Одржана комеморација за легендата на македонската кошарка, Лазар Лечиќ - Канал 5

Одржана комеморација за легендата на македонската кошарка, Лазар Лечиќ

Комеморативен собир се одржа денеска во конгресната сала на хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

Одржана комеморација за легендата на македонската кошарка, Лазар Лечиќ

На комеморацијата посветена на великанот на македонската кошарка, со потсетување за неговото дело, преку „фотографска лента“, раскажување, евоцирање на спомени со него од страна на неговите пријатели и соработници, последен поздрав му оддадоа неговото семејство, но и сите оние кои беа „околу него“ во неговиот работен и животен век.

За Лазар Лечиќ велат беше, Бог да го прости, невозможен човек.

Цел создаден од сами противречности.

Беше и нежен и суров. И комичен и не толку забавен. И згрозувачки мудар и бескрајно фин, аристократски рафиниран.

Ранлив и чувствителен, но понекогаш и со остар јазик. Но, тоа секогаш го правеше речито, шармантно, ѓаволски духовито, да не можете да му се налутите. Напротив, беше чиста уживанција Лазар Лечиќ да ве стави во уста.

Лазар Лечиќ е еден од најдобрите македонски кошаркарски тренери на сите времиња, комплиментот кој често му го даваа, од пред два месеци за жал важи повеќе од било кога.

Лазар Лечиќ замина во вечните почивалишта, каде сигурно исто така ќе мрчи за кошарката, затоа што тоа му е многу убаво.

А, сите вие кои одблизу го познававте и се дружавте со Лазар Лечиќ продолжете несебично да го прикажувате онаков каков што навистина беше - понекогаш смешен, понекогаш апсурден, нималку тажен и обесхрабрувачки.

Лазар Лечиќ е вредност. Не само кошаркарска. И не само македонска.

На некои луѓе им е судено да бидат легенди и да ги паметиме засекогаш по добро. Тоа е веројатнмо единственото објаснување по загубата на Лазар Лечиќ, а знам дека не е доволно добро.

Долгогодишниот генерален секретар на Македонскиот олимписки комитет, Зоран Гапиќ, се осврна на некои незаборавни моменти од заедништво кое го имаше и го делеше со Лечиќ.

„Лазар Лечиќ воведе новитети во југословенската кошарка кои ги користеа Александар Николиќ и Ранко Жеравица. Тоа го направи и Работнички голем клуб. Јас не сум од Работнички, но Работнички мора да направи нешто вечно во чест на Лазар Лечиќ.

Ако ништо друго, во салата на Работнички, каква е-таква е, да постави една фотеља на која ќе пишува Лазар Лечиќ за сите кои ќе дојдат тука да знаат дека таа сала ја направи тој. Секогаш кога патував низ светот, луѓето од кошаркарскиот свет ме прашуваа каде е и што прави Лазар Лечиќ“ - рече Гапиќ.

Што значеше Лазар Лечиќ, односно „Лазарос“ како што беше неговиот прекар, за солунски Арис, со „свои зборови“ во специјалната телеграма, опиша еден од најголемите грчки кошаркари на сите времиња, Панајотис Јанакис.

За се што и „остави“ на македонската кошарка, како клупска, така и репрезентативна, потенцираше и некогашниот капитен на сениорската репрезентација на Македонија, Ѓорѓе Војновиќ:

„Немав среќа Лазо да ми биде тренер, но имав среќа да ми биде учител. Уште се сеќавам, од деновите во школата на Работнички, трениравме во Градски парк, а Лазо ќе не види од галеријата горе и покрај тоа што не ни е тренер, се симнуваше долу да ни каже што треба да правиме. 'Мали, ти со овој шут бонсек, не можеш да станеш играч', ми велеше и не мотивираше да останеме да работиме.

На нас останува она што го велеше Лазо, да се 'поштуеме'. Постојано тврдеше дека немаме спорт затоа што не се 'поштуеме'. Лазо, играј кошарка горе на небото и чувај не“- рече Војновиќ.

