Од игри на улицата до дружење во виртуелен свет – животот на децата некогаш и сега - Канал 5

Од игри на улицата до дружење во виртуелен свет – животот на децата некогаш и сега

Велат, детето се раѓа како бел лист и што ќе се пишува на него зависи од родителите и околината.

Од игри на улицата до дружење во виртуелен свет – животот на децата некогаш и сега

Но, понекогаш времето со себе носи промени кои влијаат на однесувањето на децата многу повеќе од секој родител на овој свет.

Минатите децении децата со сигурност растеле и созревале во многу поинакви услови од денешните пубертетлии. Со развојот на современата технологија и зависност што се создава кај децата од неа, честопати се поставува прашањето, дали децата денес се попаметни затоа што користат паметни уреди и позрели затоа што се во постојан контакт со медиумите?

Студентот Маја Тодоровска вели дека со задоволство се сеќава на нејзиното детство во 90-тите, затоа што постојано имала време за забава со другарите од маало, играле џамлии или миженка, а во родителите гледала авторитет.

– Мајка ми не беше вработена па секогаш имаше време за мене. Уште од најмала возраст ми читаше сликовници. Се знаеше кога е време за ручек, кога за вечера, а кога за спиење. Подоцна во пубертет се знаеше и од колку до колку најдоцна смеам да се задржам на игранка. Ме учеше да ги почитувам постарите. Да им ослободам место во автобус. Да кажам извини кога ќе згрешам и благодарам кога нешто ќе добијам, вели Тодоровска.

Во споредба со денес, таа смета дека воспитувањето станува поинакво.

– Денес како веќе да не постојат никакви правила или навики, децата се послободни од кога било. Не знаат за авторитет и почит. Не го исполнуваат времето надвор, го трошат пред мобилен телефон, вели Тодоровска.

Љубица Петрова, мајка на две деца, вели дека додека првото дете го учела да вози велосипед, шетале во парк и слушале „Златно славејче", ова второво се буди и заспива со паметен телефон во рака. Загрижена е најмногу и што од зголемени работни обврски денес, не може ни да му посвети доволно внимание.

– Се чувствувам како да немам многу влијание врз моето дете. Единствените „учители" му се популарните „инстаграмџии" и „јутјубери". Тешко е да развие интерес за нешто посериозно. И покрај тоа што е во пубертет, како да нема амбиција или план за нејзин живот, туку живее од денес за утре. Најмногу се запрепастувам кога ќе отидам на родителски состанок. Родителите тогаш се расправаат со учителката, со другите родители и сметаат дека нивното дете е најдобро и само тоа треба да има петки. Во меѓувреме, нивното дете расне во неспособна, незрела и пасивна индивидуа, додава Петрова.

Музика на телефон, гуглање, слики и разни апликации како начин на живот

Петрова вели дека нејзината ќерка денес премногу се грижи за својот изглед, држи разни диети, чита совети на интернет, заразена е со разни апликации и се обидува да изгледа „совршено" и прифатено на социјалните мрежи. Сепак, не верува дека ќе може да ја смени. Едноставно, како што вели, светот функционира на тој начин.

– Мојата ќерка и нејзините соученички најголем дел од времето го користат на социјалните мрежи. Слушаат музика несоодветна за нивна возраст. Се облекуваат пресериозно и излегуваат во доцни часови од дома. Секоја вечер ја мислам каде е и во колку часот ќе се врати, но сепак, се чувствувам беспомошно. Не можам да ја сменам. Сите нејзини пријателки функционираат на тој начин. Тоа е тој тренд што зема се поголем замав. Со првата ќерка се чувствував поспокојно, тогаш немаше излегување толку доцна и таа не живееше во виртуелен свет, додава таа.

Повеќе од очигледно е дека децата денес го гледаат светот со поинакви очи. Вредностите полека, но сигурно, се менуваат.

Психологот Маријана Марковиќ за МИА вели дека кога се зборува за разлики меѓу исти возрасни категории од различни временски периоди, најмногу треба да се имаат в предвид општествено-економските и политички околности.

– Генерациите пред 90-тите години на минатиот век созреваа во социјалистичко општество што се карактеризира со колективност и рамноправност, 90-тите беа години во кои се случуваше распадот на Југославија, војни во соседството, осамостојување на Македонија, друг политички систем, приватизација, пазарна економија, се распаднаа гиганти, луѓето останаа без работа, наспроти колективитет, вредност стана индивидуалитетот, издвојувањето од другите, вели Маркоиќ.

Таа потсетува дека почетокот на првата деценија на овој век беше одбележан со вооружен меѓуетнички конфликт, што во годините добиваше различни облици. Според неа, тоа се исто така клучни елементи поради кои настапила промена на ставови и вредности кај децата, како и промена на моделите за идентификација.

На што се угледуваат децата денес?

Психологот потенцира дека најголема промена е начинот на кој децата ги перципираат современите уметници.

