Од борба со ајкула до параолимписки медал

Осум години откако ги загуби раката и ногата во напад на ајкула, францускиот парапливач Лоран Шардар (29) освои денеска бронзени медали на Параолимписките игри во Париз во дисциплините 50 метри делфин и 100 метри слободно.

Во август 2016 година, Шардар беше нападнат од ајкула додека сурфаше пред родниот град Реунион. Притоа загуби рака и нога.

Со парапливање почна во 2019 година и на Параолимписките игри во Токио пред три години беше блиску да се искачи на подиумот, завршувајќи на четвртото место. Овој пат успеа да освои два бронзени медали.

„Го освоив бронзениот медал, да го освоиш во ваква атмосфера е лудост“, рече тој по трката во микрофонот на француската телевизија.

Желбата за сурфање не го напуштила. Благодарение на специјално адаптираната протеза, тој продолжува да сурфа рекреативно. /МИА

Мета ги забрани руските државни медиуми на своите платформи

Американската групација Мета, која ги поседува Фејсбук (Facebook), Инстаграм (Instagram) и ВацАп (WhatsApp), соопшти дека им забранува на руските државни медиуми пристап до тие платформи ширум светот, „за да се избегне странско мешање“.

- По внимателно разгледување, ја проширивме нашата акција против руските државни медиуми, се наведува во соопштението од Мета.

Одлуката за забрана е донесена откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатата недела ги осуди дестабилизирачките активности на рускиот медиум „Раша тудеј“ (Russia Today)./МИА

Втор уписен рок за прва година на УКИМ, слободни места има на речиси сите факултети

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска и утре е пријавувањето во вториот рок за упис во прва година додипломски студии за учебната 2024/2025 година.

По првиот уписен рок на 29 и 30 август, слободни места има на речиси сите факултети во состав на Скопскиот универзитет.

Според информациите од УКИМ, на Архитектонскиот факултет во првиот уписен рок се пополнети сите слободни места, додека на Градежен факултет се слободни 233, од кои 123 се наменети за редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет, а 110 за редовни студенти со школарина.

На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) за редовни студенти во државна квота се слободни 194 места, а за тие што ќе ги кофинансираат студиите слободни се 99 места.

На ФИНКИ (Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство) за редовни студенти во државна квота има 59 места, од кои најмногу (41) на насоката компјутерско инженерство. За редовни студенти со школарина на ФИНКИ има 254 слободни места.

За редовни студенти на Машинскиот факултет за вториот уписен рок има 452 места, на Технолошко-металуршкиот факултет 238, на Природно-математичкиот факултет за редовни студенти во државна квота слободни се 418 места, за студенти во приватна квота 324 места, а за вонредни студенти 103 места.

На Економскиот факултет нема слободни места за студенти кои се финансираат од буџетот на РМ, додека за редовни студенти со школарина слободни се 89 места и 49 за вонредни. На Правниот факултет „Јустинијан Први“ има 100 слободни места во државната квора, за студенти со школарина 323 и за вонредни студенти слободни се 49 места.

На Филозофскиот факултет слободни има 592, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ околу 300 места за сите насоки, за редовни и за вонредни студенти. На Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ за редовни студенти во државна квота се слободни 96 места, за студенти со школарина 150, додека за вонредни студенти во вториот уписен рок има 46 места.

На Факултетот за физичко образование, спорт и здравје нема слободни места за редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет, а за редовни со кофинансирање има 73 места и за вонредни 98 места.

- Само девет места се слободни на Медицинскиот факултет за студенти кои се финансираат од Буџетот на РМ, додека за редовни студенти со школарина се слободни 106 места, а за вонредни 92 места. На Фармацевтскиот факултет се слободни 71 место, додека на Стоматолошкиот факултет само 13 места, соопшти УКИМ.

На Факултетот за земјоделски науки и храна има 292 слободни места за редовни студенти во државна квота, 120 за студенти со школарина и 83 за вонредни студенти. На Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ се слободни 161 место, на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер има 57 места и на Факултетот за ветеринарна медицина слободни се 52 места.

- Само едно место е слободно на Факултетот за драмски уметности, додека на Факултетот за ликовна уметност само седум места. На Факултетот за музичка уметност се слободни вкупно 141 место за вториот уписен рок на прв циклус студии, од кои 52 за студенти во државна квота, а 89 за студенти во приватна квота, информира УКИМ на чија веб-страница www.ukim.edu.mk има повеќе информации за уписот на додипломски студии.

Во Брисел продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина

Во Брисел денеска ќе се одржи нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на ниво на главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бисљими.

На средбата во Брисел ќе се разговара за напредокот во имплементацијата на Охридскиот договор и други прашања кои влијаат на нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, изјави портпаролот на Европската унија, Петер Стано.

Според информациите од дипломатски извори, меѓу темите што Белград ги предложи да се најдат на дневен ред е прашањето за мостот на Ибар, како и формирањето на Заедницата на српските општини./МИА

притисни ентер