Од срцеви заболувања лани починале 10 000 лица, да се работи на превенција

Минатата година од кардиоваскуларни заболувања во државава се починати околу 10 илјади лица, а поголем дел од нив се жени.

Карактеристично е дека се поместува границата на возраста за смртноста од овие заболувања. Се почесто, поради лошиот стил на живот, од овие заболувања починуваат и млади луѓе на возраст од 40, па дури и под 40 годишна возраст.

Тоа го изјави денеска Елена Ќосевска, раководител на секторот за промоција на здравје во Институтот за јавно здравје и професор на медицинскиот факултет на одбележувањето на Светскиот ден на срцето, 29 септември. Годинашното мото е „Биди херој на срцето".

Кардиоваскуларните заболувања, како што рече,претставуваат најголем здравствен проблем, како во светот, така и во државата.

Според Ќосевска, ризик факторите во почетокот не се познаваат кај здравите луѓе, и поради тоа е потребно нивно рано откривање со редовни прегледи.

– Луѓето мислат дека се здрави но всушност веќе имаат одредени ризик фактори. Видливи ризик фактори се пушењето и крвниот притисок доколку е висок над 140 со 90 веќе е еден знак дека треба да се испитаат и другите параметри и да се констатира кардиоваскуларен ризик. Обично кумулативниот ефект на два три или повеќе ризик фактори е аларм дека граѓанинот треба редовно да посетува доктор и да биде во консултација со својот матичен лекар, рече Ќосевска.

Таа ги повика граѓаните да прават редовни контроли на своето здравје, да го проверуваат и мерат крвниот притисок, холестеролот и мастите во крва, шеќерот во крвта, или ако се пушачи да престанат со пушење. Порача консумацијата на алкохолот да биде согласно со предвидените норми, а тоа значи дневната доза да биде 330 милилитри пиво, десет милилитри ракија или 150 милилитри вино.

– Физичката активност е многу важна. Светска здравствена организација и Светската федерација на кардиолози препорачува дневно најмалку 30 минути луѓето физички да се рекреираат, пешачат. Во нашата држава има многу терени, спортски сали, теретани и други услови се обезбедени само е потребно луѓето да сфатат дека мора да се грижат за своето здравје, посочи Ќосевска.

Зоран Митев од „Здрава иднина" – Здружение за превенција од кардиоваскуларни заболувања вели дека во последните десет години бројот на заболени опаѓа, што е добро за државата, но, како што посочи, треба уште поактивно да работиме на тој план.

Смртноста од кардиоваскуларните забуловања во светот изнесува 17,9 милиони на годишно ниво. Во Европа тричетвртини од вкупно умрените се од кардиоваскуларни болести и малигни заболувања./МИА

Али Ахмети од Струга: На 8 мај да ја запечатиме победата на Европскиот фронт

Денес пред стружани се обрати  претседателот на ДУИ, Али Ахмети со своите соработници, кој им се заблагодари на сите за поддршката, барајќи на 8 мај да биде запечатена големата победа за да се придвижи државата напред.

"Денеска дојдов со една цел, да ви се заблагодарам за големата поддршка овде во Струга, за тековната мисија. Механизмот што ги распостранува содржајните зраци на платформите се челниците на штабовите, мобилизирачката гарда за да се продре до целта. Платформата "Да за Европа, Не за Русија" беше наша, опозицијата сакаше само уништување на ДУИ, ги разбирам и двете затоа што им удри сонцето, но народот одлучува дали ДУИ ќе се уништи или не, 24 април го докажа тоа и потврди дека ДУИ не се распаѓа, но сега оваа ДУИ работи и делува, и со неа има уште 8 субјекти и овој Фронт на 24 април се соочи со опозицијата "ВРЕДИ", а на 8 мај се соочуваме и со ВМРО. Нашата мисија продолжува, сакаме земјата да биде полноправна членка на ЕУ, бидејќи немаме друга алтернатива, на земјата и треба повеќе мир, безбедност, стабилност бидејќи недалеку од нас има големи војни и Европа е загрижена и покрена мобилизација на воената технологија. На 8 мај мора да победи субјектот чија мисија е членството на земјата во ЕУ, бидејќи успешно го завршивме членството во НАТО, од кое корист имаат сите граѓани", рече Ахмети.

Ние не сме себични како политичка партија, ние сме за општиот интерес заедно со другите етникуми, бидејќи од нас се бара да бидеме заедно за да направиме некои промени кои државата ги бара за да оди напред, вака истакна кандидатот за пратеник, Муса Џафери кој додаде: Во 2014 година ветивме дека земјата ќе стане членка на НАТО, сега е членка, а денес ветуваме дека во следниот мандат земјата ќе стане полноправна членка на ЕУ.

Јетон Шаќири како координатор на зоната им се заблагодари на претседателите на штабовите и на сите активисти и соработници кои беа активни на денот на изборите и пред претседателот на ДУИ Али Ахмети гарантираше дека на 8 мај ќе бидат поуспешни отколку на 24 април.

Во меѓувреме, кандидатите за пратеници Арјета Ала, Атиџе Ајро и Мухамед Халили истакнаа дека Европскиот фронт пред се претставува предизвик, посветеност и обврска и дека изборната единица број 5 заслужува повеќе за достоинствено претставување, а 8 мај ќе ја запечати големата победа.

Мицкоски: Општина Аеродром и ова раководство одлучи да стави стоп на бетонизацијата

Општина Аеродром и ова раководство одлучи да стави стоп на бетонизацијата и повеќе да се вложува во зеленилото, во парковите, во забавните катчиња за најмладите.

