МакедонијаОпштина Илинден со нов виртуелен водич за промоција на природните и културните богатстваСо реализацијата на овој проект, Општина Илинден уште еднаш ја потврдува својата заложба за примена на современи дигитални технологии во промоцијата на локалните потенцијали, придонесувајќи за поголема туристичка препознатливост Општина Илинден направи значаен чекор во унапредувањето на својата туристичка промоција преку изработка на современ 360° визуелен водич, реализиран во рамките на Договорот за соработка со „Македонија на дланка – Агенција за туризам и маркетинг“, носител на националниот проект „360° Визуелен водич – Македонија на дланка“. Новата дигитална платформа овозможува интерактивно и реалистично запознавање со природните, културните и јавните содржини на територијата на Општина Илинден. Посетителите имаат можност виртуелно да прошетаат низ населените места и да се запознаат со образовните установи, спортските терени, парковите, верските и културните објекти, како и со други значајни локации во општината. Визуелниот водич содржи околу 250 интерактивни 360° панорами, снимени од воздух, како и виртуелни прошетки низ повеќе објекти, овозможувајќи им на корисниците уникатно искуство и можност да ја запознаат Општина Илинден од каде било во светот. Во следниот период е предвидено дополнително проширување на содржините со вклучување на нови локации и објекти од сите населени места во општината. Со реализацијата на овој проект, Општина Илинден уште еднаш ја потврдува својата заложба за примена на современи дигитални технологии во промоцијата на локалните потенцијали, придонесувајќи за поголема туристичка препознатливост и подобра презентација на општината пред пошироката јавност. Виртуелниот водич е достапен на следниот линк: www.macedoniafromabove.mk/ilinden/.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
КултураНедела на јапонски филм во Кинотеката – шест филмски приказни со бесплатен влезОд 4 до 10 ноември 2026 година, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи Недела на јапонски филм. Публиката ќе има можност да проследи шест остварувања што ја претставуваат разновидноста на јапонската кинематографија – од семејни драми и трилер до анимација и историска приказна. Сите проекции започнуваат во 19:00 часот, а влезот е бесплатен. Програмата ќе биде отворена во среда, на 4 ноември, со „Чекор“ на режисерот Кен Иизука, емотивна приказна за татко кој, по ненадејната смрт на сопругата, сам ја одгледува својата ќерка. Низ нивното секојдневие, филмот зборува за родителството, загубата и силата на семејната блискост. На 5 ноември ќе биде прикажан „Маскирано одделение“ на Хисаши Кимура, напнат трилер за лекар кој се соочува со опасен натрапник и со тајните на болницата. На 6 ноември следува „Речиси чудо“ на Јуја Ишии, приказна за младоста, добрината и првите љубовни чувства. На 7 ноември на програмата е „Деца на морето“ на Ајуму Ватанабе, визуелно впечатлива анимирана авантура што ја истражува поврзаноста на човекот со морето и природата. Циклусот продолжува на 9 ноември со „Банана? Во ова време од ноќта?“ на Тецу Маеда. Инспириран од вистинска приказна, филмот ја следи решеноста на човек со мускулна дистрофија да живее самостојно и неговите односи со волонтерите кои му помагаат во секојдневието. Неделата на јапонски филм во Скопје ќе заврши на 10 ноември со „Иване: Меч на спокојот“ на Кацухиде Мотоки, историска драма за самурај кој се обидува да започне нов живот, но се вплеткува во опасен заговор во периодот Едо. Преку различни жанрови и авторски пристапи, програмата отвора простор за запознавање со јапонската култура и со приказни за семејството, љубовта, солидарноста и личната слобода. На 11 ноември програмата ќе продолжи во Центарот за култура во Битола, со проекции на „Деца на морето“ и „Чекор“. Сите проекции во Кинотеката се во 19:00 часот. Влезот е бесплатен, без резервации.Тагови: Кинотека Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
НБАВидео: Шоуто на Дончиќ на теренот и на прес-конференцијатаЕден од најдобрите свтески кошаркари, Словенецот, Лука Дончиќ продолжи со своите спектакуларни настапи на почетокот од НБА сезоната. Словенечкиот кошаркар со 42 поена, 13 асистенции и седум скока, ги предводеше Лејкерси до убедлива победа од 138–117 над Мајами Хит. Лука погоди шест тројки, што беше негов петти натпревар по ред со најмалку 37 постигнати поени. Ова беше четврти натпревар на Дончиќ со најмалку 40 поени во неговите последни пет настапи. Во тој период, тој имаше просек од неверојатни 43,4 поени, 8,6 скока и 9,2 асистенции. Само претходната вечер, против Торонто Репторс, тој постигна 45 поени и оствари 15 скока. Со оваа победа, Лејкерс стигнаа до учинок од 6 победи и 2 порази. Покрај Дончиќ, се истакна и Остин Ривс со 27 поени, како и Вокер Кеслер, кој забележа „дабл-дабл“ учинок со 15 поени и 15 скока. Словенечкиот кошаркар имаше одличен почеток на натпреварот, што полека но сигурно станува традиција. Само до крајот на првата четвртина, Дончиќ забележа 16 поени, пет асистенции и четири скока, а до полувремето стигна до 24 поени. Во првите четири и пол минути од второто полувреме, тој додаде уште девет поени, помагајќи им на Лејкерси да ја зголемат предноста на 93–74. Потоа, Мајами не успеа сериозно да се врати во натпреварот. Дончиќ, кој минатата сезона ја заврши како најдобар стрелец во НБА, оваа сезона е особено доминантен во првите четвртини, со просек од 15 поени. Исто така, вреди да се напомене дека Дончиќ приреди вистинско шоу не само на теренот, туку и за време на прес-конференцијата по натпреварот. Тој им кажа на новинарите дека е подготвен да одговори на уште прашања, но откако го доби првото, со насмевка стана од столот и си замина. Luka Doncic : "Je veux répondre à plus de questions." Journaliste : "Pourquoi as-tu pris une faute technique ?" Luka : https://t.co/xYuQTYfW9f — TrashTalk (@TrashTalk_fr) November 3, 2026 Прашањето гласеше: „Зошто доби техничка грешка?“ Техничките грешки се чест проблем за Дончиќ; тој често ги добива поради своите реакции или расправии со судиите. Минатата сезона собра 16 такви грешки – само една помалку од Дилон Брукс, кој беше прв во лигата во таа категорија.Тагови: Лука Дончиќ НБА Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
МакедонијаВо тек е полициска акција во Скопје и Штип поради злоупотреба на службената положба и овластувањеСпоред информациите од МВР на неколлку локации во Скопје и Штип во тек е акција на полицијата за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ .Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР, по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од страна на Р.Т. раководител на информатички сектор при Универзитетот Гоце Делчев во Штип. По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook