго се очекува.

Драган Ковачки, носител на изборна единица 3

притисни ентер