ОН бара Велика Британија да го преиспита Законот за Руанда

Двајца високи функционери на Обединети нации денеска ја повикаа Велика Британија да го преиспита планот за префрлање на барателите на азил во Руанда, предупредувајќи дека потегот ќе има штетно влијание врз човековите права и заштитата на бегалцитe.

Во заедничката изјава на Високиот комесаријат на ОН за бегалци, Филипо Гранди и Високиот комесаријат за човекови права на ОН, Волкер Турк ја повикаа Велика Британија наместо тоа да преземе практични мерки за справување со нерегуларните текови на мигранти и бегалци.

Новиот закон означува уште еден чекор подалеку од долгата традиција на Велика Британија за обезбедување засолниште за оние на кои им е потребна, што исто така ја прекршува Конвенцијата за бегалци, посочи Гранди.

Тирк, кој претходно го критикуваше планот, наведе дека законот „сериозно го поткопува владеењето на правото во Велика Британија поставува опасен преседан на глобално ниво“.

Запирањето на протокот на мигранти е приоритет за британската Влада, но според критичарите планот за депортирање на луѓе во Руанда наместо да се работи со баратели на азил во Велика Британија е нехуман.

Според политиката формулирана пред две години и договорена со Руанда, секој барател на азил, кој илегално ќе пристигне во Велика Британија ќе биде испратен во Руанда. Тоа ќе важи и за оние кои поднеле барање за азил во Велика Британија и никогаш досега не стапнале на африканскиот континент.

Десетици илјади мигранти, од кои многумина бегаат од војните и сиромаштијата во Африка, Блискиот Исток и Азија, изминатите години стигнаа до Велика Британија поминувајќи го Ла Манш со мали чамци, а организирани од бандите шверцери на луѓе.

Горниот дом на Парламентот вчера го усвои Законот за Руанда со кој се овозможува испраќање на илегалните мигранти во Руанда, каде ќе се обработуваат нивните барања за азил во Велика Британија.

Британскиот премиер Риши Сунак, по усвојувањето на Законот за Руанда, посочи дека „ништо нема да ни застане на патот“ и оти авионите за африканската земја ќе полетаат за 10 до 12 недели.

- Донесувањето на оваа значајна легислатива не е само чекор напред, туку суштинска промена во глобалната равенка за миграцијата. Го воведовме предлог-законот за Руанда за да ги одвратиме ранливите мигранти од опасни премини и да го скршиме бизнис моделот на криминалните банди кои ги експлоатираат. Донесувањето на оваа легислатива ќе ни овозможи да го направиме тоа и многу јасно ќе ни даде до знаење дека ако нелегално дојдете овде, нема да можете да останете, посочи Сунак.

Откако Законот за Руанда ќе добие кралска согласност, што се очекува во наредните денови, ќе започне процесот на ратификација на договорот подготвен со Руанда. /МИА

Лишени од слобода двајца полициски службеници поради оддавање службена тајна

Како што соопшти МВР, при претресот пронајдени се пиштол, револвер, две рамки за пиштол, 321 парчиња разновидна муниција, над  20.000 евра и службена документација, односно оперативни извештаи кои во себе содржат класифицирани информации.

- На 24.01.2025 од страна на полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, Одделот за криминалистичка полиција и СВР Битола извршен е претрес на дом и помошни простории на полицискиот службеник Б.Б. во Битола, поради основи на сомнение за сторено кривично дело „оддавање службена тајна“, по член 360 од КЗ.

Како што соопшти МВР, при претресот пронајдени се пиштол, револвер, две рамки за пиштол, 321 парчиња разновидна муниција, над 20.000 евра и службена документација, односно оперативни извештаи кои во себе содржат класифицирани информации, меѓу другото и за граничното работење, анализи на рутите за мигранти итн.

Од страна на ОВККИПС во координација со ОКП-СЕКК и СВР Битола поднесена е кривична пријава по член 396 ст.1 од КЗ до ОЈО - Битола пртив Б.Б. по брза постапка и од страна на надлежен судија му е изречена мерка притвор во траење од 30 денови.

Во однос на кривичното дело по член 360 од КЗ, извршен е увид во службена просторија на Регионален центар за гранични рабпти Југ лоцирана во кругот на СВР Битола, при што е одземен еден десктоп компјутер за понатамошна постапка.

По извршениот увид во службената просторија и предметниот компјутер, извршен е разговор со полицискиот службеник Љ.К., кој во службениот разговор појаснил дека тој со неговата службена шифра во системот за контрола на патници и возила извршил проверки за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Известен е јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, по чии насоки полицискиот службеник Љ.К. е лишен од слобода и задржан во ПС Битола.

Исто така на 25.01.2025 од страна на полициски службеници од ОВККИПС во координација со ОКП- СЕКК и СВР Битола, по наредба издадена од Основен суд -Битола, извршен е претрес на дом кај Љ.К.. При спроведениот претрес пронајдени и одземени се два преносни уреди - усб и еден мобилен телефон.