На комеморативната седница, говореа и Драган Радосављевиќ, легенда на кошаркарскиот клуб „Работнички“ од Скопје, како и долгогодипниот спортски новинар и коментатор, Зоран Михајлов, кои пренесоа голем број на слушки, анегдоти поминати низ заедничките моменти со Лечиќ.

Посебна порака од САД, испрати и внукот на Лазар Лечиќ, Андреј Апостолоски Лечиќ.

Лазар Лечиќ професионалната кариера ја започна во Работнички во 1957 година и во клубот остана со статус на играч до 1962 година пред да се пресели на тренерската позиција.

Како играч, тој освои две титули во Македонската републичка лига во 1960 и 1961 година. Во 1962 година седна на тренерската позиција во Работнички и веднаш направи влијание.

Како доминантна сила во Македонија под крилата на Лечиќ, Работнички ги освои следните две титули во 1963 и 1964 година, а тимот се пресели во Првата сојузна кошаркарска лига.

Лечиќ остана во Скопје до 1972 година пред да се пресели на уште една авантура во Борац Чачак за сезоната 1972/73 кога тимот заврши на четвртото место во Првата југословенска кошаркарска лига како најголемото достигнување на клубот во историјата.

Следната сезона се пресели во Словенија и Олимпија Љубљана, пред да преземе нова авантура во Работнички. Овој пат го води клубот од Скопје во полуфиналето на ФИБА Сапорта купот кој и понатаму е еден од најголемите успеси во историјата на тимот.

Во 1978 година Лечиќ се врати во Олимпија Љубљана каде остана до 1982 година. По една сезона во Војводина, Лечиќ се врати во својот роден град, но овој пат во Скопје, подоцна познат како МЗТ Скопје.

Во 1986 година, под водство на Лазар Лечиќ, МЗТ Скопје стигна до Првата југословенска кошаркарска лига каде што се натпреваруваше две сезони.

Во 1990 година Лечиќ се пресели во Грција и Арис каде што се натпреваруваше во Евролигата, стигнувајќи до полуфиналето во 90/91 и четвртфиналето во 91/92.

Ја освои и грчката лига во 90/91 и Купот на Грција во 91/92. По уште една сезона во МЗТ Скопје во 1996 година кога го освои Купот на Македонија, а го освои и Купот „Кораќ“, привремено дал отказ, но богатата тренерска кариера ја заврши во Никол Ферт во сезоната 1999/2000 со освојување на шампионатот во македонската лига.

Покрај клупската кариера, Лазар Лечиќ имаше неверојатна репрезентативна кариера како тренер во југословенската репрезентација.

За неговиот квалитет, најдобро зборува податокот што е еден од ретките Македонци кои имаа важна улога во југословенската кошарка.

Беше помошник тренер во југословенската репрезентација првиот златен медал на ФИБА Светското првенство во 1970 година одржано во Југославија. Тој, исто така, имаше влијание во доминантните години кога Југославија освојуваше медали во неколку натпреварувања како ФИБА Евробаскет, Медитерански игри и Балкански првенства, меѓу другото.

Ја водеше Југославија и на Европското младинско првенство во 1971 година.

Последните две децении беше активен како советник и член на стручниот одбор, а неговите искуства беа драгоцени за сите млади тренери.

Кошакарската федерација на Македонија денеска одлучи во иднина наградата тренер на годината да го носи името на легендарниот Лазар Лечиќ.

На денешната комеморација во чест на Лазар Лечиќ, Кошаркарската федерација најави дека една награда во иднина ќе го носи неговото име

Станува збор за признанието за тренер на годината кое трационално се доделува при изборот на КФМ пред крајот на секоја календарска година. Лечиќ беше тренер повеќе од шест децении и имаше голема улога во развојот на неговите помлади колеги.