– Ако порано модели за идентификација беа ликови од науката, уметноста и културата, сега модели за идентификација се старлетите, како и оние кои ги кршат колективните вредности (закон, морал) за сопствена корист, вели Марковиќ.

Денешните пубертетлии слушаат многу поинаква музика во споредба со претходните генерации, а најновите идоли им се Инстаграм инфлуенсерите и таканаречените „јутјубери". Сето ова за децата од 90-тите години на минатиот век беше непознат поим. На прашањето колку овие промени влијаат на развојот кај денешните децата, психологот Марковиќ вели дека технолошкиот напредок сам по себе не е ниту добар, ниту лош, доколку во воспитувањето, грижата и љубовта се присутни родителите.

– Пубертетот е период од развојот каде настапува оформување на идентитетот преку испробување на различните социјални улоги. Во овој период, активно се оформува сликата за себе што го вклучува физичкиот „селф". Социјалните мрежи имаат потенцијал да влијаат врз сликата за себе и имаат тешкотии за прифаќање на реалниот „селф" и разочарување доколку не се постигне идеалниот „селф". Сето ова е апсолутно нереално, затоа што се постигнува преку употреба на различни филтери и алатки, вели таа.

Маријана објаснува дека е потребно да се поттикнува прифаќањето на реалниот „селф" во „офлајн" живеењето што се постигнува преку позитивно родителство, врсничка поддршка (наспроти врсничко насилство), стимулирање на општествена одговорност, промовирање на хумани вредности во образовниот процес и медиумите.

Технологијата е занемарлива ако е присутна грижата од родителите

Денес на родителите им се достапни многу информации и совети како најдобро да го воспитуваат своето дете, како да ја развиваат неговата самодоверба, но и да ги научат како вистински да ја користат технологијата. Паралелно со тоа, денес постојат се поголем број на можности и начини како да се помине времето со своето дете. Но, загрижувачки е фактот што најчесто наидуваме на родители, кои едвај успеваат да ги организираат семејните активности поради пренатрупани распореди и преоптовареност со сопствени приватни и работни обврски и често едвај успеваат да ги организираат сите семејни активности.

Сепак, современите родители од преобемните информации се губат во лавиринтот на воспитните мерки и не знаат кој е најдобриот начин на воспитување кај децата.

Марковиќ наведува дека има различни родителски стилови – попустлив, индиферентен, авторитарен и авторитативен. Според психологот, авторитативниот е најпосакуваниот стил. Но, и покрај различноста на стиловите, Маријана истакнува дека може да се забележи тенденција кај родителите да настојуваат нивните деца да бидат најдобри, подобри од другите.

– Ваквиот пристап не се базира на следење на детските можности и потреби, туку на споредување со другите. Тоа доведува до одземање на детството, децата го губат слободното време кое е неопходно за раст и развој, се носат на најразлични активности и тоа станува вредност. Во ваква компетативна средина децата се ставени во предизвик да одржуваат позитивни врснички релации.

Според податоците на психологот, се повеќе родители отсуствуваат од дома, нема работно време од 7-15.00. Токму поради тоа, наведува Маријана, децата се препуштени сами на себе, сами да се справуваат со развојните кризи, што свој одраз наоѓа врз емоционалното зреење кај децата.

– Поради се поголемо отсуство на родителите, децата се изложени на содржини, кои како резултат на развојните карактеристики, не се во можност да ги разберат и да ги совладаат. Ова нормално доведува до стрес кај децата, а во одредени ситуации и долгорочна траума. Од ова произлегува дека самиот технолошкиот напредок како таков, не е ниту добар ниту лош, доколку во воспитувањето, грижата и љубовта секојдневно се присутни родителите. Само со секојдневна грижа од страна на родителите кои се залагаат да го насочат детето на вистинскиот пат, технологијата нема да има штетни последици кај децата, објаснува Марковиќ./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Нова драма во Краков: Маж пукал во полицијата, користел посебен пиштол

Денеска кратко по 13 часот, во близина на улицата Бежановска во Краков, маж пукал во полицајци, кои одговориле со предупредувачки истрели и го совладале напаѓачот. 

Нова драма во Краков: Маж пукал во полицијата, користел посебен пиштол

Во инцидентот нема повредени, јавува Радио Краков.

Како што објави полицијата во Краков, полицајците добиле пријава за маж кој се движел низ улицата Бежановска носејќи предмет што личел на огнено оружје.

За време на полициската интервенција, мажот почнал да пука кон полицајците. Тие одговориле со предупредувачки истрели, по што напаѓачот го фрлил предметот од кој пукал. Потоа полицајците го совладале и го уапсиле.

Осомничен е дека користел пиштол за стартување

Според првичните информации, уапсениот најверојатно користел пиштол за стартување, односно оружје што произведува звучен ефект на истрел. Сепак, полицијата нагласува дека точниот вид оружје ќе се утврди по детален преглед.

Во инцидентот нема повредени. Полициските екипи се уште се на местото на настанот и ги утврдуваат сите околности на пукањето.