Во координација со ОЈО-ГОКК се преземаат дополнителни мерки и активности со цел расчистување на кривично-правниот настан.

Ѓоковиќ со фотографија од магнетна резонанца ја покажа повредата на мускулот

Најтрофејниот светски тенисер во историја одговори на коментарите добиени по предаденото полуфинале против Зверев на Грен слемот во Мелбурн. 

Популарниот Ноле му го предаде полуфиналниот меч во Мелбурн на Александар Зверев, поради повредата со која се здоби на дуелот против Карлос Алкараз во четврт-финалето.

По таа одлука Ѓоковиќ не само што беше исвиркан додека го напушташе теренот „Род Лејвер“, туку имаше и такви кои отидоа чекор понатаму и отворено го обвинија дека „глуми“ повреда.

Меѓу нив беа тениските легенди Џон Мекинро и Борис Бекер.

Поради сите овие коментари Ѓоковиќ објави видео од повредата на кое јасно се гледа дека мускулот е напукнат. Само ова ќе го оставам овде за сите спортски ’експерти’“, напиша Ѓоковиќ во описот на својата објава.

Сега се очекува изјава од тимот на Ѓоковиќ за тоа колку време ќе трае рехабилитацијата на легендарниот шампион.

Давкова: Американското катче е еден од симболите на македонско-американското пријателство

Сиљановска-Давкова: Американското катче е еден од симболите на македонско-американското пријателство и партнерство

Американското катче е можност, пред сè, младите луѓе да бидат во контакт со американската култура, но и американските вредности, да го изучуваат англискиот јазик, да го знаат значењето на волонтерството, медиумската писменост, па и безбедноста, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќањет на 20-годишнината од отворањето на првото Американско катче во Скопје.

Настанот го отвори американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, посочувајќи ја важната улога на американското катче во развојот на граѓанското општество и промовирањето на демократските вредности во државата.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска-Давкова рече дека американското катче е еден од симболите или центри на македонско-американското пријателство и партнерство, значаен показател за заемно разбирање и почитување, соработка која во фокусот ги има младите лидери во сите области како идни двигатели на општествените односи и промени.

Таа истакна дека отворањето на првото Американско катче се случи пред 20 години во Скопје, посочувајќи дека „оваа мала, но важна точка потоа како една културолошка зараза ќе се прошири и во други градови низ Републиката на најдобар начин оправдувајќи ја идејата за еден ваков истурен ракавец на Американската амбасада во земјава“.

-Ќе цитирам еден стих од големиот Волт Витман чијашто поетска величина е позната глобално: „Соединетите Американски Држави, вели тој, самите по себе во суштина се најголемата песна“ (“The United States themselves are essentially the greatest poem“), така вели поетот и нагласува дека и поезијата и демократијата ја црпат својата моќ од нивната способност да создадат обединета целина од различни делови. Тие различни делови, различни култури и традиции можат да се сретнат и тука во Американското катче каде што, пред сè, младите луѓе разменуваат мислења, идеи, учат за другите, навлегуваат во суштината на мултикултурализмот или глобализмот. Ние сме благодарни што преку овој центар можеме да се запознаеме со повеќеслојноста на една голема култура каква што е американската, посочи Сиљановска-Давкова.

Нашата земја, додаде таа, ја препознава таа важност и затоа уште од почеток активно се вклучи во поддршката на овој значаен проект.

-Не е случајно што успешно опстојува веќе 20 години и има простор и натаму да живее и да се развива. Би рекла мисијата е успешна, но не е завршена, оти кога ќе се навратиме на сè што се случувало во тие мали простории од каде што се пренесувала широката и благородна идеја за споделување на вредностите, нашите погледи се насочени кон иднината. Тие што доаѓаат тука имаат што да слушнат, но секако дека имаат и што да кажат. Таа интеракција е движечка сила и од неа ќе произлезат нови идеи коишто, уверена сум, ќе се вградат во темелите на Американското катче, рече претседателката.

Истакна дека една нација не е голема само затоа што е голема или богата или моќна, туку во колкава мера успеала да ги ослободи луѓето и нивната креативност да ја вградат во општеството.

-Ние се стремиме кон тоа и оваа сила којашто ја истакна во еден говор претседателот Линдон Џонсон, ја препознавам и во активностите на Американското катче. На крајот ќе истакнам дека ако сакаме да издвоиме симболи или центри на македонско-американско пријателство и партнерство, секако, дека Американското катче е еден од нив, еден значаен показател за заемно разбирање и почитување, и потреба од соработка во која фокусот ги има младите лидери во сите области како идни двигатели на општествените односи и промени. Ви го честитам јубилејот и ви посакувам натамошна успешна работа. Успешната приказна нека продолжи да се развива!, посочи Сиљановска Давкова.

притисни ентер