Кошаркарската федерација претходно ги испочитува и останатите легенди на македонската кошарка Драган Василов Цевка по кого името го доби Суперкупот, како и Благоја Георгиевски Буштур чие име го носи Купот на Македонија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Босанката Мирнеса украла над милион евра од фирма во Германија, па ја пуштиле на слобода- парите не се пронајдени

Мирнеса С, попозната по прекарот Мики, која украла дури 1,25 милиони евра од германска компанија за готовински трансфер во Штутгарт, повторно е во центарот на вниманието. 

Босанката Мирнеса украла над милион евра од фирма во Германија, па ја пуштиле на слобода- парите не се пронајдени

Откако отслужила дел од тригодишната затворска казна, таа била ослободена на почетокот на 2025 година, но најголемата мистерија во случајот останува нерешена - каде завршиле парите што исчезнале пред повеќе од четири години?

Кражбата се случила на 14 октомври 2022 година, кога Мирнеса, која во тоа време била вработена во компанијата за готовински трансфер, однела огромна сума пари од просториите на компанијата, објави 24 сата.

Според информациите што подоцна ги објавија медиумите, таа ги ставила парите во спортска торба, ја покрила со крпи и го напуштила своето работно место. Бидејќи имала пристап до парите како вработена, кражбата била извршена без класичен грабеж или употреба на сила.

Нејзиното исчезнување предизвикало обемна потрага од страна на германската полиција, која понудила награда од 37.500 евра за информации што довеле до нејзино апсење. Мирнеса, сепак, доброволно се предаде на властите во Германија на почетокот на 2023 година, откако преку својот адвокат го најави своето пристигнување на аеродромот во Штутгарт.

Во јули истата година, таа беше осудена на три години затвор за кражба, а за време на постапката тврдеше дека нејзиниот тогашен партнер Роберт С. го смислил целиот план и ја убедил да учествува во кражбата. Според неа, таа добила само 20.000 евра од вкупната сума.

Нејзиниот поранешен партнер, од друга страна, ги негираше обвинувањата дека ја организирал кражбата и тврдеше дека само играл улога на возач.

Случајот достигна нов епилог во февруари 2026 година, кога Роберт С. беше осуден на три години и девет месеци затвор за учество во кражбата. Судот, исто така, нареди конфискација на приносите од криминал во износ од 1,25 милиони евра, но парите не беа пронајдени ни тогаш. Пресудата не беше конечна во времето на објавувањето на извештајот.

Мирнеса се појави и како сведок на судењето на нејзиниот поранешен партнер, каде што зборуваше за желбата да започне нов живот. Иако е повторно слободна, прашањето за судбината на парите останува неодговорено.

Во последните месеци, таа привлече внимание и на социјалните мрежи, каде што се појавува во хумористични видеа со босанскиот инфлуенсер Сермед Мактоуф.

Иако двајцата поминаа низ судски процес и добија затворски казни, повеќе од еден милион евра сè уште не се пронајдени, а останува непознато кој во моментов ги контролира парите од една од најпознатите кражби во Германија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Холанѓанец си го убил таткото и го исекол телото на 238 парчиња, а потоа направил нешто пострашно

Холандските обвинители побараа 12-годишна затворска казна за маж кој го убил својот татко, а потоа го исекол неговото тело на 238 парчиња!

Холанѓанец си го убил таткото и го исекол телото на 238 парчиња, а потоа направил нешто пострашно

Осомничениот ги ставил останките од својот татко во 19 вреќи за ѓубре, кои ги чувал во два замрзнувачи и кутија за складирање повеќе од три години.

„Тој го отстранил телото и ги лажел полицијата и луѓето околу него со години“, изјавил јавниот обвинител пред судот, објави Сан.

Тајмен В., 33, е обвинет за убиство на својот татко на 10 јануари 2021 година. Полицијата ги пронашла останките во куќата на осомничениот повеќе од три и пол години подоцна, во ноември 2024 година.

Обвинителството изнесе тврдења пред судот во Алкмар дека таткото и синот биле во насилен конфликт. Жртвата била удирана во главата осум пати со тврд предмет, можеби статуа на Буда, што самиот осомничен го споменал.