На покана на градоначалникот и на покана на претседателот на совет и на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ сум денеска овде да направиме увид во градежните активности на овој проект кој што започна пред неколку месеци, ако не се лажам Тимчо, и проект кој што значи заедничка соработка помеѓу општина Аеродром и канцеларијата на Европската Комисија овдека во Македонија. Секогаш каде што се гради, јас сум таму присутен и ги охрабрувам тие проекти.

Многу скоро од денеска со новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, многу од проектите ќе бидат реализирани овдека во општина Аеродром кои што за жал изминатиов период поради притисоците и опструкциите на владата на СДСМ и ДУИ не беа реализирани. Ќе ве потсетам, и добро е да се потсетуваме што се случуваше со општинската обврзница, општина Аеродром беше прва општина која што во Македонија објави таканаречена зелена еко општинска обврзница, но поради опструкцијата на владата на СДСМ и ДУИ таа никогаш не беше реализирана. Општина Аеродром и ова раководство во општина Аеродром одлучи да стави стоп на бетонизацијата и повеќе да се вложува во зеленилото, повеќе да се вложува во парковите, повеќе да се вложува во забавните катчиња за најмладите, нешто што ќе претставува основна политика на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е демографијата и зголемување на ферталитетот, грижа за најмладите. И јас, само охрабрувам и во иднина ќе продолжам да охрабрувам ваков тип на проекти, но добро е исто така да се потсетиме за што се случуваше изминатите две и половина и тоа да не се повтори.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија и идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ќе биде влада на целата територија на Македонија, без разлика на тоа дали во некоја општина имаме градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата или не.

Ја користам оваа прилика од општина Аеродром да ги охрабрам градоначалниците кои што не се од ред на ВМРО-ДПМНЕ да прават проекти, бидејќи нашиот гантограм на активности, некаде втората половина на јуни месец да биде формирана владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, некаде втора половина на месец јули да имаме ребаланс со јасни и прецизни насоки како ќе се трошат парите на граѓаните и есента на првиот оглас да има повик до општините да конкурираат, да поднесат свои проекти, готови проекти со издадени градежни дозволи за да може да се случи првиот трансфер на средства од буџетот кон самите општини за да можат граѓаните да го почувствуваат веднаш она кое што го зборуваме во оваа кампања.

Свесен сум дека поддршката е огромна, свесен сум дека очекувањата се огромни и затоа брзи проекти, брза реализација и брзо граѓаните треба да го почувствуваат тоа што го ветуваме. Доста беа лаги, доста беа порази, доста беше грабеж овие 6 и половина, 7 години, потребно е Македонија да ја трансформираме и Македонија да биде повторно твоја.

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски: На 8 мај масовно граѓаните да излезат и да гласаат за иднината на Македонија, да не дозволат анахрони сили како Ковачевски да не влечат во минатото

„Димитар Ковачевски беше тој кој според него во времето на режимот шлапкаше со рацете на тој исти режим и сега кој е тој Димитар Ковачевски кога шлапкаше во првите редови со рацете апладирувајќи му според него на режимот или овој денеска Димитар Ковачевски кој е жестоко поразен од страна на народот на овие избори поради погрешните политики кои ги водеше изминативе според него 2 години откако е премиер, но во поширока смисла коалиција СДСМ и ДУИ 6 и половина години“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при увидот на градежни активности во Општина Аеродром.

Претседателот Мицкоски продолжи и додаде дека набргу од денеска Македонија ќе е и дефакто слободна држава каде народот ќе си ја врати државата во свои раце.

„Навистина немам што да кажам. Македонија е слободна, Македонија набргу од денеска ќе биде и дефакто формална слободна, народот ќе си ја врати државата во свои раце. Ќе работиме отчетно, транспарентно, во интересот на граѓаните, немаме друг мотив, инспирација ни е овој резултат, историски резултат“, кажа Мицкоски.

Претседателот Мицкоски упати порака до граѓаните да не дозволуваат вакви анахрони сили да не влечат во минатото.

„Мојата порака до граѓаните во Македонија е да не дозволиме вакви анахрони сили да не влечат во минатото и да тонеме во политичко мочуриште додека сите одат напред. Излезете гласајте на 8 мај, да не дозволиме политичка криза. Масовно излезете и гласајте за иднината на вашата семејства и иднината на Македонија. Да не дозволиме овие луѓе да не повлечат заедно со нив во политичкото мочуриште што го подготвуваат Ковачевски и Али Ахмети“, дециден е Мицкоски.

Кумановка измамена за 6.000 денари за набавка на огревни дрва

Седумдесет и двегодишна кумановка пријавила во полицијата дека била измамена за 6.000 денари за набавка на огревни дрва, информираше денеска СВР Куманово.

-Вчера во СВР Куманово, 72-годишна жена од Куманово пријавила дека била измамена од едно лица за сума од 6.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ понудило огревни дрва и откако се договориле и таа му ги дала парите, тоа ѝ кажало дека дрвата ќе ги донесе од складот во кој наводно се наоѓаат, но не се вратило, по што сфатила дека е измамена, соопшти СВР Куманово.

Полицијата презема мерки за расчистување на случајот

Во јануари, годинава беа пријавени два случаи на измами со огревни дрва, првиот повозрасен кумановец за сума од 3.000 денари и вториот случај, кумановка за 5.000 денари.

Во 2023 година на подрачјето на СВР Куманово биле регистрирани вкупно седум (7) измами за дрва, а во 2022 година 15 пријави за измами со огревни дрва. СВР Куманово презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сторителите на овие измами.

-Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на 192, велат од СВР Куманово.

притисни ентер