Инцидентот се случил пет дена по терористичкиот напад

Инцидентот се случил само пет дена по терористичкиот напад во Краков, што дополнително ги зголеми загриженостите за безбедносната состојба во градот. Сепак, во моментов нема информации што укажуваат на поврзаност помеѓу двата настани.

Во терористичкиот напад што се случи на 7 ноември на Главниот плоштад во Краков, 24-годишен маж со автомобил влетал на плоштадот, а потоа почнал да пука кон минувачите.

Во нападот загинале шест лица, а 15 биле повредени. Напаѓачот потоа се обидел да избега, но бил ранет и уапсен по размена на оган со полицијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Млада ѕвезда ја одби понудата на Реал за продолжување на договорот- од ПСЖ му нудат тројно повеќе

Турскиот репрезентативец Арда Ѓулер (21) наводно ја одбил понудата на Реал Мадрид за продолжување на договорот, објавува турскиот Ајансспор, кој се повикува на ESPN. 

Млада ѕвезда ја одби понудата на Реал за продолжување на договорот- од ПСЖ му нудат тројно повеќе

Според тие информации, шпанскиот клуб му понудил годишна плата од осум милиони евра, но младиот играч од средниот ред не ги прифатил понудените услови.

Пари Сен Жермен е исто така заинтересиран за Ѓулер, кој наводно е подготвен да плати дури 200 милиони евра отштета за играч кој, според Transfermarkt, вреди 100 милиони евра. Францускиот шампион е исто така подготвен да му понуди на турскиот фудбалер годишна плата од приближно 22 милиони евра, што е речиси три пати повеќе од сумата што наводно му ја нуди Реал.

Шпанскиот „Ел Гол Диџитал“ исто така пишуваше за евентуалното заминување на Ѓулер, во кој се наведува дека ПСЖ го следи развојот на ситуацијата околу неговиот договор. Сепак, засега нема потврда дека парискиот клуб му испратил официјална понуда на Реал или дека се започнати преговори за трансфер.

Шпанците претходно напишаа дека Гулер веќе се преговарал за нов договор

Информациите за одбивањето на понудата од страна на Гулер се разликуваат од она што го објавија шпанските медиуми на почетокот на октомври. Во тоа време, угледниот „АС“ објави дека Реал Мадрид и турскиот репрезентативец постигнале договор за продолжување на соработката до летото 2031 година.

Според тој весник, новиот договор требало да вклучува зголемување на платата и продолжување на соработката за две сезони во споредба со постојниот договор кој важи до 2029 година. „Мундо Депортиво“ исто така напиша на почетокот на октомври, повикувајќи се на Фабрицио Романо, дека е постигнат договор за продолжување на договорот, но ја наведе 2032 година како година на истекување.

Во меѓувреме, Реал Мадрид официјално не го потврди новото времетраење на договорот. Затоа, сè уште не е јасно дали преговорите станале покомплицирани во меѓувреме или најновите информации за одбивањето на понудата од страна на Гулер се неточни.

Фенербахче би заработил и од евентуален трансфер

Евентуалното заминување на Гулер од Мадрид би било финансиски значајно и за неговиот поранешен клуб Фенербахче. Турскиот гигант, при продажбата на младиот играч од средниот ред на Реал во 2023 година, се согласил за правото на 20 проценти од износот на неговиот следен трансфер.

Доколку ПСЖ навистина плати 200 милиони евра, Фенербахче би можел да заработи 40 милиони евра според таа клаузула. Сепак, износот на надоместокот во моментов се базира исклучиво на непотврдени шпекулации за трансфер.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Утре променливо облачно со температура дури до 25 степени, заладување од сабота

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со повремени локални врнежи од дожд, информираат од УХМР. 

Утре променливо облачно со температура дури до 25 степени, заладување од сабота

МАКСИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА

12 Попова Шапка, 14 Зајчев Рид, Тетово, Крушево, 15 Лазарополе, 16 Струмица, Претор, 17 Велес, Скопје Петровец, Демир Капија, Гевгелија, 18 Охрид, Кавадарци, 19 Штип, 20 Виница, Берово, Прилеп, 21 Крива Паланка, Битола.

ВРЕМЕТО ДЕНЕСКА И ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ

Времето денес беше променливо облачно со слаб до умерен, наместа повремено засилен, ветер од јужен правец. Во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.

ВРЕМЕТО УТРЕ

Променливо облачно со сончеви периоди и со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува засилен до силен ветер од јужен правец (наместа со брзина над 80 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 13, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.

Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 24 степени.

ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ

Под влијание на серија од влажни бранови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Утре ќе преовладува релативно топло време со температури кои ќе бидат значително над просекот за овој период од годината и ќе дува засилен до силен ветер од јужен правец (наместа со брзина над 80 km/h). Од сабота поради продор на постудена воздушна маса од север температурите ќе бидат во опаѓање, особено во северните делови.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер