Обвинителство: Течат законските рокови кога одбраната може да изврши увид во доказите за „Пулс“ - Канал 5

Обвинителство: Течат законските рокови кога одбраната може да изврши увид во доказите за „Пулс“

Течат законските рокови во кои одбраната може да изврши увид во доказите за пожарот во Кочани.

Обвинителство: Течат законските рокови кога одбраната може да изврши увид во доказите за „Пулс“

Од Јавното обвинителство денеска соопштија дека во рамки на истражната постапка за пожарот во дискотеката „Пулс“ која што официјално заврши, собрани се огромен број на докази. Прибрани се материјални докази и документација, обезбедени се детални обдукциски вештачења и извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените.

- По наредба на јавните обвинители, полициски службеници и истражители од истражните центри на обвинителството, на лице место на трагичниот настан и на повеќе други локации, прибраа материјални докази и документација кои беа предмет на вештачење. Обезбедени се детални обдукциски вештачења за причините за смрт на секој од починатите, како и за видот и карактерот на повредите кај повредените лица. Изготвени се градежно и хемиско вештачење, со кои се испитаа околностите во самиот објект, безбедносните стандарди, како и начинот на настанување и ширење на пожарот. Во однос на определен дел од документацијата за клубот се вршеше и графолошко вештачење. Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените. Од бројни електронски уреди (компјутери и мобилни телефони) се вршеше извлекување и анализа на податоци, кои се вкрстуваа со останатите информации добиени во текот на истрагата. Во однос на работата и функционирањето на клубот проверки по насока на јавен обвинител вршеше и Управата за финансиска полиција, информираше Јавното обвинителство.

Со завршувањето на истражната постапка, во следниов период течат законските рокови во кои одбраната може да изврши увид во доказите и да предложи свои докази, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Со истражната постапка опфатени се вкупно 46 осомничени лица кои се сомничат за „тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.

Од Јавното обвинителство додаваат дека доказите кои се прибрани во текот на оваа истражна постапка, а се однесуваат на постапувањето на полициските службеници, обвинителскиот тим ќе ги достави на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција каде Специјализираното одделение до овој момент спроведува истрага против 14 полициски службеници.

- Овој дел од истрагата ќе продолжи и во следниот период со цел целосно испитување на сите факти и околности, велат од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека јавнообвинителската одлука за секој од осомничените поединечно ќе биде донесена врз основа на целокупниот доказен материјал. Дополнително, доколку од анализата на овие или други докази се утврдат елементи на кривично дело и кај други лица, кои до овој момент не се опфатени со истражната постапка, обвинителството ќе постапува согласно своите надлежности.

Во пожарот во Кочани загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Калас повикува на прекин на војната; Русија вели дека не сака да преговара со неа!

Русија изјави дека учеството на шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, во преговорите за ставање крај на војната во Украина би можело да доведе до нивен колапс. 

Калас повикува на прекин на војната; Русија вели дека не сака да преговара со неа!

Москва се противи на нејзиното вклучување во разговорите и ја доведува во прашање нејзината способност да придонесе кон мировниот процес.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Калас е неприфатлива за Москва како преговарач.

Таа ја обвини поранешната естонска премиерка дека е непријателски настроена кон Русија и дека ги отфрла нејзините безбедносни барања.

„Ако некому во Брисел му е важен таков преговарач со Русија, тоа јасно ни покажува какви резултати сакаат да постигнат во дијалогот – а тоа е поткопување на какви било мировни иницијативи“, рече Захарова на прес-конференција во Москва.

Захарова додаде дека Калас би ја извршила оваа задача „со леснотија“. Со ова, таа јасно стави до знаење дека Москва не сака да преговара со актуелната висока претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика.

Овие руски изјави доаѓаат во момент кога европските влади се обидуваат да обезбедат официјална улога во мировните преговори меѓу Украина и Русија, кои се одвиваат со американско посредување.

Европските лидери инсистираат на тоа дека мора да учествуваат во одлуките што се однесуваат на безбедноста на континентот. Досега, Европа не беше директно вклучена во преговорите организирани од Вашингтон.

Постигнат е договор дека, во следната рунда, Европа би можела да биде претставена од Франција, Германија, Италија, Полска, Обединетото Кралство и институциите на Европската унија.

Калас претходно изјави дека Русија нема право да одлучува кој ќе ја претставува Европската унија. Таа нагласи дека не настапува во лично својство, туку како претставник на сите 27 земји-членки – без оглед на противењето на Москва кон нејзиното учество.

Москва ја обвинува Калас за непријателски став Захарова ја обвини Калас дека зазема „отворено русофобичен став“ и дека ги игнорира безбедносните интереси на Русија. Таа тврди дека шефицата на надворешната политика на ЕУ се обидува да го блокира секој договор што би ги зел предвид барањата на Москва.