Според патолог од Холандскиот форензички институт (NFI), постои и можност жртвата да била задавена. Осомничениот тврди дека дејствувал во самоодбрана откако неговиот татко го нападнал со нож.

Обвинителството ја отфрли оваа верзија на настаните, нагласувајќи дека осомничениот не контактирал со полицијата по смртта на неговиот татко, туку им кажал на луѓето околу него дека заминал во странство.

Обвинителот посочи дека осомничениот се однесувал кон својот татко „на ужасен и крајно дехуманизирачки начин“. Психијатар и психолог процениле дека имал благо нарушен ментален капацитет, констатација што обвинителството ја прифатило.

Обвинетиот изјавил дека целосно го потиснал и самото убиство и криењето на телото, и дека неговите сеќавања за настанот се појавиле дури околу еден месец по неговото апсење. Меѓу другото, му е дијагностицирано гранично растројство на личноста.

Неговиот адвокат изјавил дека физичкото насилство се случило меѓу татко и син во неколку наврати и дека било взаемно.

Тој додаде дека неговиот клиент ја изгубил довербата во полицијата по претходен инцидент, кога неговиот татко го нападнал со секира, а полицајците не пристигнале веднаш на местото на настанот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Бран штрајкови се најавени во Италија за овој месец- запираат возовите, автобусите и авионите

Италијанските синдикати повикаа на национален штрајк во железничкиот, автобускиот и воздушниот транспорт за 20 и 21 ноември, на кој ќе му претходат неколку прекини на работата и протести на локално ниво.

Бран штрајкови се најавени во Италија за овој месец- запираат возовите, автобусите и авионите

Генералниот штрајк, свикан од Италијанската општа конфедерација на трудот (CGIL), ќе ги опфати сите транспортни сектори, и јавни и приватни, во текот на целиот ден на 20 ноември, објави денеска ADNkronos.

Во исто време, неколку закажани протести и локални штрајкови од следната недела се закануваат да го нарушат транспортот, создавајќи тешкотии за жителите на неколку италијански градови.

Утре Џенова ќе биде погодена од штрајк во транспортот организиран од синдикатот Cub Trasporti, додека синдикален протест ќе се одржи во Козенца на 10 ноември, што ќе го наруши и јавниот превоз.

Во Милано, штрајк на групацијата ATM е свикан за 13 ноември, што ќе доведе до прекини во јавниот превоз во тој град, како и во Монца и Бријанца, а истиот ден, јавниот превоз во Венеција исто така ќе биде засегнат во текот на целиот ден поради прекин на работата.

Штрајкови се планирани и во транспортниот сектор во Бари и Неапол во текот на ноември, соопшти агенцијата.

На национално ниво, критични денови за транспортот, од јавниот превоз до железницата, ќе бидат 20 и 21 ноември, кога штрајкот ќе влијае на железничкиот товарен транспорт, локалниот јавен превоз и железничкиот патнички транспорт, од 21 часот на 20 ноември до 20 часот на 21 ноември.

Што се однесува до секторот за воздушен транспорт, се очекуваат прекини за патниците што летаат на 22 ноември, кога вработените во неколку компании во Фиренца и Пиза ќе штрајкуваат, додека работниците во компанијата Енав во Варезе исто така ќе штрајкуваат.

Покрај транспортниот сектор, прекин на работата е повикан и за италијанските работници во кол-центрите да штрајкуваат на 11 ноември.

Синдикатите заеднички ја повикуваат владата да „обезбеди сериозна индустриска политика за секторот, како и да ги заштити работните места и приходите на работниците“.

Национален штрајк е закажан и за 16 ноември за приватните даватели на здравствени услуги, социјалните претпријатија, како и за регионалните и локалните власти, потсети агенцијата.

Во исто време, училиштата и универзитетите ќе бидат во центарот на широк протест во текот на денот на 20 ноември, свикан од синдикатите и здруженијата на работници во образованието на Италија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер