Скопското обвинителство отвори предмет по наводите на градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска за незаконски легализации на дивоградби во општина Чаир откако таа пред два дена достави документи за кои тврди дека се доказ и најави дека ќе однесе документи за уште 150 вакви предмети.
-Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска беше сослушана во ОЈО Скопје во врска со нејзините сознанија околу наводни дивоградби во Чаир и достави определена документација. Обвинителството отвори предмет кој е распореден кај надлежен јавен обвинител од Одделението за сложен и сериозен криминал во ОЈО Скопје и веќе се преземаат дејствија на проверки, велат оттаму.
Во врска пак со решението за поништување на легализацијата на спорната зграда за која Арсовска тврдеше дека е антидатирано, од Катастар велат дека немаат законска обврска да ги проверуваат правните основи за поништување на легализацијата.
-Од О. Чаир ни беше доставен правен основ, а тоа е решение за поништување на легализација. Ние како Агенција постапуваме во технички аспект по самите барања што подразбира дека ние проверуваме дали истото решение е донесено од овластен орган, што во конкретниот случај е, дали има печат и потпис од градоначалникот и општината. Доколку е се во ред ние сме обрзани согласно законот да постапуваме. Согласно законот, Агенцијата не врши проверка на веродостојноста на правните основи коишто ги доставуваат. – Иван Живковски – Директор на Агенција за катастар и недвижности
Од опозициската СДСМ пак повторно ја обвинија власта дека ја штити урбаната мафија наместо да се отвори истрага.
-Наместо овој скандал да биде предмет на итна истрага, санкции и одговорност, власта ја штити урбаната мафија. Се издавале фалсификат решенија, се правеле згради каде што требало да има улици. – Љубица Јанчева – СДСМ
Арсовска и денеска на социјалните мрежи го прозва премиерот Мицкоски дека го штити градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу а најави и дека јавно ќе ги објави сите документи кои се доставени до институциите и обвинителството. Арсовска тврдеше и дека добивала закани по живот и била следена, МВР рекоа дека пријава немале а за лицата кои ја следеле се преземаат мерки за нивно пронаоѓање.