Руската портпаролка изјави дека Москва е подготвена да соработува со европски претставници кои можат конструктивно да придонесат кон преговорите. Сепак, таа смета дека Калас не го исполнува овој критериум, имајќи ги предвид нејзините претходни изјави и политички ставови.

Калас беше премиерка на Естонија пред да ја преземе европската функција. Таа стана Висок претставник на ЕУ за надворешни работи во декември 2024 година, а оттогаш се залага за построги санкции против Русија и за продолжување на воената помош за Украина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пред 31 година, на денешен ден, беше парафиран Дејтонскиот договор за мир во Босна и Херцеговина

 На денешен ден во 1995 година, во воздухопловната база „Рајт-Патерсон“ во Дејтон, САД, беше парафиран Општиот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина.

Пред 31 година, на денешен ден, беше парафиран Дејтонскиот договор за мир во Босна и Херцеговина

На денешен ден во 1995 година, во воздухопловната база „Рајт-Патерсон“ во Дејтон, САД, беше парафиран Општиот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина – заедно со неговите 12 анекси – со што заврши војната во Босна и Херцеговина и се воспостави нејзиниот уставен и правен поредок.

Овој договор, пред 31 година, ја воспостави државната заедница БиХ, составена од два ентитета – Република Српска и Федерацијата БиХ – кои се и потписници на сите анекси.

По тринеделни преговори, Дејтонскиот договор беше парафиран на 22 ноември 1995 година од страна на тогашните претседатели: Слободан Милошевиќ од Србија, Алија Изетбеговиќ од таканаречената Република БиХ и Фрањо Туѓман од Хрватска.

Договорот беше парафиран во присуство на тогашниот државен секретар на САД, Ворен Кристофер, покрај него, клучни американски посредници беа Ричард Холбрук и генералот Весли Кларк.

Дејтонскиот договор беше официјално потпишан на 14 декември 1995 година во Елисејската палата во Париз.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Украина изоставена од декларацијата на Трамп, Путин и Си, потегот бил направен зад затворени врати

Финскиот претседател Александар Стуб откри дека декларацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот лидер Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг требало да содржи дел посветен на Украина, но ...

Украина изоставена од декларацијата на Трамп, Путин и Си, потегот бил направен зад затворени врати

Финскиот претседател Александар Стуб откри дека декларацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот лидер Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг требало да содржи дел посветен на Украина, но дека Америка побарала тој да биде отстранет.

Стуб за финскиот весник „Хелсингин саномат“ изјави дека првата верзија на декларацијата содржела став за Украина, но дека Вашингтон не бил задоволен од неговата содржина и одлучил да го отстрани. „Формулацијата не беше добра, па Соединетите Американски Држави ја отстранија.

Мислам дека тоа беше добро“, рече Стуб, коментирајќи ја одлуката на американската администрација да не ја спомнува Украина во заедничката декларација.

Финскиот претседател не откри што точно пишувало во избришаниот дел од документот, ниту кој ја предложил неговата содржина. Тој наведе дека деталите за подготовката на декларацијата станале познати за време на разговорите зад затворени врати во Берлин.

На 19 ноември таму се состанаа претставници на таканаречената „Коалиција на подготвените“ – група европски и други земји кои ја поддржуваат Украина.

Главни теми на разговор беа продолжувањето на помошта за Киев и можноста за завршување на војната. Трамп им се јавил на европските лидери од авионот.

Стаб, исто така, потврди дека Трамп, откако ја напуштил Кина, ги повикал учесниците на состанокот во Берлин од претседателскиот авион „Ер форс уан“ (Air Force One).

Притоа, тој им ги пренел деталите од разговорите со Путин и Си. Според финскиот претседател, Трамп изјавил дека војната во Украина мора да заврши, за Европа да може да ги насочи средствата кон други потреби.

Стаб, сепак, нагласи дека тоа не претставува повик за прекин на помошта за Украина. „Според тоа, немаше повик да се престане со поддршката за Украина“, изјави финскиот претседател, отфрлајќи ги толкувањата дека американскиот лидер побарал од европските сојузници да ја намалат или да ја прекинат поддршката за Киев.

Трамп, Путин и Си се сретнаа на 19 ноември во кинескиот град Шенжен. По средбата, тие објавија заедничка декларација за меѓународниот мир и безбедност, во која не се споменува руската инвазија врз Украина. Документот опфаќа реформи во Обединетите нации, намалување на нуклеарните ризици, зголемување на понудата на нафтени деривати, како и почитување на имунитетот на државните функционери пред меѓународните судови.

Во декларацијата се упатува повик до Меѓународниот кривичен суд да не ги злоупотребува своите овластувања

Инаку, во 2023 година, тој суд издаде налог за апсење на Путин поради сомневање за незаконска депортација на украински деца во Русија. Иако тројцата претседатели разговараа за Украина, нивната средба не доведе до договор за прекин на огнот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер