Општина Карпош и Град Скопје во заедничка инспекциска акција - Канал 5

Општина Карпош и Град Скопје во заедничка инспекциска акција

Во период од 19 до 26 октомври, Општина Карпош и Град Скопје, спроведоа заедничка инспекциска акција на целата територија на Општината. 

Општина Карпош и Град Скопје во заедничка инспекциска акција

Целта беше да се постигне комунален ред и хигиена на јавните површини, со примена на засилена контрола на терен од страна на комунални инспектори. Акцијата беше реализирана со полн капацитет на инспекциските служби од двете институции, а Општината беше поделена на пет реони од кој секој реон беше предмет на контрола во две смени.

Во текот на вчерашниот ден, акцијата заврши со целосна контрола на територија на Бардовци и Злокуќани, каде што беше спроведено и чистење на јавни површини, диви депонии, а беа изречени и повеќе прекршочни платни налози.

Во акцијата учествуваа вкупно 45 инспектори и комунални редари од двете институции и тоа: девет комунални инспектори, 17 комунални редари, еден градежен иснпектор, шест инспектори за животна средина, двајца инспектори за патишта, двајца инспектори за сообраќај, двајца инспектори за комунални такси, еден инспектор за данок, тројца инспектори за спорт и двајца инспектори за туризам, како и службата за одржување на хигиена на јавните површини од Општина Карпош.

Во текот на акцијата се вршеа целосни и детални контроли во рамки на надлежностите на инспекциските служби. Во одредени случаи, беше побарана и теренска придружба од униформирани полициски службеници од ПС Карпош.

Во рамки на еднонеделната инспекциска акција, утврдени се низа неправилности:

1.Комунална инспекција – комунални инспектори:

Извршени се 192 инспекциски надзори,

донесени се 19 решенија за одстранување недостатоци,

изречени се 34 опомени,

изречени се 42 глоби за физички лица,

изречени се 27 глоби за правни лица.

2.Инспекција за животна средина:

Извршени се 90 инспекциски надзори,

издадени се 15 покани за присуство на странка,

донесени се 17 решенија за одстранување недостатоци,

издадени се 32 опомени за правилно селектирање на отпад,

изречена е една глоба.

3.Инспекција за туризам:

Извршени се 15 инспекциски надзори,

изречени се седум глоби,

издадено е едно решение за одстранување недостатоци,

изречени се две усни опомени.

4.Инспекција за спорт:

Извршени се 21 инспекциски надзор,

изречени се четири глоби,

издадени се шест решенија за задолжување.

5.Комунална инспекција – комунални редари:

Извршени се 231 надзор,

изречени се 134 глоби.

6.Инспекција за патишта:

Извршени се 39 инспекциски надзори.

7.Инспекција за комунални такси и данок на имот:

Извршени се 41 инспекциски надзор.

8.Инспекција за сообраќај:

Извршени се 80 инспекциски надзори,

одземени се пет сообраќајни дозволи,

издадени се пет решенија.

9.Градежна инспекција:

Извршени се 29 инспекциски надзори,

издадени се пет покани за присуство на странка,

изречени се 15 усни опомени, по кои надзираните субјекти постапили веднаш.

Општина Карпош и Град Скопје продолжуваат со засилено и координирано делување на терен и во наредниот период, а посебен акцент ќе се стави во УЗ Злокуќани.

Локалната самоуправа апелира до своите граѓани и правни субјекти, да ги почитуваат законските обврски, како и правилно да го одлагаат и селектираат отпадот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Предлог – закон за трансформација на работниот однос на пет илјади вработени на неопределено време

Околу 5.000 вработени со договор на дело во јавниот сектор да добијат редовен работен однос на неопределено време предлагаат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од каде во Собранието доставија нов предлог закон за трансформација.

Предлог – закон за трансформација на работниот однос на пет илјади вработени на неопределено време

Околу 5.000 вработени со договор на дело во јавниот сектор да добијат редовен работен однос на неопределено време предлагаат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од каде во Собранието доставија нов предлог закон за трансформација во редовен работен однос по скратена постапка. Според пратеникот Бојан Стојаноски целта е да им се помогне на илјадници лица кои со години работат со државните и јавните институции на определено време, а немаат како што рече сигурност на работното место, ги немаат сите права на платен одмор, социјално и пензиско осигурување.

- Станува збор за лица ангажирани со договори на определено време, договори на дело, авторски договори, преку агенции за привремени вработувања и други договори за извршување работа. Со решението се опфаќаат органите на државната власт, определени јавни установи од областа на здравството, културата, детската и социјалната заштита, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, заводите, фондовите и другите институции утврдени со законот, изјави - Бојан Стојаноски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Правото на трансформација ќе се однесува на лицата кои имаат важечки договор на денот на влегувањето во сила на законот и чиј договор останува важечки во моментот на трансформацијата, кажа Стојаноски.

Законот предвидува институциите да не смеат да ги раскинуваат договорите на опфатените лица додека не стапат во сила нивните решенија за вработување, освен во случаите на повреда на договорните обврски согласно законот.

-Институциите ќе имаат обврска во рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот да ги склучат договорите, односно да ги донесат решенијата за вработување. Притоа, трансформацијата ќе се реализира фазно. За најмногу 50 проценти од опфатените лица, договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш со нивното потпишување, односно донесување. За преостанатите лица, договорите и решенијата ќе стапат во сила најдоцна до 31 декември 2027 година, објасни Стојаноски.

