Одложен почетокот на Светското првенство во скијање

Почетокот на 44-то Светското првенство во алпско скијање чиј домаќин од денеска па се до 19 февруари ќе биде швајцарски ски-центар Сент Мориц е одложен.


Лошите временски услови, обилните врнежи на снег проследени со силен ветар се причината поради која стартот на скијачкиот Мундијал во Сент Мориц е одложен.
Иако организаторот во текот на целата ноќ, но и претпладнево се обидуваше да ги оспособи патеките, сепак временските услови тоа не го дозволија, па предвидените први тренинзи на скијачите во машка и женска конкуренција пријавени за спуст трките се одложени.
На Шампионатот во Сент Мориц ќе настапат 589 скијачи (360 мажи и 229 жени) од 76 земји во светот, меѓу нив и седуммина Македонци: Лидија Симјановска, Антонио Ристевски, Лука Божиновски, Дардан Дехари, Воислав Синадиновски, Марјан Нашоку и Виктор Петров, предводени од селекторот Иван Лссески и неговиот асистент Никола Панчевски.
Сите македонски скијачи ќе учествуваат во квалификациските трки, во велеслалом и во слалом кои според програмата се од 16 до 19 февруари.
Првиот сет медали треба да биде доделен утре по трката во супер-велеслалом во женска конкуренција, нормално, доколку временските услови го дозвлат тоа.

Велика Британија до 2030 година ќе ја зголеми потрошувачката за одбраната на 2,5 отсто од БДП

Велика Британија планира до крајот на оваа деценија да ги зголеми трошоците за одбраната на 2,5 отсто од БДП-то, изјави синоќа британскиот премиер Риши Сунак.

Сунак ова го изјави во Варшава за време на посетата на британските војници стационирани во Полска, каде беше заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

НАТО постави цел за земјите-членки да издвојат два отсто од БДП-то за својата одбрана. Велика Британија во моментов издвојува околу 2,3 отсто.

Според Сунак, во следните шест години во британската одбрана ќе бидат инвестирани дополнителни 75 милијарди фунти.

-Денеска е пресвртница за европската безбедност и историски момент за одбраната на Обединетото Кралство, рече британскиот премиер, кого го очекуваат општи избори најдоцна до јануари 2025 година. /МИА

Хамас повикува на ескалација на сите фронтови

Портпаролот на вооруженото крило на Хамас, бригадите Ал-Касам, повика на ескалација на сите фронтови во телевизиски говор по повод 200 дена од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа на 7 октомври 2023 година.

Во видеото објавено синоќа од Ал Џезира, Абу Убаида го пофали нападот на Иран врз Израел на 13 април, велејќи дека директните напади со дронови и ракети „поставуваат нови правила, повлекоа важни паралели и ги збунија непријателот и оние што стојат зад него“.

Тој повика и на ескалација на Западниот Брег и во Јордан, велејќи дека тоа е „еден од најважните арапски фронтови“.

- Го повикуваме јорданскиот народ да ги засили своите акции и да го крене својот глас, рече тој.

Абу Убаида рече дека Хамас останува на барањата што ги постави на разговорите за прекин на огнот, односно бара Израел да ја прекине воената офанзива, да ги повлече своите сили од Појасот Газа, да им дозволи на раселените да се вратат во северниот дел на Газа и да ја укине блокадата.

Во меѓувреме, Израел вчера ги засили нападите низ Појасот Газа, рекоа жителите, додавајќи дека тоа било едно од најлошите гранатирања во последните неколку недели. Армијата нареди нова евакуација на северот од палестинската енклава, предупредувајќи ги цивилите дека се наоѓаат во „опасна борбена зона“.

Во објава на X, портпаролот на израелската армија Авичај Адраи ги повика жителите на четири зони во Беит Лахиа во северниот дел на Појасот Газа да се преселат во засолништа во две одредени области.

Новото гранатирање и бомбардирање на северниот дел на Појасот Газа доаѓа речиси четири месеци откако израелската армија објави дека ги повлекува своите војници, тврдејќи дека Хамас повеќе не ги контролира областите.

Израел, исто така, овој месец повлече поголем дел од своите сили од јужниот дел на Појасот Газа. Но, обидите да се постигне прекин на огнот не успеаја, а израелските бомбардирања и упади на територијата од која војниците се повлекоа го отежнуваат враќањето на раселените во своите домови./МИА

Хезболах истрела неколку десетици ракети кон Израел

Либанското исламистичко движење Хезболах синоќа соопшти дека истрелало десетици ракети врз северен Израел како одговор на смртта на двајца цивили во јужен Либан, во напад за кој е обвинет Израел.

Борците на Хезболах истрелаа „десетици ракети Катјуша“ врз северен Израел „како одговор на нападите на израелскиот непријател врз домовите на цивилите, особено за масакрот во Ханин и смртта на цивили“, се вели во соопштението на проиранското шиитско движење.

Од почетокот на војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас во Појасот Газа на 7 октомври, секојдневно има размена на оган меѓу израелската армија и Хезболах, кој тврди дека го поддржува палестинското исламистичко движење.

Проиранскиот Хезболах, кој има арсенал ракети и прецизни проектили, гаѓа израелски воени позиции и локации во близина на границата, а Израел реагира со бомбардирање цели на либанска територија, претежно на југ, вклучително и целни напади врз припадници на Хезболах и Хамас. /МИА

притисни ентер