Од законското решение предвидени се и конкретни исклучоци. Изземени се акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, како и високообразовните и научните установи. Од листата исто така изземени се МВР Агенциите за национална безбедност и за разузнавање, БЈБ и уште неколку други.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дојавувале кога доаѓаат УЈП и МВР во „Пулс“ - девет лица обвинети за поткуп, злоупотреби и фалсификување

Две нови обвиненија против вкупно девет лица за злоупотреби поврзани со даночните контроли во дискотеката Пулс во Кочани.

Дојавувале кога доаѓаат УЈП и МВР во „Пулс“ - девет лица обвинети за поткуп, злоупотреби и фалсификување

Тамошното обвинителство поднесе обвинителен акт против три лица – двајца даночни контролори од УЈП кои побарале и примиле очила и рачен часовник со цел да го информираат за ненајавени вонредни контроли во фирмите каде третообвинетиот бил одговорно лице. Според информациите станува збор за инспекторите во штипската дирекција на УЈП, Драган Паунов кој инаку е брат на претседателката на скопскиот Кривичен суд Даниела Димовска, и Дуле Димитриев. Додека Михаил Јованов, синот на Дејан Јованов Деко, е одговорното лице во објектите. Информациите околу даночната постапка кои законски не смееле да ги оддаваат, иснпекторите на Михал Јованов му ги пренесувале преку вибер пораки.

-Двајцата даночни контролори се обвинети и за – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, бидејќи при извршена контрола во правниот субјект во кој одговорно лице бил третиот обвинет, на 06.03.2024 година утврдиле даночни неправилности и нерегистриран промет, но во записникот не ја внеле откриената незаконитост. Со ова на буџетот му нанеле шета од 98.400 денари кои останале како ненаплатена глоба кај прекршителот,- -ОЈО Кочани.

Дел од пораките меѓу Јованов и инспекторите, ИРЛ објави лани во септември. Комуникацијата посочуваше на дојави до дискотеката пред да има инспекциски контроли и подмитувања со подароци. Обвинителството тогаш потврди дека пораките се дел од доказниот материјал.

Шест лица пак се опфатени во обвинителниот предлог - четворица даночни контролори и инспектори од УЈП, и една вработена во ДПИ кои ги вршеле контролите во Пулс и фирмите на кои реален сопственик е Дејан Јованов – Деко, кој е шестообвинет.

-Констатираните неправилности не ги евидентирале и фалсификувале извештаи за извршените надзори. Со тоа на фирмите не им се наплаќале законски предвидените глоби. Во дејствијата на злоупотреба им помогнал и самиот реален сопственик,- -ОЈО Кочани.

Кривичната пријава првично опфаќала уште четири лица за злоупотреба на службената положба. За две лица постапката е запрена поради застареност, додека за другите две е утврдено дека нема дејствија на ова или на друго кривично дело што се гони по службена должност, велат од обвинителството.

Со овие две, за кочанската трагедија со пожарот во дискотеката Пулс каде загинаа 53 лица, досега има шест обвиненија.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

76-годишна жена убиена во својот дом во Ѓорче Петров

Влегле низ задната врата, ја извлекле од постела, ја врзале и малтретирале, а потоа ја ограбиле и убиле, ова се неофицијално деталите од убиството на 76 годишна жена од Ѓорче Петров, која утринава беше пронајдена мртва во својот дом.

76-годишна жена убиена во својот дом во Ѓорче Петров

Станува збор за грабеж кој резултирал со убиство, второ во Ѓорче Петров за само пет дена, откако во населбата во Хром, исто така со траги на насилство, беше пронајден мртов 62 – годишен маж. Жртвата, жителка на улицата Ѓурчин Кокале, утринава околу 9 часот ја пронашна нејзината ќерка, која дошла да ја посети и да и помогне околу домашните обврски. Убиството, според неофицијални информации, не е извршено со огнено оружје.

Токму ова е куќата, белата во позадина каде утринава била пронајдена жената од страна на својата ќерка. Според неофицијалните информации, била убиена во дневната соба.

Убиената била мирна и тивка жена со здравствени проблеми, велат соседите кои се шокирани што на оваа улица, на која немало поголем инцидент, се случило убиство, бидејќи истата важи за една од најбезбедните и најмирните улици во Ѓорче Петров. Сега велат, стравуваат за себе и најблиските.

На оваа улица јас живеам можеби 30-40 години, вакво нешто не се случило, немало ни грабежи, ни ништо. Девојченцето, ете се случило тој ден да одат во Маврово, кога се вратиле, кога ја затекнале, мртва. Значи треба да се заклучуваме и денски и навечер, ниски се оградите. Ова е прва случка ваква, немало досега, не знам за понатаму што да кажам.

Канал 5 ги затекна екипите на МВР кои вршеа увид на местото на злосторството, по сторителите во моментов се трага.

-Во 09:18 часот во СВР Скопје, М.А. пријавила дека во куќа на ул. Ѓурчин Кокале ја пронашла нејзината мајка О.А. без знаци на живот. Од страна на итната медицинска помош констатирана е смрт со видливи траги од насилство,- - Гоце Андреевски – Портпарол на МВР.

Неофицијално, според извори на Канал 5 од истрагата, полицијата истражува дали има можна поврзаност помеѓу двете убиства во изминативе пет дена. Според информациите, и 62 годишникот е убиен по разбојништво. Од обвинителството посочуваат дека се преземаат сите дејствија за расчистување на убиствата.

Неофицијално, едно лице осомничено за двете убиства во скопската населба Ѓорче Петров е приведено и во моментов се наоѓа во полициска станица.. За ова нема официјална потврда од МВР...

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер